Франција ја турка ЕУ кон стратегиска катастрофа

660
Макрон вели дека проширувањето мора да почека додека ЕУ не се реформира

Франција неодамна стави вето на процесот за проширување на Унијата, спротивставувајќи се на волјата на другите земји-членки. Париз со тоа, можеби, го урна повеќедеценискиот стратегиски пристап на ЕУ кон Балканот

Карл Билт

Не постои сомнеж дека брегзит претставува стратегиска катастрофа за Европската Унија. Но се чини малкумина разбираат дека ЕУ се движи кон друга стратегиска катастрофа, овој пат на Балканот.
Франција неодамна интервенираше и стави вето на отворањето пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија, спротивставувајќи се на повторната препорака на Европската комисија и на волјата на другите земји-членки на ЕУ. Со таквиот потег Франција, можеби, го урна повеќедеценискиот стратегиски пристап на ЕУ кон Балканот.
Од крајот на балканските конфликти во 1990-тите, приоритет на ЕУ е да се обезбеди долгорочна стабилност на овој проблематичен дел од континентот. Да им се ​​стави крај на војните е една работа, но да се изгради вистински мир бара долгорочен напор, особено околу мирна интеграција.

Во 2003 година, како дел од самитот во Солун, лидерите на ЕУ официјално ги обврзаа своите земји да го отворат патот за членство во ЕУ за сите земји од Западен Балкан. Оттогаш, тоа беше светилникот што ги инспирираше и ги водеше политиките што се спроведуваат во регионот, за да се реформираат економиите и општествата, да се надминат поделбите од минатото и земјите да се подготват за европска иднина.
Тоа сигурно не е лесно и напредокот е бавен во голем број области. Но во регионот што секогаш е растргнат помеѓу силите на распаѓање и силите на интеграција, рамнотежата јасно се префрли од првите кон вторите, во голема мера благодарение на европската перспектива.

Овој проект беше доведен во опасност со одлуката на Франција за Северна Македонија. Никој не доби впечаток дека Северна Македонија е на кој било начин близу членство во ЕУ. Тука се работеше за почнување децениски процес на преговори и реформи инспирирани од самата европска перспектива.
Всушност, Преспанскиот договор од 2018 година меѓу Северна Македонија и Грција, со кој се реши долгогодишниот спор за името, требаше да биде де факто предуслов за почнување на патот кон ЕУ. Сега аргументот на Париз е дека тоа ќе мора да почека додека не се спроведат некакви неодредени реформи во ЕУ во наредните години, а можеби и децении.

Тоа е лошо само по себе, но импликациите од одлуката одат многу подалеку. Француското вето не беше само вето против Северна Македонија и Албанија, туку и против целиот процес на проширување на Западен Балкан, ефикасно поткопувајќи ја целата политика. Можеби не беше изразено експлицитно, но, имплицитно, тоа исто така беше вето и против Србија, Црна Гора и Босна.
Ова неизбежно ќе има импликации врз другите нерешени проблеми во регионот. Со можност за интеграција, Србија требаше да избере помеѓу својата иднина со Европа и минатото со Косово, а со тоа ќе се нормализираа односите меѓу двете земји. Ако Европа ја затвори вратата, тоа ќе биде неизмерно потешко. Со сите свои тензии, иднината на Босна секако ќе биде многу постабилна ако државата биде вклучена во структурите на Европа.

Францускиот претседател Емануел Макрон елоквентно зборува за одговорностите на Европа и сака да се позиционира како лидер што ќе ја насочи ЕУ кон нова траекторија на глобална релевантност. Сето тоа е во ред и е итно потребно, но е многу некомпатибилно со уривањето на кредибилитетот на ЕУ во самата Европа.
Треба да се запомни дека последен пат кога имаше обид за посуштински ремонт на ЕУ со таканаречениот Уставен договор, тој беше урнат со референдум во Франција во 2005 година. Никој оттогаш не се осмели да ги оживее овие напори. Исто така, постојат сомнежи во однос на тоа дали Париз е искрен во својата подготвеност да се отвори кон нови членки на ЕУ во иднина. Малкумина, се плашам, ќе бидат подготвени да сметаат на него.

Франција можеби никогаш не била ентузијастички поддржувач на проширувањето на ЕУ, но генерално го прифати процесот и живееше среќно со резултатот. Сепак, Франција направи сѐ што може за да ги блокира перспективите за пристапување на Турција во нејзините години на ветувачки демократски реформи и европски аспирации. Секако имаше и други фактори, но тоа исто така одигра улога за придвижувањето на Турција во различна насока. Турција во минатото претставуваше стратегиска можност за Европа, а сега се претвори во стратегиска опасност за Западот.

Гледајќи напред, ризикот е дека истото тоа може да се случи на Балканот. Земјите од регионот ќе останат економски зависни од ЕУ, но неизбежното забавување на потребните реформи и интеграција веројатно ќе принуди уште повеќе млади од Балканот да ја бараат својата иднина во ЕУ. На оние што ќе останат може попривлечни да им бидат опасните политики на национализмот и носталгијата. Лишени од иднина, тие можеби ќе бараат враќање кон минатото.
Конечно, тоа е Балканот. Гледавме како се случуваат такви работи и претходно.

Авторот е бивш премиер на Шведска