Полиција сė уште трага по вооружениот до заби припадник на белгиската армија Јирген Конингс

Според пишувањата на европските медиуми, станува збор за припадникот на белгиската армија Јирген Конингс, инструктор за гаѓање, кој по неколку заканувачки пораки за ковид-19 упатени до главниот виролог Марк ван Ранст, шеф на белгиското јавно здравство, се одметнал со оружје и ја кренал цела Белгија на нозе, но и соседните земји

Десничарски екстремист му се заканува на врвен епидемиолог во Европа

Припадникот на белгиската армија Јирген Конингс, инструктор за гаѓање, се одметна со оружје и ја крена цела Белгија на нозе, но и соседните земји, кои се понудиле да помогнат.
Станува збор за десничарски екстремист, кој оставил зад себе три проштални писма и вооружен до заби ја напуштил касарната во Леополдсбург, за да се пресмета со вирологот Марк ван Ранст, човекот против кого извесен период пишувал заканувачки писма. Оставил три проштални писма и се упатил во непознат правец.
Би-би-си објави дека претходно му се заканувал на вирологот Ван Ранст, шеф на белгиското јавно здравство по прашањата за епидемијата на коронавирусот. Според пишувањата на западните медиуми, Ван Ранст и неговото семејство се преместени на безбедна локација откако Конингс исчезнал.
Во Белгија од завчера е прогласено највисоко ниво на опасност, а последните извештаи велат дека околу 350 полицајци и војници се распоредени во областа на националниот парк во близината на границата со Холандија, а околу 250 припадници на специјалните сили се тргнати во потера, заедно со хеликоптери и војници од Германија, но и од Холандија.
Се пребарува парк-шумата од 12.000 хектари блиску до границата со Холандија, но веќе постојат сомневања дека војникот успеал да се извлече и да се доближи до своите потенцијални жртви.

Во белгиската јавност сега се води дебата за тоа како е можно добро познат симпатизер на крајната десница да има пристап до воено оружје.
Би-би-си објави дека тој го зел оружјето од касарната во Леополдсбург под образложение за организирање вежба за стрелање.
Полицијата апелира до јавноста ако некој го види Конингс, да не му приоѓа, туку веднаш да ги информира службите.
Властите велат дека исчезнатиот воен инструктор претставува најголема можна опасност и можеби планира напад врз институции или поединци.
Полицијата со часови ја пребарувала шумата околу градот Дилсен-Стокем, блиску до куќата на Конингс, во северната провинција Лимбург, откако бил пронајден автомобилот на војникот, полн со тешко вооружување.
Според пишувањата во медиумите, во автомобилот биле пронајдени четири противтенковски ракети и муниција, а полицијата верува дека Конингс сè уште е вооружен со друго оружје, вклучувајќи и краток митралез, а на себе носи панцир.
Од она што е познато, полицијата засега го затвори националниот парк Хоге Кампен, кој се протега на 12 хектари шума, во близината на границата со Холандија.
АП наведува дека неколку касарни се затворени, а на војниците им е забрането да заминуваат.

Во исто време, весникот „Ле Соар“ известува дека специјалните единици со оклопно возило влегле во националниот парк, но по неколкучасовната потрага сѐ уште нема никакви информации за вооружениот бегалец.
Инаку, Јирген Конингс, според прошталното писмо, не се чувствувал добро од коронавирусот, за што и јавно пишувал против вирологот Марк ван Ранст, кој се сметал за водечки стручњак во Белгија во оваа област и бил на чело на јавното здравство во соочувањето со пандемијата.
Вирологот и неговото семејство се евакуирани на непозната локација, но безбедносните сили и натаму се на штрек, бидејќи надлежните соопштиле дека Конингс „може да биде многу насилен“, а има минато со толку квалитетна обука што, ако сака, „може да се скрие и од нас“.