Таен договор меѓу Куба и Катар за лекарските мисии

112

Повеќето пари што ги заработуваат кубанските лекари во Катар завршуваат назад во Куба, во согласност со еден таен договор меѓу двете држави

Пред влезот на една болница во Доха се веат две знамиња, катарско и кубанско. Болницата е на Владата на Катар, но целиот медицински персонал, вкупно 475 лекари, медицински сестри и техничари, е од далечниот карипски остров. Кубанската болница е отворена во 2012 година и може да се пофали со врвни капацитети и услуги. Сепак, една работа не е во согласност со меѓународните стандарди, а тоа се платите на Кубанците. Тие добиваат околу 1.000 долари месечно или десет отсто од она што го добиваат другите странски медицински професионалци во државните болници во Катар. Остатокот од платата завршува кај кубанската влада според еден таен договор со Катар. Ниту катарските ниту кубанските власти не откриваат детали за договорот, но извори велат дека Катар месечно ѝ плаќа на Куба од 5.000 до 10.000 долари за секој лекар.

Куба испраќа лекари во светот од раните 1960-ти. Во моментот има околу 30.000 кубански лекари и медицински сестри во 60 земји. Почнувајќи со мисиите во Алжир и во Чиле, програмата прерасна во глобален систем на мека моќ, воден од хуманитарни, политички и економски цели. Кубанските медицински тимови често се во првите спасувачки редови во Јужна Америка. Позајмувањето лекари на други земји е главниот извор на приходи за Куба, која годишно од тоа заработува до осум милијарди долари, далеку повеќе од заработката од туризмот. Во изминатата деценија, делумно поттикната со намалувањето на приходите од својата медицинска програма во Венецуела, Куба се сврте кон нови земји преполни со пари: Катар и Саудиска Арабија.

Иако лекарите се пријавуваат доброволно да учествуваат во мисиите, критичарите на Куба од САД тврдат дека мисиите се експлоататорски.
– Не се сомневам дека тие се принудени да работат. Куба е тоталитарна држава со загарантиран извор на нископлатени работници, кои лесно се експлоатираат како извозни производи – вели Марија Верлау, активистка во Мајами. Таа смета дека лекарите се жртви на кражба на плати, конфискација на пасоши, тежок надзор и присилно раздвојување на семејството.
По влошувањето на односите со Куба, САД ги засилија критиките за мисиите. Во јуни, Стејт департментот ја критикуваше Куба во извештај за трговија со луѓе, обвинувајќи ја дека не презела мерки за „решавање на присилната работа во програмата за странски медицински мисии“.
Сепак, други тврдат дека медицинските мисии се многу посакувани можности во земја во која лекарите месечно заработуваат 40-70 долари.

– Не верувам дека се експлоатирани. Тие заработуваат многу повеќе од дома. Тие се обучени во социјалистички систем, не платиле ништо за медицинската обука и разбираат дека сумата што ја добива кубанската влада се користи за субвенционирање на здравствениот систем во Куба – вели Џон Кирк, професор по шпански на универзитет во Канада.
Медицинските лица од кубанската болница во Катар го бранат системот.
– Верувам дека треба да им помогнеме на сите. Тоа е фер затоа што знам дека дел од сумата се користи за поддршка на нашиот здравствен и образовен систем. Ако мислите само на себе, секако дека не е фер – вели лекар.

Но друг што се повлекол од мисијата вели дека се почувствувал „како роб“ кога открил дека другите лекари во Катар имаат многу повисоки плати.
Една од причините зошто лекарите се приклучуваат на програмата е тоа што дури и со одземените средства, Катар останува привлечна дестинација за кубанските лекари.
– Животот во нашата земја е многу тежок, а платата е многу лоша. Тука заработуваме пари и за Куба и за нас – вели еден лекар.
Други се помалку убедени.

– Заработувам 1.100 долари. Не е најдобро, но не е и најлошо – вели друг лекар.
Лекарите велат дека на нивните семејства им е дозволено да ги посетуваат, ама не и да останат. На секој што ќе се откаже од медицинска мисија му е забрането да се врати на Куба најмалку осум години, освен ако не се врати во кубанскиот здравствен систем. Секој што ќе се обиде да си замине се соочува со друг проблем. По пристигнувањето во Катар, Кубанците велат дека треба да ги предадат своите пасоши, практика што е нелегална во Катар. Катар најави законски измени, кои може првпат да им овозможат на работниците да ги менуваат работните места без дозвола на работодавецот, но не е јасно дали кубанските лекари ќе можат да изберат попрофитабилно место во Катар.

– Платите во болницата ги плаќа кубанската влада, како и во другите кубански програми во светот – тврди портпарол на агенција што раководи со здравствена заштита на Катар.
Кубанската амбасада во Катар одбива да ги коментира наводите за програмата.