Треба ли владите да спасуваат животи или работни места среде пандемија?

53

Се чинеше дека САД го достигнаа врвот на својата инфекција со коронавирусот на 24 април, кога регистрираа 36.738 нови дневни случаи, бројка што падна на 17.618 случаи до 11 мај. Тогаш се чинеше дека САД ја поминаа најлошата фаза од пандемијата, додека претседателот Доналд Трамп постојано вршеше притисок за повторно отворање на економијата. На сведочењето пред Сенатот во средината на мај, д-р Ентони Фаучи, врвен експерт за инфективни болести во САД, предупредуваше да не се отвора економијата премногу рано, нагласувајќи дека ширењето на вирусот може да излезе надвор од контрола, што ќе резултира со зголемен број на инфекции и жртви, како и со неуспешен обид за економско закрепнување.
Но на крајот од јуни, САД објавија 45.300 нови дневни инфекции и најмалку 16 сојузни држави прекинаа со мерките за повторно отворање на нивните економии. Притисокот за повторно отворање на економијата ја обнови дебатата за тоа дали е подобро да се спасуваат животи и да се направат економски штети или да се продолжи со повторното отворање на економијата без да се преземат мерки на претпазливост за да бидат безбедни луѓето.

Повеќето земји во светот ја усвоија првата стратегија, при што земји како Италија, Шпанија, Франција и Германија чекаат стапката на инфекција значително да се намали, за да може да се спроведат ефективни стратегии за тестирање, трагање по контакти и изолација. Сите тие земји сега ги уживаат придобивките од тој пристап, отворајќи ги своите економии пред сезоната на летни одмори.
„Еделман“ ги анализира ставовите на јавноста кон двата пристапа во пролетното ажурирање на нивниот барометар на доверба. Од 13.200 испитаници анкетирани во 11 држави, 67 отсто се согласиле дека владата треба да спаси што е можно повеќе животи, дури и ако тоа значи дека економијата ќе претрпи поголема штета и полека ќе заздравува. Од друга страна, една третина од испитаниците изјавиле оти станува сè поважно владата да спасува работни места и да ја обновува економијата отколку да ги преземе сите можни мерки на претпазливост и да ја намалува заканата од вирусот за луѓето.

На национално ниво, Јапонија е земја со најголем процент на луѓе (76 отсто) што сметаат дека спасувањето животи е повредно од економското закрепнување. Од друга страна, во САД две третини од Американците велат дека спасувањето животи треба да биде приоритет на владата, додека над една третина сметаат дека владата треба да се фокусира на спасувањето работни места. Во Кина, каде што првично изби епидемијата на коронавирус, 56 отсто од испитаниците велат дека властите треба да се фокусираат на спасувањето животи, додека 44 отсто сакаат економијата повторно да се отвори, без оглед на влијанието врз здравјето на граѓаните.