По објавувањето на глобалниот индекс за безбедност на храната за 2021 година, потребно е да се формира регулаторна средина во која иновациите ќе имаат главен збор во отпорноста на земјоделството, истакнува Игор Тесленко за „Политико“

Нови технологии во глобалното земјоделство

Изминатите две години нанесоа невиден притисок врз економските и прехранбените системи во светот, што предизвика многумина да страдаат од хронична недоволна исхранетост и акутна несигурност во храната, според Глобалниот индекс за безбедност на храната (ГФСИ) што го објави „Економист импакт“ за 2021 година. Оваа годишна студија, спонзорирана од „Кортева агрисајанс“, е важна алатка, која помага подобро да се разберат двигателите на постојаната глобална несигурност во храната, да се препознаат ранливостите и да се обезбеди доследно снабдување со храна и ресурси. Исто така, индексот ги мери цената на храната, достапноста, квалитетот и безбедноста, заедно со природните ресурси и отпорноста во 113 земји низ целиот свет. Годинешниот индекс истражува што е научено во изминатата деценија за глобалната, националната и регионалната безбедност на храната и што значи тоа за борбата против гладот ​и неисхранетоста. Европа, генерално, е меѓу најдобрите на глобално ниво во однос на безбедноста на храната, одлично дејствувајќи во категориите за цената, квалитетот и безбедноста, со тоа што природните ресурси и отпорноста и достапноста се нејзините послаби страни.

Иновацијата може да ја зголеми безбедноста на храната

Пандемијата заедно со екстремните временски услови предизвикани од климатските промени ја нагласува потребата од подобрување на европските синџири и системи за снабдување со храна. Додека долгорочното влијание на пандемијата останува да се види во иднина, јасно е дека треба да се прифатат иновациите низ целиот систем на храна, ако сакаме ефикасно да управуваме со променливоста во земјоделството.
Студијата за 2021 година наведува дека понатамошните јавни инвестиции можат да ѝ помогнат на Европа да го зајакне својот потенцијал за раст во однос на земјоделската технологија и иновации. Но, исто така, таа покажува дека, и покрај одреден напредок во инвестирањето во земјоделски практики за климатска заштита, јавните трошоци во земјоделското истражување и развој се влошија во 17 од вкупно 26 земји вклучени во индексот. Овој пад е јасен знак дека иновациите се оддалечуваат од Европа.
Земјоделците ги губат алатките што им се потребни за да станат поотпорни во време кога пристапот до иновации е поважен од кога било поради важноста на климатските промени. Итно е потребна политичка волја кај носителите на одлуки во регионот за да се промени овој тренд и да се олесни регулаторното опкружување, кое поттикнува истражување и развој и се однесува како противтежа на влијанието на климатските промени во производството на храна.
Студијата исто така покажа дека помеѓу 2020 и 2021 година, 17 од 26 земји се соочиле со амортизација во целокупниот резултат на животната средина во однос на безбедноста на храната. Откриено е дека низ Европа, економските фактори засилени од пандемијата ги нарушија националните економии и синџирите за снабдување со храна, намалувајќи ја достапноста на храната во регионот. Во некои земји, силните мрежи за социјална заштита го ублажија предвидениот пораст на несигурноста во храната, додека во други, отсуството на таква социјална заштита резултира со поголеми негативни ефекти врз достапноста на храната.

Зависноста од увозот на храна како проблем

Пандемијата резултира со нарушувања во глобалните синџири на снабдување и негативно влијаеше врз достапноста на храната. Ова беше во комбинација со ефектот на климатските промени, кои продолжуваат да прават хаос врз системите за храна. Охрабрувачки е да се видат лидерите како ја засилуваат својата политичка посветеност на адаптирање на земјоделско-прехранбените системи на променливоста на климата, обезбедувајќи постојана стабилност и одржливост на регионалните и националните системи за храна.
Негативните влијанија на климатските промени врз земјоделско-прехранбените системи во Европа се чувствуваат низ целиот регион. Топлотните бранови и другите екстремни временски услови предизвикаа економски загуби за земјоделците и за земјоделскиот сектор во Европа, додека 14 земји пријавија зголемување на нестабилноста на земјоделското производство од 2012 година.
Многу европски региони, вклучувајќи ги и густо населените земји Германија, Велика Британија, Италија, Шпанија и Холандија, стануваат сè повеќе зависни од увозот на храна. Извештајот предупредува дека овој загрижувачки тренд може да доведе до тоа земјите што зависат од увозот да станат поранливи на недостигот од храна, бидејќи големите земјоделски извозници го ограничуваат извозот за да го нахранат сопственото население. Од сите нас зависи да им обезбедиме на земјоделците пристап до технологијата што им е потребна за да произведат доволни количества храна за граѓаните и да продолжат да одгледуваат култури што се важни сега и за идните генерации.
Но човештвото мора да извлече поука од овие податоци и да преземе смели чекори за да постигне што е можно поголем напредок кон целта. Ниту еден актер сам не може да ја реши кризата. Мора да постои соработка за да се решат предизвиците што индексот ги открива директно, со прифаќање на иновациите, инвестирање во истражување и развој, како и создавање посилен и побезбеден глобален систем за храна што ќе има подобар капацитет да ги издржи шоковите од климатските промени.