Што да се очекува од изборите во Турција

266

Турските гласачи в недела ќе излезат на избори, првпат откако лани беа воведени низа уставни промени за зголемување на ингеренциите на функцијата претседател. Истовремено, тие ќе избираат пратеници во парламентот, кој го зголеми бројот на места, посочува американски Стратфор

Турските гласачи ќе го изберат најмоќниот лидер во поновата историја на нивната државата. Тие в недела ќе излезат на гласање, што е речиси година и пол порано и се случува првпат откако лани беа усвоени низа уставни промени за зголемување на ингеренциите на функцијата претседател. Истовремено, тие ќе ги избираат и пратениците во парламентот, кој сега ги прошири местата.
За актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и за неговата владејачка Партија за правда и развој (АКП), која ги изработи уставните промени, ризиците на претстојните избори се големи. Ако победи Ердоган, тој практично ќе добие неограничена моќ со новата извршна претседателска функција што би можел да ја извршува наредната деценија. Од друга страна, ако економските проблеми на Турција и разновидните опозициски кандидати во изборната трка успеат да придобијат доволно гласачи на Ердоган, еден од неговите противници може да се најде на претседателската функција. Во секој случај, државата ќе се соочи со истите проблеми и приоритети, прогнозира американски Стратфор.

ФИНАНСИСКИТЕ КРИЗИ ОД МИНАТОТО

Исламската АКП првпат победи на парламентарните избори во 2002 година, одземајќи им ги пратеничките места на многу институционални партии. Големата победа се должеше на два фактора. Прво, долгогодишната економска криза го поткопа легитимитетот на владејачката коалиција во државата во очите на многу гласачи. Второ, турскиот изборен закон наложува партиите да добијат барем десет отсто од гласовите за да влезат во парламентот. Партиите што не успеале да ги добијат потребните гласови практично ги губат, а оние што успеале да освојат или имаат освоено над десет отсто, гласовите ги делат пропорционално. Законот за десет отсто од гласовите ѝ овозможи на АКП да освои убедливо мнозинство во парламентот во 2002 година и на сите наредни избори и без да добие значителна поддршка од народот.
По изборите во 2002 година, АКП и Ердоган успешно ги искористија туѓите политички неуспеси и грешки, притоа формираа политички сојузи чисто од потреба и потоа се повлекуваа од договорите што повеќе не им беа од корист. На пример во 2014 година, АКП го раскина сојузот со ѓуленистите-исламисти, партнерство што се покажа како клучно за нејзините успеси во почетокот на 21 век, а подоцна ги обвини за обидот за пуч во 2016 година. Владејачката партија тогаш се сврте кон Партијата за националистичко движење (МХП) за да ѝ помогне да го спроведе пакетот уставни реформи во 2017 година. Како резултат на тој сојуз од корист, АКП ужива најголема поддршка досега.
Но не се согласува секој со политиките на АКП. На пример, Курдите, кои сочинуваат околу 20 отсто од населението на Турција, во голема мера се против владејачката партија откако таа се сврте против нив по 2010 година, кога курдското сепаратистичко движење во тој регион зеде поголем замав. Историски АКП се потпираше на четири до пет отсто од курдските гласови за да освои победа, но партијата веројатно загуби дел од таа поддршка. Покрај тоа, многу гласачи во државата се разочарани од неодамнешниот пад на економијата на Турција. Вредноста на турската лира падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот и на еврото, инфлацијата е висока, а напорите на претседателот да влијае врз монетарната политика ги запре привремено меѓународните инвестиции. Иако прво гласаа за победа на АКП за да ја извлече државата од економските проблеми, турските гласачи можеби нема да сакаат да ѝ дадат уште една шанса на владејачката партија да ја поправи економијата.

Освен тоа, типично поделената опозиција во Турција се здружи на претстојните избори и би можела да ја спречи АКП повторно да ја освои власта со тесна победа. Три од главните опозициски партии на Турција, ЧХП, ИЈИ (Добрата партија) и исламската Партија на среќата формираа коалиција заснована само на заедничката желба да го симнат Ердоган од власт. Политичките програми и идеологиите на партиите се доволно различни за да имаат шанси да ја постигнат таа цел. Добрата партија, формирана од дезертери на МХП, нуди стабилна алтернатива за националистичките гласачи што не се задоволни што МХП е во коалиција со партијата на Ердоган.
Во меѓувреме, најстарата политичка партија во Турција, ЧХП, ќе ја бара поддршката кај традиционалните секуларни, либерални, урбани гласачи, кои се постојани критичари на претседателот. Партијата на среќата, иако мала, се залага за истата исламска идеологија со која АКП е задоена, давајќи им на верските гласачи, кои се против Ердоган една нова алтернатива. Покрај нивните различни гласачки основи, сите три партии ќе се борат да ги добијат гласовите на Курдите со надеж дека ќе му го одземат малото мнозинство што му е потребно на Ердоган да го освои за победа во првиот круг.
Претседателството е главната награда што се става на коцка, но тоа не е единственото што се ризикува на изборите закажани за 24 јуни. Тука спаѓа и парламентот. Ако Ердоган го добие извршното претседателство, тогаш законодавното тело ќе биде единствената скромна контрола на неговата моќ, иако нема да биде овластено да ги отфрли претседателските декрети. Ниту една од трите партии во опозициската коалиција нема да добие мнозинство, но заедно, тие можат да ја предизвикаат АКП во парламентот. Со доволно гласови на изборите, опозицијата ќе треба дури да состави двотретинско мнозинство што е потребно за да се укинат уставните измени од 2017 година (за што се мали шансите).

