Обединетото Кралство и Кина најавија свои реформи за заштита од странска шпионажа, со намера особено да внимаваат една со друга, велат Кристина Гаљардо и Стјуарт Лау од „Политико“

Кралството ќе ја штити дигиталната инфраструктура од несакани напади

Велика Британија сфати дека ќе ѝ треба повеќе од Џејмс Бонд за да се спротивстави на кинеското влијание и шпионажа. Државно поддржаниот обид на Пекинг да се инфилтрира во британските компании и истражувачки институции во трката за развој на клучни технологии, генерално, не спаѓа во традиционалното шпионирање. Кралството дојде до заклучок дека треба да примени мерки што се надвор од разузнавачките служби.
Метју Хендерсон, поранешен дипломат на Велика Британија во Пекинг и сега соработник на Советот за геостратегија, вели дека најголем дел од собирањето информации што ги спроведува Кина во Велика Британија се случува „отворено“ во институции како што се компании за истражување и развој што работат на чувствителни иновации, како што се графенот, системите за кодирање и хиперсоничната технологија. Хендерсон додава дека ако „Британците потемелно анализирале дали Кина е партнер со кој би се остварил двоен напредок или всушност цело време била силен системски конкурент, тие ќе направеле помалку грешки и немало толку лесно да им го отворат патот“. Најџел Инкстер, поранешен припадник на МИ6 и моментално висок советник за сајбер-безбедност и Кина во Меѓународниот институт за стратегиски студии, вели дека „ова не е проблем што може да им се препушти само на разузнавачките служби и на безбедносните агенции“.

Надворешно влијание

Еден дел од овој план е новата легислатива за борба против непријателските држави, кој Владата треба да го претстави овој месец со отворањето на новата парламентарна седница од кралицата Елизабета Втора. Има малку детали, но предложениот нов закон ќе им наложи на британските државјани што работат во странски земји да ги регистрираат своите активности или ризикуваат кривично да одговараат. Широк спектар професии, вклучувајќи адвокати и лобисти, ќе подлежат на овој закон.
Регистарот има цел да се спротивстави на заканите од држави како Русија и Кина и треба да биде направен по примерот на Законот за регистрација на странски агенти на САД (ФАРА). Поддржувачите на реформата тврдат дека постојниот Закон за официјални тајни не е доволен. За да се ​​гонат британски агенти што не работат за државната служба и им помагаат на странски држави, потребно е Владата да докаже дека нивното откривање предизвикало штета.
Инкстер и британските политичари во парламентот, кои бараат поагресивна политика кон Кина, сакаат новите закони да бидат построги. Според новиот закон, сите британски државјани што работат за други земји треба да ги обелоденат тие активности, со исклучок, можеби, од таканаречениот безбедносен сојуз „Пет очи“, кој ги вклучува САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, бидејќи имаат потпишано договор што ги спречува меѓусебно да се шпионираат. Но конзервативниот пратеник Боб Сили смета дека сличното постапување со пријателски и непријателски земји може да ги наруши дипломатските врски на Велика Британија.

Во меѓувреме, кинеската влада исто така ги зајакнува своите закони и регулативи против шпионажа. Неодамна таа воведе нова регулатива за протившпионажа, што му овозможува на семоќниот апарат за национална безбедност да бара специфични мерки за компаниите и организациите за кои властите сметаат дека се склони кон странска инфилтрација. Според новата регулатива, Велика Британија се смета за „високоризична“ дестинација, така што ќе се бара од вработените во кинески компании да добијат препораки пред странските патувања и по нивното враќање да споделат информации со властите.

„Поместување граници“

Многу промени настанаа откако Кина стана стратегиски конкурент на Западот. Влијанието на Кина и собирањето информации во голема мера се проширија за да вклучуваат комерцијално чувствителни податоци, огромни бази на лични информации, медицински досиеја, технолошки иновации, како и разузнавачки материјали за активисти за човекови права, како што вели Инкстер. Џереми Флеминг, директорот на британската комуникациска разузнавачки агенција ГЦХК, предупреди дека Кина е најголема закана по западните држави во однос на сајбер-безбедноста и контролата на идните дигитални технологии што се темел на нивните економии и безбедност, за разлика од руската активност.
– Вистинскиот проблем е обемот на кинеските напори за собирање информации, кој е без преседан и има стратегиска димензија, која не е случај за нормалната шпионажа. Кина ги поместува границите во последиците. Информациите што Британците сакаат да ги украдат од Кинезите се многу помалку отколку во спротивен случај – тврди Инкстер.
Центарот за заштита на национална инфраструктура, кој е дел од МИ6, предупреди на почетокот од април дека странски шпиони го користеле Линкдин за да целат на 10.000 официјални претставници во Велика Британија и во странство што имале пристап до чувствителни информации. Овие платформи лесно им овозможуваат на непријателски разузнавачки агенции да идентификуваат и регрутираат државјани од областите во кои имаат интерес. Честа цел се лица што работат во секторот на одбраната, безбедноста, образованието, граѓанската служба, фармацијата и технологијата. Сили додава дека сега многу потешко се забележува мотивацијата зад современите операции за влијание. Актуелниот проблем е како странските држави, користејќи формални и неформални актери и партнери, како компании или поединци, може да ја искористат и да ја поткопаат западната демократија.