Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече американските сили и да им ја откаже поддршката на курдските сојузници во Сирија, со што практично ја поддржа турската операција во оваа земја, беше жестоко критикувана дури и од некои од неговите најблиски сојузници во Републиканската партија. По бурните реакции, Вашингтон воведе санкции против Анкара и побара итен прекин на огнот од турските власти. Во меѓувреме, Курдите побараа помош од нивниот довчерашен непријател, армијата на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Кога станува збор за јавното мислење во САД за потегот на претседателот Трамп, повеќето Американци велат дека немаат доволно информации за ситуацијата, но сепак поголем број од нив се противи на повлекувањето на силите од Сирија. Меѓу демократите, 57 отсто велат дека е погрешно да се повлечат американските сили од регионот. Од друга страна, наспроти критиките од водечките републикански функционери, само 16 отсто од поддржувачите на Републиканската партија сметаат дека повлекувањето е погрешен потег, покажува анкета на Југов за Си-би-ес њуз.