Трамп, Меланија и Барон во атомско засолниште

284

Засолништето изградено под Белата куќа, во кое од безбедносни причини се скри американскиот претседател пред налетот на демонстрантите, е распространето дури на пет ката во земјата. Неговата изградба чинела 376 милиони долари. Има повеќе интересни детали за ова засолниште. Што е познато, а што досега не излегло во јавноста врзано за подземниот бункер во кој се засолни американскиот претседател?

Претседателот на САД првпат во подземниот бункер длабоко под Белата куќа

Судирите меѓу демонстрантите и полицијата во САД земаат сѐ поголем замав, заканувајќи се дека ќе се прошират до невидени размери, затоа што на површина излегуваат незадоволството и фрустрациите на Американците од општата состојба во државата, па на овој начин најдоа вентил да го изразат својот став. Иницијалната каписла за протестите и нередите беше убиството на Џорџ Флојд од страна на полициска патрола, настан што беше снимен од страна на случајни минувачи, а во која дојдоа до израз полициската бруталност и агресивност.
По првичните протести поради смртта на невиниот граѓанин, се кренаа на нозе многумина во Америка, што беше повод властите да прогласат полициски час, но тоа не беше многу ефикасно. Со оглед дека овие протести во многу градови ги надминаа дозволените граници на граѓански протест, претседателот Доналд Трамп повлече неколку потези што дополнително ја испровоцираа масата.

Како резултат на тоа, минатиот петок демонстрантите опасно се приближиле до Белата куќа и почнале да фрлаат камења, а притоа и да ги пробиваат полициските барикади. Поради сето ова, Тајната служба во петокот вечер итно го засолни претседателот Доналд Трамп во бункерот што се наоѓа во кругот на Белата куќа. Трамп поминал речиси еден час во бункерот, со неговата сопруга Меланија и синот Барон. Ова го потврди за новинарите вработен во Белата куќа, кој сака да остане анонимен.
Одлуката на безбедносната служба да го одведе Трамп на безбедно дополнително ги шокира веќе потресените жители и вработените во Белата куќа, кои ги слушаа цел викенд демонстрантите како пееја и викаа, при што полициските сили едвај можеле да ја запрат разбеснетата толпа.
Но што е познато за подземниот бункер во кој се криел американскиот претседател? Официјалното име на овие простории е Претседателски центар за итни операции (ПЕОК) и истите тие се изградени во раните 1940-ти, за време на претседателството на Френклин Рузвелт додека траела Втората светска војна.

Наследникот на Рузвелт, Хари Труман, го проширил ПЕОК за време на неговото реновирање во Белата куќа, при што оригиналниот бункер бил целосно срушен и изграден нов и многу поголем.
Но бункерот ретко се користел. Можеби единствениот случај е тој од 11 септември 2001 година, кога високи функционери во администрацијата на Џорџ Буш побарале засолниште во бункерот од страв дека некои од комерцијалните авиони се движеле кон Белата куќа. Претседателот во тоа време не бил во Вашингтон и киднапираните комерцијални авиони се урнале во Светскиот трговски центар, Пентагон и на поле во Пенсилванија. Но потпретседателот Дик Чејни, првата дама Лора Буш и другите високи функционери биле итно префрлени во бункерот. Лора Буш подоцна напиша во своите мемоари за настанот.

– Тие нè туркаа внатре по скалите низ големи челични врати што се затворија зад нас со гласен звук. Јас бев во еден од недовршените подземни тунели под Белата куќа и се движев кон ПЕОК, кој го направил претседателот Рузвелт за време на Втората светска војна. Одевме по долг поплочен ходник, а цевките и друга механичка опрема висеа од таваните по sидовите. ПЕОК е дизајниран за команден центар за време на вонредна состојба и е опремен со телевизори, телефони и други средства за комуникација – напиша таа.
Лора Буш исто така опиша како дошле до мала сала за конференции со голема маса.
Официјалните фотографи во Белата куќа тогаш ги снимаа Чејни, првата дама и советничката за национална безбедност Кондолиза Рајс како зборуваат за нивните идни чекори.

Се верува дека во петокот Доналд Трамп и неговото семејство биле однесени во истата просторија. По терористичките напади од 11 септември, администрацијата на Буш заклучи дека ПЕОК не е безбеден и доволно опремен да управување со земјата во итни случаи, така што Белата куќа почна со голем проект за изградба на нов бункер под северниот тревник од Белата куќа, каде што оди дури пет ката под земјата.
– По нападот, безбедносната служба процени дека претходниот бункер не е доволен – напиша Роналд Кеслер во книгата за Трамп во Белата куќа во 2018 година.

Пред нападот, идејата беше дека во случај на нуклеарна или биолошка војна, персоналот од Белата куќа и претседателот ќе бидат префрлени на безбедна локација во Западна Вирџинија или Пенсилванија. По 11 септември, тие сфатија дека можеби нема да имаат време за такво приспособување, ниту пак ќе биде безбедно да се оди каде било со автомобил во случај на напад. Дури и патувањето со хеликоптер би било многу ризично доколку земјата е нападната. Притоа дошле до идеја да изградат целосно одделни простории, подземен бункер под северниот тревник.
Во 2010 година почнала големата работа пред Западното крило. Официјалното објаснување за градежните работи било целосна промена на инфраструктура во Белата куќа.

Работите започнале во септември 2010 година, а длабоката дупка била ископана пред Западното крило, каде што било подигната висока зелена ограда околу целата работна зона. За време на градежните работи, забрането било задржување и снимање во близината на Белата куќа.
– Бункерот е длабок пет ката и има свое снабдување со воздух, како и големо снабдување со храна – вели Кеслер и додава дека за самиот бункер не се знае многу.
Овие простории за итни случаи треба да служат како команден центар и привремено живеалиште на американскиот претседател.
Вкупните трошоци за изградба на бункерот беа неверојатни 376 милиони американски долари.