Речиси сите во Германија се согласуваат дека Берлин треба да преземе поголема одговорност за националната и за европската безбедност, но не можат да се договорат како да се спроведе тоа. Несогласувањата повторно избија на површина по неславната изјава на Макрон дека НАТО е „клинички мртво“

Годишнината од падот на Берлинскиот ѕид пред 30 години поттикна многу Германци да си постават разни варијации на истото основно прашање „како стигнавме дотука“. Тоа прашање е особено тешко кога се работи за безбедноста, предизвик за кој многумина се надеваа дека ќе се реши со завршувањето на Студената војна. Наместо тоа, загриженоста за безбедноста се врати на врвот на политичката агенда, при што Германија повторно се обидува да ја дефинира својата улога во трансатлантскиот сојуз, Европа и пошироко.

Ако има едно нешто за што германските политичари и експерти се согласуваат, тоа е дека нивната земја треба да „преземе поголема одговорност“, како што во изминатите години повторуваа сите, од германскиот претседател преку канцеларката до министрите за надворешни работи и за одбрана.
Едноставно, со оглед на големата улога на Германија во Европа, нејзиното богатство и извозно ориентирана економија, Берлин треба да игра поактивна улога на глобалниот безбедносен фронт, наместо да се крие зад САД.
Дотука е јасно. Но политичките елити во Германија заглавуваат на прашањето како да се постигне тоа. Ваквите поделби беа уште повидливи во изминатите денови, особено по сега веќе неславната забелешка на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО е „клинички мртво“. Но Германија не мрднала многу во однос на прашањето „за преземање поголема одговорност“ уште од времето кога таков повик прв упати бившиот претседател Јоаким Гаук на минхенската конференција за безбедност во 2014 година.

Најновата дебата почна кога министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер, лидерка на демохристијаните и кандидатка за наследничка на Меркел на функцијата канцелар на Германија, побара државата да има поцврста улога во борбата против глобалните кризи.
– Не треба само да чекаме да видиме дали другите преземаат активности, па дури потоа и ние да одлучиме дали да учествуваме. Треба да даваме предлози, да развиваме идеи и да претставуваме опции – порача министерката.
Таа неодамна научи на потешкиот начин дека проактивниот пристап не е толку популарен во германската видливо пасивна безбедносна култура. Кога министерката предложи Германија и нејзините сојузници да помогнат во формирањето „безбедносна зона“ за Курдите во Сирија, намерно оставајќи ги нејасни деталите за тоа како би се формирала, пробниот балон веднаш беше отфрлен од сите страни како наивен и неизводлив. Тоа беше поблагата критика.
Еден истакнат критичар, лидерот на Зелените, Роберт Хабек, во радиоинтервју рече дека безбедносните идеи на министерката се погрешни и само ја поткопуваат довербата на јавноста во Владата. Хабек, за кого истражувањата велат дека има шанси да стане новиот канцелар на Германија, вели дека фокусот на државата треба да биде на развивање заеднички европски одбранбени структури. Тој вели дека ја прифаќа анализата на Макрон за НАТО, иако би користел поинаква терминологија.

– Сѐ додека Доналд Трамп е претседател на САД, а и којзнае што ќе следува по него, веќе не можеме целосно да сметаме дека НАТО и безбедносните системи од изминатите децении ќе можат добро да функционираат. Затоа, европските држави треба да се здружат и да развијат заеднички стратегии – вели тој.
Пошироко, Хабек смета дека Германија треба да одлучи каква е мисијата на нејзината армија. Наместо да ветува дека ќе троши милијарди евра на армијата, како што стори Германија во согласност со целта на НАТО-членките да трошат два отсто од бруто-домашниот производ (БДП) на одбрана, Берлин треба прво да дебатира за какви закани треба да ја опреми армијата. Министерството за одбрана на Германија всушност го стори токму тоа пред три години.
Министерот за надворешни работи, Хајко Мас, социјалдемократ и друг гласен критичар на предлогот за Сирија, пак, даде свое мислење за целата ситуација.
– Мора да преземеме поголема одговорност за да гарантираме своја безбедност во Европа и во Германија – изјави тој, без да открие повеќе детали.

Мас и неговата партија се спротивставуваат на проактивниот пристап на министерката Крамп-Каренбауер, но тие исто така се претпазливи во врска пристапот „Европа на прво место“, кој го туркаат Макрон и Хабек, ако тоа му штети на трансатлантскиот сојуз. Мас предупреди да не се преземаат чекори што ќе го „поткопаат НАТО“, додавајќи дека ниту Германија ниту Европа не би можеле ефикасно да се одбранат без поддршка од САД.
– Надворешна и безбедносна политика без Вашингтон би била неодговорна. Раздвојувањето на американската и на европската безбедност би било опасно. НАТО ќе ни биде потребно и во наредните години – нагласи тој.

Забелешките се изненадувачки, имајќи предвид дека Мас претходно се залагаше Германија да се дистанцира од САД. Мас беше домаќин на својот американски колега Мајк Помпео за време на прославата на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид и се чини средбата му оставила силен впечаток.
Во каква состојба тогаш е германската дебата за безбедноста? Бесцелна, нејасна и загубена во противречности – односно иста каква што беше и претходно.