Треба ли Трамп да добие „нобел“ за мир?

1466

Нобеловата награда за мир не треба да им се доделува на политичари за нивните минати дела или на политичари за некои нивни идни одлуки. Таа треба да им се доделува ретроактивно на анонимни херои, за чии дела дознаваме или многу ретко или дури откако ќе поминат многу години


 

Славој Жижек

Доналд Трамп не треба да ја добие Нобеловата награда за мир. Но дали ќе се случи тоа? Французите убаво велат „трпение, спасение“.
Четири американски претседатели веќе добија Нобелова награда за мир, а тоа се Теодор Рузвелт, Вудро Вилсон, Џими Картер (откако му истече мандатот) и Барак Обама во 2009 година за неговите „исклучителни напори да ја зајакне меѓународната дипломатија и соработка меѓу народите“. Ова објаснување беше целосна глупост и едвај покажа надеж дека Обама навистина така ќе постапи.

Колку и да звучи неверојатен предлогот Трамп да ја добие Нобеловата награда за мир, сепак можеме да реагираме на три начини.
Прво, треба да имаме на ум дека големиот компромис што го овозможи мирното решение на корејската криза не го постигна Трамп, туку Ким Јонг-ун. Токму Ким ги направи клучните отстапки што значи дека секаква награда треба да им биде врачена на двајцата. Очигледен е пропустот во оваа идеја што ќе предизвика голем потсмев ако Нобеловата награда за мир заврши кај лидерот на најверојатно најавторитарниот режим во светот.

Второ, до скоро Трамп се натпреваруваше со Ким кој попрво ќе го притисне нуклеарното копче, со тоа што Американецот тврдеше дека неговото копче е поголемо од она на неговиот колега во Пјонгјанг.
Како такви, значајни се екстремните осцилации во јавната перцепција за корејската криза. Еднаш ни велат дека сме на раб на нуклеарна војна, а потоа не се случува ништо и повторно експлодираат заканите за војна.
Кога бев во посета на Сеул лани во август, моите тамошни пријатели ми рекоа дека нема сериозна закана за војна, затоа што севернокорејскиот режим знае дека нема да ја издржи. Сепак, властите на Јужна Кореја често го подготвуваат своето население за нуклеарна војна.

Во последно време, нашите медиуми известуваат за сè посмешната размена на навреди меѓу Ким Јонг-ун и Доналд Трамп. Но иронијата е дека кога двајца незрели мажи ќе се смират и повеќе нема да се навредуваат меѓу себе (како и што беше во случајот), можеме само да се надеваме дека постојат некакви анонимни и невидливи институционални ограничување што ќе го спречат бесот да прерасне во целосна војна.
Обично се жалиме дека во денешната отуѓена и бирократизирана политика, институционалните притисоци и ограничувања ги спречуваат политичарите да ги искажат нивните лични визии. Но во овој случај, се надеваме дека таквите ограничувања ќе го спречат изразувањето на лудите лични визии. Дали Доналд и Ким навистина треба да бидат наградени само затоа што одеднаш решиле да се повлечат и да не се однесуваат лудо како што стравувавме?

Трето, непријатната вистина (за левичарските либерали) е дека далеку од тоа што е луд и воинствен американски лидер, Трамп всушност и не е толку лош во споредба со Хилари Клинтон. На прашањето од „Гардијан“ дали таа навистина верува дека Клинтон е поопасна од Трамп, актерката Сузан Сарандон одговори дека „навистина смета дека таа е многу, многу опасна, како и дека САД сè уште ќе војуваа (доколку таа станеше претседател) и немаше да биде поразлично“. Притоа таа истакна дека „треба да се обрне внимание на тоа што се случувало под власта на Обама, а народот не забележал“.

Човекот што го спаси светот од нуклеарна војна:
Василиј Архипов, офицерот што одбил советската
подморница „б-59“ да истрела нуклеарно торпедо
против американската морнарица за време на
Кубанската ракетна криза во 1962 година
Василиј Архипов

– Клинтон ќе постапеше исто како Обама што всушност е подмолно. Тој депортираше повеќе лица отколку што сега се депортираат и се чудам како Обама ја доби Нобеловата награда за мир – рече Сарандон.
Навистина, секогаш треба да знаеме дека во најлош случај Трамп е само продолжение на политиката на неговите претходници.
Тогаш кој ја заслужува Нобеловата награда за мир? Веројатно оние што со сигурност нема да ја добијат.

