Трамп не е над законот

701

Претседателот на САД се заканува дека ќе ги отпушти обвинителите што ја истражуваат руската афера. Ако го стори тоа, тогаш ќе удри по темелите на државата и ќе покаже дека сака да се стави над законот. Ако тргне против истражителите, тогаш Конгресот треба да ги брани владеењето на правото и уставниот поредок на САД, се вели во уреднички коментар на Њујорк тајмс“

Оваа голема нација може да толерира претседател што греши, но не може да толерира претседател што греши и потоа го крши законот за да ја прикрие грешката, вели републиканскиот сенатор на Јута, Орин Хеч.
Но Хеч не зборува за Доналд Трамп, туку за Бил Клинтон во 1999 година. Тогаш, американскиот систем, како и слабите и понекогаш херојски луѓе што нивните американски сограѓани ги избраа за лидери, го поминаа и положија тешкиот тест кога претседателот, неговите финансии и лични односи неколку години постојано беа под истрага. Обвинителите на крајот го обвинија Клинтон дека лажел под заклетва за да ја прикрие сексуалната афера. Претставничкиот дом побара импичмент, но Сенатот одби да го осуди, па, така, Клинтон остана на функцијата. Јавноста, која детално беше запознаена со грешките за кои истражителите веруваа дека Клинтон ги направил, генерално се согласи со одлуката на Сенатот. Ова беше трагична, бесрамна ситуација и на моменти го одвлекуваше вниманието, но системот функционираше. Сега Хеч и неговите колеги политичари можеби сакаат построг и потежок тест. Ги цитираме неговите зборови не за да измериме одредени обвиненија за лицемерство, туку да се потсетиме што сѐ се ризикува.

Извештаите во медиумите укажуваат на зголемените шанси дека претседателот Трамп може да ја оспори или прекине истрагата од страна на државните агенции за можно кршење на законот во неговата претседателска кампања и администрација. Политичарите треба да се подготвуваат за таа можност, затоа што ако и кога ќе дојде време да се положи тестот, тие одеднаш ќе се најдат во безизлезна ситуација со Уставот в раце.

Внимавајте, ако Трамп преземе вакви драстични мерки, тој ќе удри по темелите на американската влада, обидувајќи се да направи преседан како претседател и единствен меѓу американските граѓани да биде над законот. Она што сега изгледа на политички спореден настан веднаш ќе прерасне во уставна криза, а историјата ќе се повика на Хеч и на неговите колеги.
Со месеци истражителите испитуваа дали кампањата на Трамп заговарала со руската влада за да ја поткопа американската демократија и дали претседателот ја злоупотребил својата функција за да го попречи процесот на спроведување на правдата во обидот да ја затвори истрагата.

До последните неколку недели сепак беше воздржан, барем за негови стандарди. Тој заедно со неговите адвокати соработуваше со истражителите. Трамп никогаш директно на Твитер не го критикуваше специјалниот обвинител Роберт Милер и јавно зборуваше за него само кога му поставуваа прашања. Но тоа се промени. Високата извршна функција го изгуби своето значење. Трамп отворено ги нападна и Милер и Род Розенстајн, заменик-јавниот обвинител, кого самиот го назначи. Розенстајн ја водеше истрагата за руското мешање и ги поддржа чекорите на Милер.
Секако, овој претседател е познат по тоа што бесмислено се заканува, блефира и се перчи и можеби тоа му е максимумот. Можеби нема да ги отпушти. Знаеме дека тој веќе двапати им соопшти на своите помошници дека сака да го отпушти Милер, но го одвраќаа од таквата избрзана одлука.