ПРЕДНОСТА ДА СЕ БИДЕ НА ВЛАСТ

Ако опозицијата успее да ја постигне целта во претседателската трка, Турците ќе излезат на гласање во вториот круг од изборите на 8 јули. Вториот круг воопшто не е идеално сценарио за Ердоган, но нема да ја загарантира победата ниту за опозицијата. Трите главни опозициски кандидати, Мерал Акшенер од Добрата партија, Темел Карамолаоглу од Партијата на среќата и Мухарем Инџе од ЧХП, ги базираа своите политички програми на ветувањата дека ќе ја ревитализираат економијата, ќе му ги укинат дополнителните овластувања на претседателот и ќе ги вратат правата што ги укина актуелниот претседател. Еден фактор што е во огромна корист на Ердоган е чувството на неизвесност и на небезбедност во Турција. Ердоган одамна се наметна како популистички патријарх, кој само тој може да ги реши многуте проблеми на Турција и ќе ги искористи стравовите на гласачите на изборите.
Тој исто така ќе искористи и други средства што му се на располагање нему и на неговата партија за да ги зголеми неговите шанси за победа. АКП е долго време на власт и силно се вкорени во медиумите, судството и војската. Покрај тоа, обидот за пуч им даде на Ердоган и на неговата партија повод за да се ослободат од неговите политички противници и да прогласат вонредна состојба. Во случај да биде тесен резултатот од изборите и да има пребројување на гласовите, АКП може да го искористи законот за вонредна состојба на Ердоган за да ги потисне поддржувачите на опозицијата.
АКП дури загубата може да ја сврти во своја корист со тоа што поразот од првиот круг ќе го вметне во нејзината националистичка реторика. На пример, Ердоган ќе ги обвини странските сили дека се виновни за резултатот од изборите, како што е ЕУ, која му забрани на претседателот да води политичка кампања за да добие поддршка од три милиони турски гласачи што живеат во Унијата. (Тој веќе ги обвини странските фирми дека се единствената причина за економските проблеми на државата.) Ваквите обвиненија ќе ги нарушат односите на Турција со другиот дел од светот без разлика на изборниот резултат. Ако АКП изнуди победа по сомнителен пат, тоа уште повеќе ќе го наруши угледот на државата кај ЕУ. Со текот на времето, подлабоките тензии со ЕУ ќе ја натераат Турција да се сврти кон сојузниците како што е Русија додека ќе се оддалечи од оние како САД:
Справувањето со ваквите односи и другите главни приоритети на Турција ќе бидат задача за победникот по завршувањето на изборите. Новата влада ќе се соочи со потребата да ја обезбеди својата јужна граница и да ги зачува врските со клучните економски и безбедносни сојузници, како што се Европа, САД и Русија. Овие прашања, заедно со економската стагнација на Турција, ќе бидат значителен предизвик за наредниот претседател без разлика дали ќе биде Ердоган или некој од неговите противници. Иако претстојните избори претставуваат пресвртница за турската демократија, изборите нема да ги променат бурните односи на државата со нејзините сојузници или напорите да го покаже своето регионално влијание.


Клучни прогнози

  • Победникот на турските претседателски избори (првиот круг е закажан в недела), ќе стане најмоќниот лидер во новата историја на републиката, благодарение на уставните измени што беа изгласани на ланскиот референдум
  • Иако актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата владејачка Партија за правда и развој (АКП) ги наменија реформите за неговиот нов мандат, економската нестабилност и невообичаено обединетите разни опозициски кандидати би можеле да ги загрозат неговите изборни очекувања
  • Без разлика кој ќе победи во трката, Турција ќе се соочи со истите безбедносни приоритети и проблеми во нејзините односи со сојузниците, како што се ЕУ и САД. Победа за Ердоган и за АКП во иднина би ги влошила овие проблеми

Извор: Стратфор