Холанѓаните никогаш не ја сакале ЕУ?

189

Светот е изненаден од цврстите ставови на Холандија кон европските интеграции, но дали тоа навистина треба да чуди?

Во април, додека холандските и италијанските политичари се навредуваа за европскиот пакет за заздравување од ковид-19, „Кориере дела сера“ напиша дека во раните денови на европската интеграција, на младите италијански дипломати во Брисел им било речено да го применуваат следниот принцип: „Кога се сомневате во нешто, за****е ги Холанѓаните “. Наводно, имало и дипломатска верзија во Министерството за надворешни работи: „Оставете ги прво нека зборуваат Холанѓаните и потоа заземете дијаметрално спротивна позиција“.
Ова не е само забавна анегдота. Денес тоа важи исто колку што важело и во првите денови на Европската заедница: во многу аспекти, Холанѓаните повторно се поскептични во однос на европската интеграција од Италијанците. Да, повторно. Во денешно време, многумина што ги паметат Холанѓаните како ангажирани, ентузијастички настроени Европејци се збунети од цврстите позиции за реформите во еврозоната или пакетот за ковид-19 што доаѓаат од Хаг. Но ова не е ново. Во првите две децении од евроинтеграцијата, Холанѓаните се однесуваа на ист начин. Тие само го омекнаа својот став по пристапувањето на Британија во 1973 година.
Ако се погледне поблиската историја, јасно е дека Холанѓаните се чувствуваат подобро во Европа кога Британците се на нивна страна, како и дека проблемите што ги имаат во моментот делумно се резултат на брегзит. По Втората светска војна, Холанѓаните сонуваа за лабав трансатлантски сојуз фокусиран на трговија со Британија, САД и со други земји. Тие имаат многу нешта заеднички со Британците.

Двете земји се либерални, поморски и трговски нации што имале империи, навикнати се да се снаоѓаат сами. Но трансатлантскиот сојуз никогаш не се оствари. Наместо тоа, во 1950 година Холанѓаните слушнаа (на радио) дека Франција и Германија одлучиле да формираат Европска заедница за јаглен и челик, управувана од наднационален орган. Холанѓаните не беа информирани за овој план на Шуман, кој беше официјално започнат на 9 мај 1950 година. Париз и Берлин со право претпоставија дека Холанѓаните ќе се противат. Навистина, холандската влада не беше задоволна што нејзините два големи соседи, од кои едниот неодамнешен окупатор, планираат да ги здружат политичките сили. Малата, либерална, прагматична земја стравуваше дека ќе биде задушена од нив.
Но Холандија немаше голем избор. Повоената економија беше слаба. Губејќи ги своите колонии, земјата требаше да ги оствари своите приходи дома. Нејзиниот прв повоен трговски договор со Германија функционираше добро. Холандија, економски гледано, веќе стануваше германска провинција. Накратко, Холанѓаните не можеа да си дозволат да му кажат „не“ на планот на Шуман. Бидејќи Франција и Германија секако ќе се здружеа, за нив беше попаметно да се приклучат и однатре да го ублажуваат сојузот. Тие оттогаш го прават истото тоа, но со различен успех.

Хаг имаше мисија да ја натера Британија да се приклучи. Во 1973 година, по неколку француски вета, конечно и успеа во тоа. За Холанѓаните, пристапувањето во Британија донесе културно и политичко значење во економската реалност на континентот. Холанѓаните отсекогаш биле англофили. Тие формираа мултинационални компании, како „Шел“ и „Унилевер“, со Британија. Тие зборуваат многу подобро англиски отколку германски или француски. Покрај Британците, Холанѓаните конечно се чувствуваа како дома во Европа и станаа посамоуверени. Двете земји заедно водеа и победија во многу либерални битки – за единствениот пазар и за неколку проширувања, на пример. Тогаш Холанѓаните изгубија одредена одбивност кон политичката интеграција, па ги прифатија шенгенот, монетарната унија и други нешта. Од средината на 1970-тите до средината на 1990-тите, тие дефинитивно можеа да се опишат како евроентузијасти.
Но Британците се оддалечија. Додека Холанѓаните предлагаа целосна политичка унија (незамислив потег денес), Британците одбија да се приклучат кон шенген, еврото или судската соработка. Британците главно го сакаа внатрешниот пазар и договорија повеќе отстапки. Тие станаа аутсајдери. Тогаш холандската амбивалентност повторно се појави во Европа, а евроскептицизмот почна да се зголемува. Тој е делумно насочен против самата ЕУ, но главно е против холандските влади, кои не успеаја да објаснат зошто земјата е во срцето на европската интеграција.

