Трилатералните односи меѓу САД, Кина и Русија личат на разностран триаголник во кој Кина е во најдобра позиција зашто има подобри односи и со САД и со Русија отколку што САД и Русија имаат меѓу себе. САД, пак, можат да ѝ понудат повеќе „моркови“ на Кина отколку на Русија и треба да ги искористат ако сакаат да предизвикаат поделби во кинеско-рускиот сојуз, смета Џон ван Уденарен од Центарот за национален интерес од Вашингтон

Надворешната политика на САД се соочува со тешка дилема во врска со Кина. Повеќето во Вашингтон се согласни дека Кина е главен стратегиски ривал на САД, ако не и непријател. Сепак, се смета дека Вашингтон ќе може подобро да се справи со другите надворешнополитички предизвици, како Северна Кореја, Венецуела, повлекувањето од Авганистан или интензивирањето на стратегискиот натпревар со Русија, ако ги негува односите со Пекинг.
Администрацијата на Доналд Трамп се реши за стратегиски пристап кон Пекинг, кој предвидува јакнење на одбраната на САД, внатрешната безбедност и на економските операции против Кина. Тој отстапува од почетната позиција на Трамп, која беше трансакциска и фокусирана на намалување на перципираните економски загуби на САД, кои произлегуваат од предаторското кинеско однесување.

Трамп во кампањата зборуваше за трговскиот дефицит предизвикан од недоволниот пазарен реципроцитет и валутната манипулација и нагласуваше дека конкурентната предност на САД се намалува поради долгогодишната кражба на интелектуална сопственост и принудниот трансфер на технологии. Кандидатот Трамп ја обвини Кина дека ја извршила „најголемата кражба во историјата на светот“. Од крајот на 2017 година, пристапот на Трамп се промени и заштитата на САД и на сојузниците од штетното однесување на Кина се претвори во проактивен судир и обид да се спречи кинеското политичко влијание и економската пенетрација во целиот свет. Ова се манифестира најдраматично во високотехнолошкиот сектор, каде што САД поведоа глобална кампања за спречување на „Хуавеи“ и на другите кинески фирми да учествуваат во изградбата на инфраструктурата за новите 5Г-мрежи. Јасно е дека притисокот на САД врз „Хуавеи“ има ефекти бидејќи гигантот неодамна забележа пад во секторот на безжичната инфраструктура.

Трамп би можел да потпише трговски договори со Си за да ги ослабне односите меѓу Пекинг и Москва,
сметаат американски експерти

САД немаат телекомуникациска компанија што сака или може да се натпреварува со „Хуавеи“ или со „ЗТЕ“ во развојот на инфраструктурата на 5Г-мрежите. Поради тоа, конкуренцијата за изградба на 5Г-мрежи во САД и во другите земји што ги блокираат кинеските гиганти се сведува на големите скандинавски компании „Ериксон“ и „Нокиа“ или на јужнокорејската компанија „Самсунг“. Загриженоста за кинеските компани произлегува од нивните длабоки врски со кинеската држава, која, ако „Хуавеи“ или „ЗТЕ“ учествуваат во изградбата на 5Г-мрежите, ќе добие стратегиска предност да ги зајакне клучните елементи на националната моќ – капацитетите за сајбер-војување и прибирање разузнавачки податоци, како и информации за разни операции.

Има одредена логика во напорите на САД да ги исклучат „Хуавеи“ и „ЗТЕ“ од пазарот на 5Г-мрежите. Високотехнолошкиот сектор е значајна сфера во која САД и нејзините сојузници имаат значителна, но и ограничена, компаративна предност во однос на Кина, која Вашингтон сака да ја зачува. Но во контекст на севкупната политика на Трамп кон Кина (со санкциите и со поинтензивната поддршка за Тајван), кампањите против „Хуавеи“ и „ЗТЕ“ за Пекинг значат уште еден обид на Вашингтон да ја клекнат целата кинеска држава на колена.

За жал, администрацијата на Трамп поттикнува токму такви реакции. И во Вашингтон е распространето мислењето дека САД треба да се стремат да ја „скршат“ Кина. Овој агресивен став се темели на погрешната претпоставка дека Пекинг ги зголемува амбициите не само да доминира со Азија, туку и со целиот свет. Експертите главно се согласуваат дека Кина се обидува да ја воскресне својата историска сфера на влијание во Источна Азија, но повеќето гледаат слаби докази дека Пекинг бара доминација на светот. Овој нов пристап е спротивен од политиката што САД ја водеа кон Кина во изминатите четири децении, според која Вашингтон се обидуваше да го поправи кинеското однесување кога тоа отстапуваше од меѓународните норми, но се воздржуваше од експлицитни напори за ограничување на Кина.

Би било многу тешко, но и неизмерно корисно за Вашингтон, ако почне да спроведува посуптилна политика кон Кина, која ќе комбинира ограничувања во високотехнолошкиот сектор и одржување на врските во другите економски сфери меѓу двете држави. Јапонија, која е економски длабоко поврзана со Кина, покажа дека е можно да се спроведува таква стратегија. Токио тивко се обиде да ја изолира својата високотехнолошка инфраструктура од кинеската пенетрација преку мерки како што се реципроцитет на податоци, стратегиски инвестиции за заштита и блокирање на кинеското учество во развојот на јапонската 5Г-инфраструктура. Во исто време, Токио е длабоко посветен на одржување силни трговски врски со Кина, кои се многу битни за јапонската економија.

