Џонсон доби јасен мандат за брегзит

195

Конзервативците на премиерот Борис Џонсон обезбедија најголема изборна победа уште од времето на Маргарет Тачер во 1980-тите и најавија дека ќе ја извадат Британија од ЕУ до крајот на јануари. Лабуристите на Џереми Корбин, пак, го забележаа најлошиот изборен резултат од 1935 година. Изборен успех има и Шкотската национална партија, која најави нов референдум за Шкотска

Конзервативната партија извојува убедлива победа на британските парламентарни избори, а премиерот Борис Џонсон доби јасен мандат да го заврши процесот на повлекување на Британија од ЕУ до крајот на јануари 2020 година, популарно наречен брегзит. Ториевците ја обезбедија најголемата победа во Вестминстер уште од изборниот триумф на Маргарет Тачер во 1987 година. Истовремено, нивните најголеми политички ривали, лабуристите, се соочуваат со најтешкиот пораз уште од далечната 1935 година. Опозицискиот лидер Џереми Корбин рече дека нема да ги предводи лабуристите на нови избори, а многу негови сопартијци побараа веднаш да поднесе оставка.
На овие избори голема победа обезбеди и Шкотската национална партија (СНП) на шкотската прва министерка Никола Старџен, која најави нов референдум за независност на Шкотска, што, според аналитичарите, може да предизвика нова уставна криза во Британија. Жртва на изборниот успех на СНП е и лидерката на либералдемократите, Џо Свинсон, која поднесе оставка откако го загуби пратеничкото место.

Со речиси сите преброени гласови, конзервативците обезбедија 364 места во парламентот (дури 47 повеќе од претходните избори во 2017 година), додека лабуристите добија само 203 места (односно 59 помалку). Шкотската национална партија (СНП) обезбеди 48 места, либералдемократите 11 места, а другите партии 24 места. За мнозинство се потребни 326 места во парламентот. Гласачкиот одѕив на овие избори беше речиси 68 отсто.
Премиерот Џонсон по победата изјави дека работел „ден и ноќ“ за да ја врати довербата на гласачите, откако ги доведе конзервативците до „историска“ изборна победа. Во својот победнички говор во Лондон, тој нагласи дека добил мандат да ја извади Британија од ЕУ наредниот месец и дека за тоа не може да има никакви изговори. Џонсон им се заблагодари на гласачите на лабуристите, од кои многумина, како што рече, првпат ги поддржале конзервативците, посочувајќи дека ќе предводи „народна влада“ и ќе ја исполни „светата доверба“ што му ја дале гласачите.
– Можеби следниот пат имате намера да им се вратите на лабуристите и ако навистина е така, тогаш јас сум понизен што сте ми ја дале довербата, бидејќи јас никогаш нема да ја земам вашата поддршка здраво за готово. Ќе работам ден и ноќ за да докажам дека сте биле во право што овој пат сте гласале за мене и за да ја стекнам вашата поддршка во иднина. Луѓето сакаат промена. Не можеме и не смееме да ги изневериме – порача Џонсон.

Премиерот оцени дека изборната победа на конзервативците ја пробива парламентарната блокада за брегзит и дека им става крај на „мизерните закани“ за друг референдум за Европа. Џонсон вети дека ќе го заврши брегзит до 31 јануари, без никакви изговори.
Неговиот најголем политички ривал, Корбин, пак, оцени дека лабуристите предложиле „манифест на надеж“, но дека брегзит толку многу ја поларизирал дебатата што не можело да се води нормалната политичка дебата.
Лидерката на СНП и прва министерка на Шкотска, пак, оцени дека нејзината партија имала „исклучителна ноќ“. Старџен оцени дека Шкотска испратила „многу јасна порака“ дека не сака конзервативна влада на Џонсон и дека премиерот не добил мандат да ја извади Шкотска од ЕУ. Според неа, изборните резултати исто така значат и „силно одобрување“ од гласачите Шкотска да има избор над сопствената иднина на нов референдум за независност.


Причини за победата на конзервативците

Џонсон Куртис, професор по политички науки од универзитетот на Стратклајд, посочува дека конзервативците ја зголемиле поддршката во оние изборни единици во кои гласачите на референдумот во 2016 година во големо мнозинство се изјасниле за брегзит, додека регистрирале мал пад во поддршката во местата во кои гласачите се изјасниле против брегзит. Од друга страна, лабуристите забележале општ пад во поддршката меѓу гласачите и „за“ и „против“ брегзит. Падот во поддршката е забележителен особено меѓу гласачите од работничката класа, кои на референдумот во голема мера гласаа за напуштање на ЕУ. Овие гласачи веќе се свртеле кон конзервативците уште во 2017 година. Лабуристите се обидоа да ја вратат поддршката со тоа што зазедоа нејасна позиција кон брегзит, „бегството“ на гласачите продолжи и тие го доживеаја најголемиот пораз уште од 1935 година, посочува Куртис.
Анализирајќи ги изборните резултати, професорот исто така најавува уставен судир меѓу шкотската и британската влада, бидејќи Шкотската национална партија обезбеди добар резултат и најави нов референдум за независност на Шкотска, а конзервативците на Џонсон цврсто се спротивставуваат на тоа.


