Ќе дозволи ли Германија заедничка европска безбедност?

309

Во една голема и сложена институција како ЕУ не е секогаш најјасно кој е виновен што не успеваат обидите за продлабочување на економската и на политичката интеграција во блокот. Но кога станува збор за развојот на заедничките одбранбени капацитети на ЕУ, јасно е каде лежи проблемот

Јошка Фишер

Американскиот претседател Доналд Трамп се покажа како навистина штетен за трансатлантските односи. Неговото оспорување на американските заложби за колективната одбрана го соочува НАТО со застрашувачка и потенцијално егзистенцијална криза. Американската безбедносна гаранција, конечно, е еден од двата столба на кој почиваат мирот и просперитетот на Европа од крајот на Втората светска војна. Трамп не го поштеди ниту вториот столб: глобалниот трговски систем и економскиот поредок, засновани на правила.

Само две години по изборот на Трамп, Европејците се чувствуваат осамено во опасните води на меѓународната политика и со право се прашуваат што треба да се направи. Разумно е да се нагласува дека Европа мора да ги продлабочи внатрешните врски, да ги збие редовите и да го зајакне својот воен капацитет. Некои би можеле да се посомневаат дали навистина тоа го сакаат Европејците, со оглед на тоа што живееме во време на брегзит, што ќе ја лиши ЕУ од членката со втората најсилна воено-економска моќ.

Но само затоа што Британците не изгледаат како да знаат што сакаат, не значи дека и остатокот од Европа е во ист брод. Всушност, повеќето Европејци се залагаат за посилна, помоќна ЕУ, со заедничка безбедносна политика.
Голем исклучок е Германија. Како економски мотор на ЕУ и најнаселена членка, едноставно не може да има заедничка безбедносна политика без земјата што се наоѓа во срцето на Европа. Но прашањето дали е можно да се постигне заедничка европска безбедност со учество на Германија и понатаму останува отворено.
Европејците не смеат да дозволат пустите желби да ги прикријат важните факти, како што се случи кога Европската монетарна унија се формира во 1990-тите. Од самиот почеток имаше изразени разлики помеѓу поединечните членки не само во однос на економската и фискалната политика туку и во однос на политичката култура и менталитетот. Сепак, преовладеа намерното незнаење, па монетарната унија беше воведена без интегрираните политички институции што се потребни за еден таков проект.

ЕУ не смее да ја повтори оваа грешка. Денес главниот факт, кој не може да се игнорира, е дека заедничката безбедносна политика ќе бара компромис меѓу Германија и Франција, двете најголеми и најмоќни земји-членки на ЕУ. Таквиот компромис нема да се постигне лесно. Политичките менталитети на двете земји, историските наративи и геополитичките интереси се едноставно премногу различни, а во многу случаи и дијаметрално спротивни. Сепак, поради својата посебна историја, Германија претставува поголема пречка, дури и ако нејзината официјална реторика сугерира поинаку.

Од своја страна, традиционалната слика на Франција ја одразува нејзината долга историја на голема европска сила, дури и ако тоа време, на неа и на Европа, генерално, е поминато. Како нуклеарна сила и постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, Франција ги гледа своите воени операции и извозот на оружје не како морални неуспеси туку како прерогативи на светската сила, што ја спроведува својата надворешна политика.

Генијалниот Шарл де Гол го устоличи статусот на Франција на победничка сила по Втората светска војна, поттикнувајќи ги француските граѓани да ги заборават режимот од Виши, поразот од нацистите во 1940 година и внатрешните политички несогласувања во 1930-тите. Благодарение на Де Гол, Франција го задржа историскиот тек.

Истото тоа не може да се каже за Германија. Во текот на 20 век, Германија двапати се обиде да спроведе европска хегемонија и светска доминација, а цената што ја плати за тоа беше нејзино уништување, но и на цела Европа. Нејзиното чувство за историски континуитет беше урнато во 1945 година, при што нејзината култура и традиции беа девалвирани и уништени, исто како и нејзиниот територијален интегритет. Германија стана синоним за агресија, терор и геноцид.

Повоена Германија ја напушти политиката заснована на воена сила и странски авантуризам и се фокусира главно на економскиот развој. Германците едноставно не видоа друг начин за повторно да влезат во демократскиот Запад, а уште повеќе да го вратат политичкиот суверенитет. Оваа стратегија кулминира со повторно обединување на Источна и на Западна Германија во 1990 година.

Со оддалечувањето од политиката на моќ во 1945 година, Германците од левицата и од десницата станаа пацифисти. До денес многу Германци остануваат длабоко и емоционално посветени на неутралноста, и покрај многуте децении европска интеграција и членство во НАТО. Ова е особено точно во периодот по обединувањето, што во голема мера се должи на безбедносната гаранција на Америка и на нејзината подготвеност да ги валка рацете со политиката на моќ во име на Германија. Но оваа пријатна поделба на трудот, како и самиот повоен поредок, предводен од САД, заврши со изборот на Трамп.

Германското враќање кон традиционалната политика на моќ сигурно има ризици. Но алтернативата е да го одржува статус квото и да се откаже од заедничката безбедносна политика на ЕУ. Политика што се состои од повеќе од возвишени зборови нужно подразбира продлабочување на политичката интеграција во името на европскиот суверенитет. Без заеднички правила за извоз, на пример, не може да има значајна соработка за развојот на европското оружје, а уште помалку за некакви далекосежни и амбициозни проекти.

Германците во моментот се заглавени во интензивна дебата за одбранбените трошоци, кои мора да достигнат два отсто од БДП до 2024 година за да се исполнат обврските од членството во НАТО. Имајќи ги предвид предвидливите геополитички ризици на хоризонтот, а во отсуство на заедничка безбедносна политика на ЕУ, германските трошоци за одбраната ќе мора да се зголемат уште повеќе за да се надомести повлекувањето на САД од Европа.

Јасно е дека новото вооружување на Германија ќе отвори многу прашања и историски проблеми. Но новото вооружување со и за Европа и НАТО е сосема друга работа. На еден или на друг начин, Европа мора да стане посилна, а во интерес на сите е Германија да биде продуктивно ангажирана во тој процес.

Авторот е бивш германски вицеканцелар и министер за надворешни работи