САД треба да размислат тивко да ја променат својата политика кон Кина од агресивно дејствување кон посуптилен пристап, сличен на тој на Токио. Ова ќе ги дополни напорите на Вашингтон за продлабочување на безбедносните врски со сојузниците и партнерите што се економски поврзани со Кина, но ја делат загриженоста на САД од зголемената кинеска воена моќ во азиско-пацифичкиот регион. Истовремено, Вашингтон треба да се обиде да го вклучи Пекинг во решавањето на меѓународните безбедносни прашања, како што се контролата на оружјето и неширењето на оружјето за масовно уништување.

Во Вашингтон се надеваат декаПутин ќе се откаже од судирите со САД ако сфати дека Русија ќе стане преговарачки адут во односите меѓу САД и Кина

Има силни системски причини зошто треба да се негуваат односите со Кина. Прашањето е дали сакаме да зачуваме еден свет со еден систем. Односите со Кина се од клучно значење зашто ако има два система, многу потешко ќе може да се решаваат глобалните прашања. Затоа Вашингтон не може да си го дозволи луксузот да ја држи Кина во изолација. Ако САД можеа да се фокусираат само на Кина, таквата стратегија на ограничување можеби можеше да успее, како што се случи со Советскиот Сојуз. Но политиката на САД кон Кина не функционира во вакуум, туку се испреплетува со други надворешнополитички предизвици како Иран, Северна Кореја, Венецуела, Авганистан, Русија и слично. За сите овие прашања во интерес на САД е да имаат функционални односи со Кина. Сѐ додека Кина смета дека САД имаат стратегија да ја покорат, тогаш таа секогаш ќе се обидува да профитира од заглавеноста на САД со регионалните прашања и со регионалните сили како Иран и Северна Кореја.

Наводната неизбежност на стратегиското ривалство меѓу САД и Кина, исто така, ја засилува подготвеноста на Пекинг да соработува со Москва и да ја оспорува Америка. САД значително може да ја подобрат својата стратегиска позиција ако најдат начин да предизвикаат поделби меѓу Кина и Русија. Трамп би можел да склучи трговски договор со Пекинг и тој да биде добар почеток за ослабнување на кинеско-руските односи.
Директниот пристап кон триаголната дипломатија сугерира дека САД како најмоќна држава во триаголникот, треба да се обидат да ги прекинат тензиите со Русија, најслабата држава од триаголникот, за да го задржи најблискиот противник, Кина, надвор од рамнотежа. Покрај очигледните домашни политички препреки во САД и во Русија за приближување меѓу двете земји, факт е дека Вашингтон нема многу позитивно влијание врз Москва. Во моментов има мала економска комплементарност меѓу САД и Русија, а има многу повеќе аспекти за конкурентност. Двете земји извезуваат слични производи (Русија – нафта и гас, а САД – гас по подемот на гасот од шкрилци), додека трговската размена меѓу нив е занемарлива. Поради недостигот од „моркови“, Вашингтон во односите со Москва главно се фокусира на „стаповите“ (воени притисоци, санкции и ограничување на рускиот пристап до меѓународниот финансиски систем заснован на доларот) за да се справи со Москва. Овие казнени мерки ѝ нанесуваат штета на руската економија, но исто така ја зголемуваат руската непопустливост кон САД.

Спротивно на тоа, Вашингтон може да му понуди многу повеќе „моркови“ на Пекинг. Кина и понатаму е економски зависна од САД како пазар, кој во 2017 година проголтал една петтина од кинескиот извоз, но и како извор на напредна технологија. Санкциите на САД се штетни за кинеската економија, но и кинеските санкции се штетни за американската економија, поради поврзаноста.

Како што се зголемуваат западните санкции, Русија економски станува сѐ позависна од Кина, што му овозможува на Пекинг да има значително влијание врз Москва. Од друга страна, Кина сè уште зависи од Русија за пристап до некои напредни воени технологии, но и како дипломатски партнер, со кој ќе му се спротивстави на Западот, особено во Советот за безбедност на ОН.

Поради овие нерамнотежи, стратегискиот триаголник меѓу САД, Кина и Русија сега е понеповолен за САД во однос на кој било друг период по 1950-тите. Трилатералните односи меѓу САД и Кина и Русија во моментов потсетуваат на разностран триаголник во кој најголемото растојание меѓу трите темиња е помеѓу Москва и Вашингтон. Кина сега е во завидна позиција и има подобри односи со другите две земји отколку што тие имаат меѓусебно и затоа кај неа е џокерот.

Но приврзаниците на триаголната дипломатија честопати забораваат дека Пекинг во 1950-тите бил огорчен на интензивното дипломатско зближување меѓу Москва и Вашингтон. Никој тогаш не тврдел дека Кина била посилна од Советскиот Сојуз, но САД по Сталин имале многу попрагматичен однос со лидерите во Москва отколку со маоистите во Пекинг. Сега ситуацијата е обратна. Путин е очигледно многу поразличен од Мао, но и тој ја дефинира Русија и руската моќ како спротивставена на САД. Ако Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг успеат да најдат заеднички јазик за трговските и за економските прашања, тогаш тоа длабоко ќе ја наруши Русија. Москва знае дека на крајот од денот, наспроти сите пријателства меѓу Путин и Си, економските односи со САД е клучен националниот интерес на Кина. Најдобриот пример за ова е што кинеските банки избегнуваа да им даваат кредити на руските субјекти под санкции од САД за да не предизвикаат казнени мерки од американските власти.

Москва ќе сфати дека Русија ризикува да стане преговарачкиот адут во односите меѓу САД и Кина и тогаш Путин може да ја преиспита политиката на постојана конфронтација со САД. Можеби тогаш ќе созреат условите за една американска мисија во Москва слично на посетата на Ричард Никсон на Кина во 1972 година во Пекинг. Дотогаш, предноста во стратегискиот триаголник ја има Пекинг, а не Москва.