Планот на сер Воткинс беше едноставен, ама амбициозен – да ја изгради највисоката структура во светот. Железничкиот магнат беше инспириран од Ајфеловата кула, висока 300 метри, која беше отворена за јавноста во Париз, во 1889 година. Тој сакаше и Лондон да добие своја кула, ама уште повисока

Пред Вембли да го добие својот светски познат фудбалски стадион, еден викторијански железнички магнат имаше уште поголеми планови за претворање на мочуриштата во своевиден лондонски одговор на Ајфеловата кула во Париз. Планот на сер Едвард Воткинс бил едноставен, но амбициозен – да ја изгради највисоката структура во светот. Железничкиот магнат бил инспириран од Ајфеловата кула, висока 300 метри, која беше пуштена во употреба крај реката Сена во 1889 година. Тој сакал и Лондон да има таква кула.
– Како и другите мажи од викторијанската ера, тој сакаше да остави свое влијание врз светот. Кулата требаше да биде негово наследство – истакнува Џејсон Соер од Лондонската школа за архитектура.

Иницијатор на изградбата бил сер Едвард Воткинс

Ајфеловата кула беше највисоката структура направена од човекот во светот, кога беше завршена изградбата во 1889 година. Таа првично беше отфрлена од критичарите дека е чудовиштен додаток на убавата архитектура во градот, но потоа стана глобална туристичка атракција и неизбежен дел за париските разгледници. Воткинс сакаше и Британија да има иста таква кула. Но наместо изградба на ривалска кула во централен Лондон, тој сметаше дека мочуриштата на градската периферија се совршено место. Тој купи големо земјиште во областа на Вембли, како дел од неговиот голем план за изградба на цела нова заедница, поврзана со Лондон преку железницата, на која беше претседател од 1872 година. Неговата кула требаше да биде светилник за ова ново рајско предградие, со удобни домови сместени помеѓу пријатните паркови, оддалечени на само 12 минути возење од Бејкер стрит. Сиромашните ќе можеа да ги заменат преполните улици со болести од централен Лондон за чист селски воздух. Неговиот парк требаше да ги охрабри градските туристи да уживаат во неговата железница, а патувањето до кулата требаше да биде јаготката на шлагот. Паркот, кој имаше езеро за веслање, водопад и различни спортски терени, беше отворен во мај 1894 година и набргу стана популарен, а само во првите неколку месеци го посетија 100.000 лица.

Но работата со кулата не одеше добро. Дизајнот на градбата беше на лондонските архитекти Стујарт, Мекларен и Дан, кои победија на конкурсот меѓу 67 учесници. Воткинс дури и му понудил на Густав Ајфел да ја копира неговата кула, но архитектот на париското ремек-дело љубезно го одбил, стравувајќи дека неговите сонародници ќе сметаат дека „не е доволно добар Французин“, ако им помогнел на Англичаните да изградат уште поголема кула од француската.
Проектот на Стујарт, Мекларен и Дан многу потсетува на Ајфеловата кула, иако беше направен од челик, наместо од железо, и со висина од 350 метри беше за 50 метри повисок од париското ремек-дело. Плановите предвидувале да има и хотел со 90 соби, ресторан, театар, продавници, турски бањи, зимски градини и шеталишта, како и метеоролошка станица и опсерваторија на врвот.

Но Вембли беше погрешно место за таков проект поради две главни причини. Прво, земјиштето беше калливо и мочурливо и пропаѓаше. Првата фаза од кулата, составена од четири гигантски нозе што поддржуваат плато 47 метри во воздухот, беше изградена непосредно по отворањето на паркот. Но набргу градбата многу се накриви, а накривувањето беше уште повеќе изразено две години подоцна.
Второ, кулата беше предалеку од централниот ден на Лондон.
– Вембли не беше еквивалент на локацијата на Ајфеловата кула. Луѓето што доаѓаа таму откриваа оти нема многу што да се види, а сигурно не панорамска глетка на Лондон. Доколку ја изградеше во „Хајд парк“, најверојатно ќе беше голем успех – оценува Кристофер Костело, директор на „Викторијан сосајети“.
Надежите на Воткинс дека оваа негова делумно изградена кула ќе оствари ист брз успех како Ајфеловата кула, набргу згаснаа. Интересот на јавноста избледи, при што посетителите донираа само 27.000 од потребните 220.000 фунти. Воткинс вложи 100.000 фунти од своите пари, но до крајот на 1894 година градежните работи престанаа. Во обид да се заживее интересот на јавноста, лифтови беа инсталирани во 1896 година, за да можат посетителите да се качат на платформата. Сепак, во првите шест месеци, само 18.500 лица платија да се качат на неа.

Воткинс, кој исто така имаше несреќен обид за копање канал преку Ла Манш во 1880-тите, почина во 1901 година. Наредната година неговата кула беше затворена за јавноста, а во 1906 година беше урната. Иако неговата кула беше неуспешна, неговата визија за Вембли се покажа како полн погодок. Објектите за разонода во паркот се покажаа популарни и станаа место за големи собири. Местото на Вембли на листата на глобални икони ќе биде потврдено во 1923 година, кога беше отворен големиот нов стадиум, на кој се одигра финалето од купот помеѓу фудбалските тимови Болтон вондерерс и Вест Хем Јунајтед. Во 2002 година, кога стадионот беше урнат, работниците најдоа големи бетонски столбови под теренот. Тие беа првите и последни остатоци од лондонскиот одговор на Ајфеловата кула.