Стратегиското трпение на Москва кон Вашингтон

524

Москва се обложува дека Вашингтон во еден момент ќе го промени ставот кон Русија. Сѐ што таа треба да прави е да ја држи вратата отворена и да чека

Москва ја оцени средбата меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на маргините на неодамнешниот самит на Г20 во Јапонија како скромна победа. Иако највисоките руски официјални претставници признаа дека малку се променило по средбата, тие изразија засилен оптимизам поради тонот од разговорот меѓу двајцата лидери. Тие се надеваат дека ако покажат трпеливост и успеат да спречат напнатоста меѓу САД и Русија да излезе надвор од контрола, тогаш Вашингтон на крајот ќе прифати ново затоплување на односите со Москва без таа да ги промени своите позиции.

Во интервју по самитот на Г20, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, оцени дека Москва гледа охрабрувачки знаци од Трамп по состанокот во Јапонија.
– Американскиот претседател јасно покажа намера да го заживее дијалогот. Што се однесува до Путин, тој долго време зборуваше за неговата желба да оди по патот на нормализација на односите, но, исто така, рече дека без заеднички интерес од САД не може да се зборува за такво нешто. Сега првпат го видовме овој заеднички интерес од претседателот на САД – рече Песков.

Истовремено, други членови од тимот на Путин признаа дека немало поголемо поместување. Амбасадорот Јуриј Ушаков, помошникот за надворешна политика на рускиот претседател, по состанокот на Г20 изјави: „За жал, не можеше да се дискутира за многу теми во длабочина“. Трамп и Путин наводно разговарале за контрола на оружјето, трговијата, Иран, Венецуела, Сирија и Украина. Сепак, не беа објавени нови договори или планови за иден состанок меѓу двајцата лидери.
Но, и покрај недостигот од конкретни резултати од состанокот меѓу Трамп и Путин, Москва не се обесхрабрува. Многу од руските коментари по средбата беа во насока дека состаноците како тој во Осака порано или подоцна ќе донесат опипливи резултати. Леонид Калашников, претседател на Комисијата на руската Дума за Комонвелтот независни држави, за руска државна телевизија изјави: „Како резултат од некој самит, некако ќе постигнеме нешто, на овој или оној начин. Нема да избегаме од тоа“.

Американците врескаа по револуцијата од 1917 година, но до 1930 година беа обновени речиси сите дипломатски врски. Тие, веројатно, ќе се справат со Крим на ист начин – заклучи тој.
Професорот Дмитриј Суслов од Високата школа за економија изрази слична перспектива пред состанокот меѓу Трамп и Путин. Тој вели оти Москва е убедена дека ако го одржи својот курс, Вашингтон ќе попушти во даден момент.
– Не мислам дека Русија значително ќе ја зацврсти својата позиција, но најверојатно нема да направи никакви отстапки. Русија само ќе почека додека САД не почнат да ја менуваат својата политика кон Русија со нивна иницијатива од причини поврзани со домашната и надворешната политика – вели Суслов, кој овој пристап го нарече „стратегиско трпение“.

Претходно годинава, рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, ја опиша политиката на Москва кон Вашингтон како „стратегиско трпение“ во интервју за руското издание на неделникот „Интернешнел аферс“.
Тој изјави дека токму самите Американци некогаш го користеле терминот „стратегиско трпение“, што, според него, се чини дека е соодветно за да се опише курсот што треба да се држи во односите на Москва со Вашингтон.

Терминот „стратегиско трпение“ често се користеше за да се опише пристапот на администрацијата на Барак Обама кон Северна Кореја. Според оваа политика, Вашингтон избегнува ескалација со Пјонгјанг, но и не прави никакви отстапки, освен ако Северна Кореја не направи прв чекор.
Според Суслов, пристапот на „стратегиското трпение“ на Русија се заснова на две претпоставки. Прво, политичката поларизација во САД на крајот ќе се намали. Откако ќе се појави нов домашен консензус во САД, ќе биде полесно за шефот на Белата куќа да продолжи со нормализацијата на односите со Русија. Второ, САД ќе сфатат во наредните пет до десет години дека не можат истовремено да се соочат и со Кина и со Русија. Растечката економска и воена моќ на Пекинг ќе ги поттикне САД да ги подобрат односите со Русија.

Што планира Русија да прави додека не дојде до таква промена во ставот на Вашингтон кон Москва, претпоставувајќи дека тоа воопшто се случува? Суслов смета дека главна цел на Русија во моментот е контрола на штетите.
– Од суштинско значење е да соработуваме со САД заради контрола на конфликтот и спречување директна воена конфронтација. За да го направиме тоа, од клучно значење е да има средби и разговори за прашања од стратегиска стабилност и за регионални конфликти – вели Суслов.

Во случајот со Европа, планот на „стратегиско трпение“ на Москва веќе дава резултати. Неодамна, Советот на Европа го обнови членството на Русија без Кремљ да прави отстапки. Русија беше суспендирана од европската организација откако го анектира Крим во 2014 година. Ако сојузниците на новоинаугурираниот украински претседател Володимир Зеленски победат на парламентарните избори во земјата на 21 јули, бившиот комичар, кој најавуваше обнова на дијалогот со Русија, можеби ќе биде охрабрен да тргне во тој правец.

Како што се ближи изборната 2020 година, мали се шансите Вашингтон да направи значителни чекори за приближување до Москва. И републиканците и демократите во Конгресот на САД со сомнежи гледаат кон Кремљ, а ставот на јавноста не е поповолен. Сепак, Москва се обложува дека Вашингтон во еден момент ќе го промени својот став кон Русија. Сѐ што треба да стори е да ја држи вратата отворена и да чека.

Разговорите спречуваат конфликти: Трамп и Путин на самитот на Г20 во Јапонија