Програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја тече „со полна пареа“

Испраќањето американска хуманитарна помош на Корејскиот Полуостров може да ја поттикне обновата на нуклеарната дипломатија, вели Виктор Ча за „Форин аферс“

Нуклеарна дипломатија

Ракетниот тест што беше извршен оваа недела го наруши невообичаено мирниот период на фронтот во Северна Кореја, потсетувајќи ја администрацијата на Бајден дека силната желба на земјата за нуклеарно оружје на крајот ќе бара внимание од Белата куќа. Режимот на севернокорејскиот претседател Ким Јонг-ун во Пјонгјанг обожава да ги тестира новоизбраните американски лидери. Севернокорејските провокации обично се одвиваат блиску до претседателските и конгресните избори во САД, што се покажа особено точно во последните неколку изборни циклуси.
Но овие тестови не се единствените вознемирувачки знаци. Програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја исто така тече „со полна пареа“, како што уште во септември потврди Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија. Раните докази вклучуваат термички сателитски снимки снимени во март и анализирани од Центарот за стратегиски и меѓународни студии, што укажуваа дека режимот ја обновил преработката на плутониум и збогатен ураниум во нуклеарниот објект „Јонгбјон“. Јасно е дека Северна Кореја сака да има модерна сила што може да се вклучи во нуклеарна војна и да им се закани на САД со проектили што можат да носат повеќе боеви глави, непробојни на балистички ракети и можат да возвратат против американски превентивен напад. Ако се оствари тоа, нуклеаризацијата на државата никогаш нема да се промени, дури ни со сила. Ова е причината зошто администрацијата на Бајден на крајот ќе треба да одлучи како да ја запре Северна Кореја. Постојат две патеки за излез од оваа состојба. Може да се чека на криза и да се ризикува друга речиси воена состојба или може да се дејствува сега, со враќање на дипломатијата на вистинскиот пат преку хуманитарна помош што вклучува американски вакцини против ковид-19 и храна.

Засега на сите им одговара одложената акција

Останува нејасно каков пристап ќе преземе администрацијата на Бајден. Нејзината политика беше намерно воздржана и не покажуваше итност да ги искористи претходните договори и да најде дипломатско решение. Ова е така затоа што националниот тим за безбедност на Бајден е длабоко скептичен во намерите на Северна Кореја за денуклеаризација и има многу други работи со кои се занимава во моментов. Сунг Ким, специјалниот пратеник на САД за Северна Кореја, изјави подготвеност да се сретне со Севернокорејците, но повеќето набљудувачи во Вашингтон чувствуваат претпазливост, а не ентузијазам од администрацијата кога станува збор за односите со Пјонгјанг. Покрај тоа, сега, кога завршија американските воени операции во Авганистан, раководството на Стејт департментот е целосно фокусирано на дипломатската мисија во таа земја, што значи дека има малку време за внимание на Северна Кореја.
Очајната економска состојба предизвикана од поплавите и пандемијата, 21-месечното затворање на границата меѓу Северна Кореја и Кина, доведе Пјонгјанг внатрешно да се фокусира. Режимот нема интерес да одговори на повиците за помош од Владата во Јужна Кореја. Покрај тоа, Кина не направи ништо за промовирање на дипломатијата. Сите овие потези му даваат простор на Бајден да го стави Пјонгјанг во втор план.
Досегашниот релативно мирен период се очекува да заврши до крајот на годината или порано, бидејќи Ким најверојатно ќе се врати на старото. Додека Северна Кореја се приближува кон комплетирањето на нуклеарните капацитети, провокациите би можеле да станат позначајни и поопасни. За да се избегне разводнувањето на дипломатските напори, администрацијата на Бајден може да почувствува потреба да реагира насилно со блокада. Но Северна Кореја нема да отстапи, што би значело повеќе тестирања, попровокативни воени вежби и криза слична на онаа што изби во првата година од мандатот на Трамп.

Ковид-19 отвора нова врата

Единствениот одговор за спречување на нуклеарната закана е дипломатијата. Во меѓувреме останува непознато колку заболени и смртни случаи се регистрирани во Северна Кореја, но мерките што ги презеде Владата за да го ограничи ширењето на вирусот, исклучително тешко го погодија неговото население. Трговијата со Кина е намалена дури за 90 отсто, а цените на храната растат. Ким веќе ја отфрли понудата од околу три милиони вакцини од кинеско производство преку „Ковакс“, наводно поради загриженост за нивната ефикасност.
Несигурноста за храна во Северна Кореја, исто така, остава простор за дипломатија. Вакцините и храната може да изгледаат како мал чекор напред и заобиколен пат до денуклеаризацијата, но хуманитарната помош ќе одговори на итните потреби на севернокорејскиот народ, ќе промовира солидарност со Јужна Кореја и ќе ги намали шансите Ким да изврши големи провокации со оружје. Договорот за обезбедување американска помош ќе го намали кинеското влијание во Пјонгјанг. Ако САД не се подготвени да бараат таква помош, тогаш можат да ризикуваат со следниот нуклеарен тест на Ким и да се надеваат дека традиционалната дипломатија ќе постигне успех. Но покрај сè друго со што треба да се справи Бајден, едвај му треба уште една криза.