Сегашната состојба во Авганистан враќа непријатни сеќавања кога САД се повлекуваа од Виетнам и зад себе оставија цело богатство од воена опрема. Таа вклучуваше сè, од борбени авиони „ф-5“ и хеликоптери „ух-2 хјуи“ до тенкови „м48“ и оклопни транспортери. „Њујорк тајмс“ процени дека опремата што во голема мера можеше да се сервисира, вредела тогашни две милијарди долари, додека во 2020 година нејзината вредност била 9,6 милијарди долари. Запленетата американска воена опрема се најде на насловните страници повторно во средината на минатата деценија кога ИСИС ја презеде контролата во поголем дел од Ирак, заплени модерни тенкови „м1 абрамс“ и голем број „хамви“, кои беа испорачани за ирачката армија. Слично сега се случува во Авганистан додека САД и нивните сојузници се повлекуваат, а талибанците повторно почнуваат да напредуваат. Милитантите ја презедоа контролата во околу една третина од вкупно 421 округ во државата, а поради зачестените напади во изминатиот период, над 1.000 авганистански војници пребегнаа преку границата во Таџикистан. Значителните придобивки на групата ѝ овозможија да заплени големи количества западна воена опрема наменета за авганистанските безбедносни сили. Откритијата на блогот „Орикс“ покажуваат дека само од јуни, авганистанските безбедносни сили загубиле речиси 350 „хамви“, од кои над 300 паднале во рацете на талибанците. Исто така, загубени се 277 пикапи „форд ренџер“, од кои 256 се присвоени, а 21 е уништен. Четири транспортни хеликоптери исто така беа загубени во изминатиот период, вклучувајќи еден американски „ух-60 блекхок“ и три руски „ми-17“.