Можни сценарија по изборите

Конзервативците освоија убедливо мнозинство на парламентарните избори во Британија и овој резултат ќе има големо влијание врз начинот на кој ќе се спроведува брегзит во наредните месеци. Датумот на брегзит е 31 јануари 2020 година, односно тогаш Британија официјално треба да ја напушти ЕУ. Премиерот Борис Џонсон усогласи договор со ЕУ, кој треба да биде поддржан од британскиот парламент. Стандардна позиција, ако парламентот случајно не го поддржи договорот, е Британија да ја напушти ЕУ без спогодба. Сепак, со освоеното убедливо мнозинство во Долниот дом на парламентот, Џонсон би требало лесно да обезбеди поддршка за договорот. Се предвидува дека Владата наредната недела повторно ќе го поднесе пред парламентот предлог-законот за брегзит. Целта е законот да стапи во сила навреме за да може брегзит да се спроведе на договорениот датум – 31 јануари, посочува Би-би-си.
Ако Британија навистина ја напушти ЕУ на крајот од јануари, тоа ќе биде само прв чекор во еден многу сложен процес. Најголем приоритет за Британија и за ЕУ е да ги договорат трговските односи. Британија сака што поголем пристап до европскиот пазар за своите стоки и услуги. Конзервативците сметаат дека Британија мора да ги напушти царинската унија и единствениот пазар на ЕУ, како и да ја прекине јурисдикцијата на Европскиот суд на правдата.
Времето е кратко. На ЕУ ќе ѝ бидат потребни недели да договори официјален мандат за преговори, бидејќи треба да бидат согласни сите преостанати 27 членки и Европскиот парламент. Тоа значи дека формалните преговори би можеле да почнат во март. Тие преговори треба да резултираат со конечен договор до крајот на јуни, кога Британија би требало да одлучи дали да го продолжи транзицискиот период за една или за две години. Џонсон претходно отфрли какво било продолжување на роковите. Ако биде договорена спогодба, таа мора да биде и ратификувана за да стапи во сила, а за тоа би биле потребни уште неколку месеци. Никогаш досега ЕУ не успеала да договори толку голем договор за толку краток период како што се предвидува во случајот со Британија.
Џонсон тврди дека Британија целосно е во согласност со правилата со ЕУ и дека затоа преговорите треба да одат лесно. Но критичарите велат дека Британија сака да ги заобиколува правилата на ЕУ и за да може да склучува договори и со до други земји и дека тоа може да ги отежне преговорите. Конечно, трговијата е само еден од повеќето сектори, како на пример безбедноста, околу кои треба да се договорат Британија и ЕУ, иако и двете страни во моментот најголем приоритет ставаат на трговските односи.

 

Старџен најави нов референдум за независност на Шкотска

Реакции во ЕУ и во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп му ја честита изборната победа на британскиот премиер Борис Џонсон и нагласи дека Британија и САД може слободно да склучат „огромен“ нов трговски договор по брегзит.
– Овој договор има потенцијал да биде многу поголем и попрофитабилен од кој било договор што би можело да биде склучен со ЕУ. Слави, Борис – му порача Трамп на британскиот премиер.
Двајцата претходно ја истакнаа важноста за потпишување брз трговски договор меѓу САД и Британија што е можно поскоро по брегзит.
На изборната победа на Џонсон реагираа и лидерите на ЕУ на самитот во Брисел, кои повикаа на брза разврска на брегзит.
– Очекуваме што поскоро гласање во британскиот парламент за договорот за повлекување од ЕУ. Важно е да се има јасност што е можно поскоро. Ние сме подготвени. ЕУ ќе преговара за во иднина да обезбеди блиска соработка со Британија – нагласи претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, порача дека „веднаш ќе го слушне премиерот, новиот премиер, за да се увери што е следно на патот“. Главниот преговарач на ЕУ со Британија, Мишел Барние, пак, оцени дека нема доволно време да се завршат преговорите за сеопфатен договор и дека мора да им се даде приоритет на трговските односи. Холандскиот премиер, Марк Руте, призна дека е „голем предизвик“ да се склучи договор, дури и за трговијата, до крајот на следната година, поради краткиот период. Чешкиот премиер Андреј Бабиш, пак, изрази жалење што Британија ја напушта ЕУ.
– Очигледно тоа е огромен успех за Џонсон. Тој е харизматичен лидер. Џонсон победи и сега тие, за жал, ќе заминат. Тоа е лоша вест за Европа – изјави тој.

Сооднос на силите по изборите во Британија