На училиште, холандските деца не учат ништо за ЕУ, нејзината цел и историја. Новодојденците што сакаат да станат Холанѓани мораат да положат испит, за кој мора да можат да одговорат како Холанѓаните слават родендени и за што служат каналите, но во придружниот учебник ЕУ се споменува само двапати, како пазар. Повеќето Холанѓани, иако се за ЕУ, не прават разлика меѓу Советот и Комисијата.
За отворена, извозно ориентирана земја што зависи од европските мрежи, ова е непријатна ситуација. Претседателот на холандската централна банка рече дека благодарение на ЕУ, секое холандско домаќинство годишно заработува до 10.000 евра повеќе. Тој ги повика лидерите на партиите почесто да разговараат за ова пред парламентарните избори во 2021 година. Меѓутоа, дебатата за Европа е тешка во земја што сè уште сака да гледа на запад. Инсистирањето на бившиот британски премиер Дејвид Камерон да се „врати власта“ од Брисел беше популарно во Холандија. Повеќето Холанѓани го сакаат внатрешниот пазар и се позитивни во однос на ЕУ, но многумина ги отфрлаат политичките аспекти на европската интеграција. Европската одбрана, заедничката надворешна политика или европските даноци ги вознемируваат.
Според тоа, централното прашање во Холандија е што прави земјата во ЕУ. Искрениот одговор би бил дека Холанѓаните се таму зашто Германија и Франција се таму за да избегнат војна и зашто сметаа дека не е паметно да не се приклучат.

Повеќето политичари се држат до економската приказна дека „ЕУ е пазар“ и го игнорираат политичкиот карактер на европската интеграција. Затоа во ЕУ, чии главни предизвици сега се политички, Холанѓаните се однесуваат како сметководители. Кога Италија бара солидарност, тие одговараат со бројки. Овој рефлекс е посилен поради брегзит, кој го ослабува либералниот северен глас во Брисел и ја јакне моќта на Германија и Франција и на југот на Европа.
Холандскиот премиер Марк Руте е трауматизиран од заминувањето на Британија од ЕУ. Тој знае дека тоа може да се случи и со неговата земја. Либерално-конзервативната партија на Руте, ВВД, е најголема во Холандија. Но ултрадесничарската ПВВ, предводена од Герт Вилдерс, е втора најголема политичка сила. Руте е решен да избегне излегување на Холандија од ЕУ зашто тоа би ја уништило земјата што учествува во секоја европска програма. Но колку повеќе Руте сака да ја избегне политичката дебата за ЕУ, толку повеќе опозицијата ја нагласува темата. Во овој поглед, тој е во иста позиција како Камерон пред референдумот за брегзит.

Камерон не успеа да даде силен, убедлив аргумент за продолжување на британското членство во ЕУ. Но има и разлика. Руте не се повлекува од Брисел. Напротив, тој активно формира нови сојузи низ целиот континент. Тој разбира дека брегзит ја менува политичката игра во Европа. Ако Холанѓаните сакаат да бидат слушнати, ќе им требаат нови сојузи. Холандските дипломати често одат во европските метрополи, слушаат и се обидуваат да склучат зделки. Формата на овие сојузи зависи од самите прашања.
Според едно истражување, Холандија во моментов е четврта „најразочарувачка земја“ во ЕУ. Се разбира, Холанѓаните се грижат за дипломатските последици. Владата се обидува да покаже добра волја кон другите земји на ЕУ, но сепак не ги менува своите финансиски и монетарни позиции што предизвикаа судири во ЕУ. Малку аналитичари очекуваат некакви промени пред наредните избори. Затоа и не чуди што италијанските дипломати се потсетуваат на холандскиот отпор уште од раните денови на ЕУ.