Од падот на Берлинскиот ѕид, европските и американските лидери признаваа дека проширувањето на ЕУ е клучно за европскиот просперитет и мир. Одлуката на францускиот претседател да ги блокира европските аспирации на Албанија и на Македонија стави симболичен крај на ерата по 1989 година

Кристофер Хил

Од падот на Берлинскиот ѕид пред 30 години, западните лидери постојано тврдат дека не постојат проблеми на европскиот континент што не можат да се решат со ангажман на Европската Унија или со проширување на европскиот проект. Но таа долгогодишна позиција се чини дека се менува, како резултат на комбинацијата од внатрешни проблеми на ЕУ и американската рамнодушност.

Можеби изгледа чудно што САД би охрабрувале членство во некој друг клуб. Но од својата водечка позиција во рамките на НАТО, највисоката европска безбедносна организација, САД секогаш ги поддржуваа европските напори за консолидирање на политичкото и на економското единство на континентот. ЕУ, од своја страна, призна дека членството во блокот е логична аспирација за постсоветските земји што се наоѓаат на нејзината периферија. Иако продлабочувањето и проширувањето на структурите на ЕУ се покажа потешко отколку што сметаа многу американски набљудувачи, европските лидери продолжија да го спроведуваат, меѓу другото и зашто тоа се очекуваше од нив во контекст на историјата по Студената војна. Но неодамнешниот самит на Европскиот совет на 17-18 октомври даде потврда дека нешто се сменило. Францускиот претседател Емануел Макрон донесе судбоносна одлука да ги блокира преговорите со Албанија и со Република Северна Македонија за пристапување во ЕУ. Со напуштањето на Британија на ЕУ и со повлекувањето на германската канцеларка Ангела Меркел од политиката, Макрон е јасен наследник на европското раководство. Но неговото размислување за прашањето за проширувањето на ЕУ е нејасно. Многумина, дури и на Балканот, кој сака заговори, претпоставуваат дека Макрон едноставно нема апетит за тешкиот процес на зачленување на уште две земји од сè уште проблематичниот регион, со оглед на внатрешните предизвици со кои веќе се соочува ЕУ. Сепак, разочарувањето, па дури и гневот, поради одлуката на Макрон се очигледни во Тирана и во Скопје. На крајот на краиштата, Северна Македонија само што заврши со промена на официјалното име за да ја смири Грција, која стави вето на нејзиното членство со образложение дека нејзиното име е премногу слично на грчкиот регион Македонија. Во меѓувреме, Бугарија, друга членка на ЕУ, исто така ги фрустрираше напорите на Северна Македонија, обвинувајќи ги Македонците дека ги присвојуваат бугарските национални херои и барајќи од нив да ги изменат историските книги. Соочен со ваквите барања и мачејќи се со корупцијата наследена од неговиот претходник (кој за чудо најде „азил“ во Унгарија), релативно новиот, неискусен премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, заклучи дека на неговата земја итно ѝ е потребен прием во НАТО и во ЕУ. Тој се фрли да ја спроведува долгоочекуваната промена на името, ги нормализира односите со Грција, ги смири Бугарите и побара членство. Тој знаеше дека промената на името не е добро за рејтингот, дека многу Македонци на тоа гледаа како на понижување што може да се оправда само со членство во ЕУ. Но бидејќи и НАТО и ЕУ го посочија спорот за името како главна препрека за членство, тој и македонската јавност имаа големи надежи за прием во обете организации. НАТО од своја страна го одржа ветувањето. Иако некои членки сè уште треба да го одобрат, Република Северна Македонија се очекува да стане полноправна членка на НАТО на самитот на Алијансата во декември.

Но процесот за пристапување во ЕУ е многу побавен. Макрон, кој многу малку зборуваше на оваа тема, се чини дека е загрижен дека продолжувањето на проширувањето на блокот ќе ја отежни реформата на нејзините управувачки структури. Но притискајќи на кочницата, Макрон го стави Заев во несигурна позиција. Гласачите на Северна Македонија, со уништени надежи, одново ќе одат на општи избори во април.

Во минатото, можеби можеше да се очекува интервенција од САД. Но во контекст на неартикулираната надворешна политика на американскиот претседател, Доналд Трамп, маките на малите, далечни земји како Северна Македонија и Албанија, едвај се регистрираат. Се разбира, можно е Трамп да се измори од ѕвездената моќ на францускиот претседател и со задоволство да ја поздравува актуелната критика кон него. Исто така е можно Трамп да не сака Албанија и Северна Македонија да влезат во ЕУ. Но, најверојатно, тој едноставно нема идеја што се случува во Западен Балкан. До пред само неколку години, САД без сомнение ќе работеа со ЕУ за да го олеснат процесот за пристапување на двете држави. Членството во ЕУ не би ги решило нивните проблеми, но би помогнало во решавањето на институционалните слабости и би ѝ сигнализирало на сѐ пореваншистичката Русија дека се наѕира крајот на геополитичката игра на Балканот. Имајќи ја предвид траумата што регионот ја претрпе во изминатите 25 години, Америка и Европа имаат должност да го исполнат ветувањето од ерата по Студената војна.

Авторот е поранешен амбасадор на САД во Македонија