Интересни ситуации за одговорот на одредени држави за ковид-19 низ светот

Додека светот се приближува до бројката од четири милиони заболени од ковид-19, некои региони веќе го достигнаа врвот на заразата, а полека се забавува и вкупниот број на новозаболени и починати. Во Европа досегашниот биланс изнесува повеќе од еден и пол милион заразени и речиси 150.000 починати. Во САД и епицентарот на пандемијата Њујорк досега се регистрирани над 20.000 смртни случаи, но тие секојдневно се намалуваат

На повидок излезна стратегија од корона-кризата

Ситуацијата поврзана со корона-кризата е различна за секој поединечен регион, но повеќето експерти се согласни дека излезот треба да се изведува етапно, со силен фокус на постојаното тестирање и следење, за навремено да се избегне вториот бран на ковид-19. Се чини дека некои земји го достигнаа врвот на коронавирусот, но пред какви било избрзани одлуки за олеснување на рестрикциите, важно е да се биде сигурен дека не се работи само за привремено смирување на заразата. Во продолжение неколку поенти што треба да ги земат предвид владите на државите додека ги креираат своите стратегии за излез од кризата, а кои се препорачани од универзитетски професори и експерти за т.н. излезни стратегии.

Без успешна вакцина или ефикасни медицински третмани, прераното олабавување на превенцијата би можело да доведе до втор бран инфекции. Како што предупредува Јасмина Пановска од Лондонскиот универзитетски колеџ, во случаи со некои минати пандемии, вториот бран има однесено повеќе човечки животи од оној првиот.
Наместо целосна изолација, Јужна Кореја се реши за затворање на границите, широко физичко дистанцирање, фокусирајќи се на тестирање и следење на контактите на заболените, објаснуваат Алекс ван ден Хевер и неговите колеги од Јужноафриканскиот универзитет во Јоханесбург. Таквата стратегија ѝ овозможи на земјата да остави поголем простор за отвореност на својата економија.

Имунитетот во тесна врска со економијата

Економијата може постепено и внимателно да се отвори по пат на тестирање на оние што веќе биле заразени и развиле имунитет, тврдат Ерик Мураил и колегите од Слободниот универзитет во Брисел. Тие сметаат дека оние со имунитет би можеле да се вратат на работа, минимизирајќи го ризикот од нови бранови инфекции, додека другите, оние со несигурен имунитет, остануваат дома. Во меѓувреме, Нов Зеланд имаше воведено едни од најстрогите мерки за изолација, кои почнаа да се ублажуваат почнувајќи од 28 април. На овој начин ќе се постигне вистинскиот баланс помеѓу заштитата на здравјето на граѓаните и создавањето услови за нивна секојдневна егзистенција, пишува Мартин Берка од универзитетот „Меси“.

Доналд Трамп неодамна донесе одлука да престане да ја финансира Светската здравствена организација, обвинувајќи ја за „лошо менаџирање и прикривање на степенот на раширеност на коронавирусот.“ Адам Камрат-Скот од Универзитетот во Сиднеј предупредува дека ваквите буџетски кратења би можеле да предизвикаат банкрот на СЗО токму сега, во екот на пандемијата. Ова би значело отпуштање на персоналот и намалена можност за помош на земјите со ниски и средни приходи.

Изненадувањето во Грција

Се чини дека Грција е лесно погодена од коронавирусот, само со нешто околу 150 смртни случаи досега (и покрај фактот дека полека излегува од тешката десетгодишна финансиска криза). Стела Лади од лондонскиот универзитет „Кралица Мери“ објаснува дека земјата многу научила од финансиската криза и дејствувала експресно, затворајќи ги училиштата, забранувајќи ги јавните собири и обезбедувајќи постојано и квалитетно информирање.
Од друга страна, успехот на Куба во одржувањето мал процент заболени (само нешто повеќе од 1.700 случаи досега) може да се должи на темелното планирање, брзата реакција и способноста за засилување на мерките во зависност од потребата. Но она што ќе се случува понатаму зависи директно од степенот на кубанскиот пристап до сетовите за тестирање, сметаат Емили Морис и Илан Келман од Лондонскиот универзитетски колеџ.

Но и покрај тоа што науката секојдневно излегува со одговори во врска со коронавирусот, постојано се множат најразлични теории на заговор. Сепак, природно е луѓето отсекогаш да бараат сопствени објаснувања за она што им е непознато. Доказ за тоа може да ни биде начинот на кој старите Израелци се справувале со епидемии, изјави Хана Терванотко од канадскиот универзитет „Мекмастер“. Текот на човековата историја секогаш бил обликуван од заразни болести, а сегашната криза секако нема да биде и последна, поентира Дејвид Грифин од институтот „Доерти и Џастин Денхолм“ од Кралската болница во Мелбурн.