Но ако претседателот тргне против истражителите, тогаш од Конгресот ќе зависат владеењето на правото, поделбата на власта и американскиот уставен поредок. Очајната поларизација и гневот на фанатиците што растеа во американското општество со децении ќе достигнат нова кулминација, што ќе биде тежок товар за републиканците во Конгресот. Многумина од нив не го поддржуваат претседателот. Републиканците порано отворено ја предупредуваа нацијата за Трамп уште кога веруваа дека можат да ја заштитат партијата од него. Тие го нарекуваа „опасен кловн“, „срам за народот“, „тотален идиот“, „социопат без совест или чувство на вина, срам или каење“, „бесрамник и расколник“, „користољубив и нечесен“, „без никаков морал“, „неразумен, неинформиран, умоболен и некомпетентен“, „без карактер и темперамент за да биде лидер на слободниот свет“ и „полн со предрасуди“. Некои уште го делат ова мислење, но анонимно. Неодамна еден од поддржувачите на претседателот во Конгресот пред еден конзервативен колумнист рече дека „како Форест Гамп да победил на претседателските избори, но еден злобен и неверојатно глупав Форест Гамп“.

Ако Трамп реши да се сврти против Милер и Розенстајн, дури и републиканците што беа загрижени за претседателот може да ги снајде истата судбина. Тие можеби не ја сакаат предолгата истрага што ја загрозува нивната агенда или можеби не сакаат кога го напаѓаат Трамп. Разбирливи се ваквите фрустрации, кои потсетуваат на оние на демократите во периодот кога Клинтон беше под истрага. Републиканците исто така можат да се најдат пред искушение на политичката сцена кога ќе заврши истрагата и кога под нивна контрола ќе бидат трите разграноци на власта.
Можеби, и притоа ова е најстрашното сценарио, републиканските лидери ќе пресметаат дека со нивната поддршка или премолчената согласност, Трамп може да избегне одговорност. Најголемиот дел Американци, вклучувајќи ги и повеќето републиканци, сакаат Милер да ја задржи работата и можеби незадоволните граѓани од неограничената моќ на претседателот ќе сакаат некакви мерки против специјалниот советник. Но многу Американци, уморни од случувањата во Вашингтон, може да ја занемарат целата ситуација како уште една тепачка со храна. Можеме да бидеме сигурни дека ќе има огромен притисок врз републиканските политичари од малцинството на Американци што го поддржуваат Трамп, како и од „Фокс њуз “ и „Синклер“.

Скандалот „Вотергејт“ беше двегодишна драма со неизбежен крај, во која беше отстранет од функцијата претседателот, кој се обиде да прикрие криминален заговор. Но многумина заборавија за колку малку претседателот Ричард Никсон ќе се спасеше од аферата. Тој беше принуден да поднесе оставка од функцијата затоа што доволно републикански лидери ја признаа легитимноста на истрагата и му се спротивставија. Последниот удар го зададоа снимените разговори. Овој пат не се објавија никакви разговори.
Неколку високи републиканци ја зборуваа вистината, вклучувајќи го и Хеч. Тој на Твитер објави дека секој што ќе го посоветува претседателот да го отпушти Милер „не работи во интерес на претседателот или на државата“. Сенаторката од Јужна Каролина, Линдзи Греам, го предупреди Трамп дека отпуштањето на Милер би било „почетокот на крајот на неговиот мандат како претседател“.
Ова е добра основа, но не е доволна. Повеќе републиканци треба јасно да покажат дека нема да толерираат никакви дејства против кого било и дека отпуштањето на Милер би било „самоубиство“, според сенаторот Чарлс Грасли.

Истрагата на Милер веќе се покажа како корисна за државата, со тоа што беа обвинети 13 Руси и три компании дека сакале да ги поткопаат претседателките избори. Никој не знае дали обвинителите на крајот ќе решат да го обвинат самиот претседател. Но ако Трамп ја попречи или прекине истрагата, тој само ќе ги зголеми наместо да ги расчисти сомнежите за него. Уште полошо, тој ќе ја отвори вратата за идните американски претседатели да можат да го политизираат американското судство. Тоа ќе биде опасно за сите Американци, без разлика на нивната политичка определба. Претседателот не е крал, туку граѓанин, кој е невин сè додека не се докаже спротивното и исто така одговара пред законот. Се надеваме дека Трамп ќе го сфати ова. Во спротивно, реакцијата на републиканските политичари не само што ќе влијае врз иднината на неговиот мандат туку и на големите политички партии во државата и на самиот американски експеримент.