Одложувањето треба да го прифатат сите други 27 лидери на ЕУ

Британските пратеници завчера поддржаа одложување на датумот за излегување на Британија од ЕУ, 29 март, и британската премиерка Тереза Меј сега треба официјално да побара од ЕУ продолжување на рокот за брегзит.

За одложување на брегзит е потребна едногласна поддршка од сите 27 други членки на ЕУ. Се очекува лидерите на ЕУ да дадат зелено светло на самит наредната недела, но нема 100-отстотна сигурност дека ќе го сторат тоа.

Ако нема вето, брегзит ќе биде одложен, но рокот не е дефиниран. Меј третпат ќе бара поддршка од пратениците за нејзиниот договор со ЕУ и ако ја добие, брегзит ќе се одложи за три месеци. Во спротивно, тврди Меј, можно е подолгорочно одолжување на брегзит до две години.

Во низа гласања, кои само ги потврдија политичките поделби во Британија, пратениците претходно двапати го одбија планот на Меј, потоа одбија брегзит без договор, а на крајот поддржаа одложување на брегзит. Сѐ уште е можно Британија да излезе од ЕУ на 29 март, но само ако двете страни не успеат да се договорат ниту за брегзит ниту за роковите за негово одложување. Поради сево ова, повторно во игра се повеќе сценарија за брегзит.