Промената во врвот на германската влада ќе има големо значење за иднината на европските односи со Русија и со Кина сè додека се присутни поттикнувачите на раздорот во Европа, пишува Тарас Куцио за „Нешенел интерест“

Бран од промени во политиките на Германија по заминувањето на Ангела Меркел

Повлекувањето на германската канцеларка Ангела Меркел од својата функција во Владата нема да ја промени динамиката на руско-европските односи од четири меѓусебно поврзани причини.
Првата причина е тоа што од 2014 година проруските сили во Украина се маргинализирани и не се во можност да победат на претседателски или на парламентарни избори. Тие немаат шанси повторно да станат влијателни поради руско-украинската војна, која како таква ја гледаат три четвртини од Украинците во источна Украина. Со руската анексија на Крим и тековната војна беа загубени 16 проценти од гласачите од украинските избори, кои традиционално гласаа за проруските политички сили. Овие гласачи нема да се вратат да учествуваат на украинските избори, освен ако Крим не се врати во Украина и да има мировен договор за Донбас.

Нов украински претседател, стари политики

Претседателот Володимир Зеленски, кој кога беше избран во април 2019 година веруваше дека може да постигне мировен договор со претседателот Владимир Путин, се спротивстави на истата руска непопустливост и шовинизам кон Украина како и неговиот претходник Петро Порошенко. Зеленски нема да криминализира две проруски политички партии ако сè уште верува дека може да склучи мировен договор со Путин. Зеленски ќе продолжи да ги поддржува целите на Украина за членство во НАТО и во Европската Унија (ЕУ), кои се заведени во Уставот. Украинската поддршка за евроазиската интеграција предводена од Русија е на најниско ниво и нема да се обнови сè додека Русија продолжи да ја окупира украинската територија и да спроведува воена агресија против Украина. Украина ќе продолжи да лобира во европските меѓународни организации, како што се парламентарните собранија на Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО и на ЕУ за да продолжат санкциите и да се задржи цврстиот став кон Русија. Проруските наклонетите гласови во Украина, кои би биле попопустливи кон Русија, ќе останат нерелевантни и без моќ.

Сè уште без формално членство

НАТО ќе продолжи да ѝ нуди на Украина (и на Грузија) само високо ниво на интеграција, но не и Акциски план за членство (МАП) или целосно членство. Источното партнерство на ЕУ секогаш ѝ нуди на Украина (како и на Грузија и на Молдавија) ​​интеграција, но не и членство, поточно еден вид „неформално проширување“. САД ќе продолжат да ѝ испорачуваат воена опрема на Украина. Воените вежби на НАТО со Украина во Црно Море ќе продолжат без оглед на зголеменото спротивставување на Русија кон нив. Турско-украинското стратегиско партнерство и воената соработка ќе продолжат да растат.

Што велат анкетите во Русија?

Според Михаил Зигар, „Путин беше опседнат со Украина уште од почеток“. Путин е доживотен претседател (или барем до 2036 година), а војната ќе продолжи ако тој остане да биде лидер на Русија. Но дури и Путин да не беше повеќе руски претседател, војната немаше да заврши, бидејќи изворот на војната лежи во руските ставови за Украина како централен дел од рускиот свет, затоа што Украина се смета за „вештачка држава“, а на Русите и на Украинците се гледа како на „еден народ“. Осумдесет и шест отсто од Русите ја поддржуваат анексијата на Крим, вклучувајќи го и опозицискиот политичар Алексеј Навални. Како што објави центарот „Левада“, „не постои ниту еден друг индикатор во анкетите што центарот ги спроведе во последните седум години што останал толку стабилен“ како што е руската поддршка за анексијата на Крим. Педесет и седум отсто од Русите го поддржуваат отцепувањето на Донбас од Украина. Седумдесет отсто од Русите го поддржуваат издавањето пасоши на украинските граѓани во Донбас, т.н. Народни републики Донецк и Луганск, под контрола на Русија. До крајот на 2021 година се очекува да бидат издадени еден милион пасоши.

Санкции на неопределено време

Окупацијата на полуостровот ќе остане пречка за мирот во Донбас на неопределено време, бидејќи ниту еден украински лидер не би поддржал мировен договор што ќе вклучува признавање на рускиот суверенитет над Крим. Издавањето руски пасоши ќе стане уште една голема пречка за мирот.
Европските (и западните) санкции ќе останат да важат на неопределено време. Тоа е така затоа што Русија нема да се повлече од Крим, нема да биде постигнат мировен договор за војната во Украина, а Русија ќе продолжи да води сајбер-војни, да спроведува хакирања, атентати и други форми на хибридна војна против западните цели. Од тие причини, генерално, руско-европските односи нема значително да се променат и во иднина.