Да се посетиме на застрашувачкиот момент од Кубанската ракетна криза, за потоа да сфатиме колку сме биле блиску до нуклеарна војна за време на поморските судири меѓу еден американски разурнувач и советската подморница „б-59“ во близината на Куба на 27 октомври 1962 година.
Разурнувачот детонирал експлозиви во близината на подморницата за да ја принуди да исплива на површина без да знае дека таа имала нуклеарно торпедо. Вадим Орлов, кој бил дел од екипажот на подморницата, изјави на конференција во Хавана дека подморницата имала дозвола да возврати на ударот доколку имало согласност од тројца офицери. Офицерите имале жестока дебата дали да го потопат бродот. Двајца од нив се согласиле, а третиот не.

Еден историчар за оваа несреќа даде горчлив коментар дека „некој човек по име Архипов го спасил светот“. Дали тивко се надеваме дека ќе се случи нешто слично во жестоката дебата меѓу САД и другите дека во одлучувачкиот момент, едно лице ќе најде сила да му стави крај на лудиот круг на нуклеарни закани и контразакани?
Сличен пример, иако помалку познат, се случи во Советскиот Сојуз само во помрачен период. Софија Карпаи беше шефица на кардиографската единица во болницата во Кремљ на крајот од 1940-тите. Нејзината (случајна) несреќа беше што нејзината задача беше двапати да му направи кардиограм на Андреј Жданов на 25 и на 31 јули 1948 година, неколку дена пред тој да почине од срцев удар. Првите резултати од ЕКГ, кое беше направено откако Жданов се пожалил на проблеми со срцето, биле неодредени (срцев удар ниту можел да се потврди ниту да се отфрли), додека вторите изненадувачки покажале многу подобра состојба (исчезнала интравентрикуларната блокада што е јасен показател дека немало срцев удар).

Во 1951 година, таа беше уапсена под обвинение дека наводно во заговор со други доктори што го третирале Жданов, ги фалсификувала податоците, ги избришала јасните показатели дека навистина имал срцев удар, поради што Жданов не ја добил соодветната нега што му била потребна на пациент со тие симптоми. По лошиот третман, вклучувајќи брутално тепање, сите други доктори признале дека Софија Карпаи, чиј претпоставен доктор Виноградов ја опишал како „ништо повеќе од една обична уличарка што сакала да се прави граѓанка“, ја чувале во ладна ќелија без да заспие за да ја натераат да признае. На крајот, таа не признала. Влијанието и значењето на нејзината истрајност не смеат да се потценат. Нејзиниот потпис ќе потврдел дека имало „лекарски заговор“ што веднаш ќе почнел процес, кој, доколку се случел, ќе резултирал со стотици илјади жртви и можеби со нова европска војна (според планот на Сталин, „лекарскиот заговор“ требало да покаже дека западните разузнавачки агенции сакале да ги ликвидираат советските лидери и тоа требало да се искористи како изговор за да се нападне Западна Европа).
Таа издржала доволно долго, а на крајот Сталин паднал во кома и целиот случај бил отфрлен. Нејзиното обично херојство било клучно поради што се спречила уште една катастрофа во советското општество и политика и наедно се спасиле животите на илјадници, па дури и на милиони невини луѓе.

Обичната истрајност и покрај сите препреки е карактеристика на вистинските херои. За ваквите примери дознаваме многу ретко или откако ќе поминат многу години. Ако постои барем малку праведност во тоа кој треба да ја добие Нобеловата награда за мир, таа не треба да му се додели на некој актуелен политичар за неговите дела (само затоа што не бил брутален како што се очекувало од него), ниту на политичари за нивните идни одлуки. Наградата треба да им се доделува ретроактивно на анонимни херои како Архипов и Карпаи.