Досега во светот против коронавирусот се вакцинираа над 172 милиони лица. Одобрени се осум вакцини, но во наредните недели се очекува и вакцината на „Џонсон и Џонсон“ да започне да се употребува во САД. Според податоците на „Њујорк тајмс“, вакцината на „Фајзер/Бионтек“, која прва беше одобрена во Америка, се користи најмногу во светот. Таа заедно со онаа на „Модерна“ се базира на технологија на информациска РНК, а во тестовите од третата фаза се покажа дека се ефикасни 95 отсто. Израел го потврди овој факт со тоа што набави огромни количества од оваа вакцина во замена за споделување информации за нејзината безбедност. Инаку, Израел и САД се меѓу 61 држава што ја користат вакцината на „Фајзер/Бионтек“, покрај ЕУ и Саудиска Арабија. Во меѓувреме, Унгарија е првата европска земја што ја одобри руската вакцина, заобиколувајќи го Брисел во процесот на одобрување.