Стратегиската автономија на ЕУ ќе слабее со Џо Бајден во Белата куќа

219

На францускиот претседател Макрон ќе му биде потешко да ја протурка големата визија за Унијата без да може да ѝ ја спротивстави на администрацијата на Трамп

Во многу европски метрополи, победата на Џо Бајден на изборите беше пречекана со олеснување по четири години проблеми со претседателот Доналд Трамп. Но заедно со радоста и ветеното враќање на Америка кон мултилатерализмот, победата на Бајден значи и враќање на старите и појава на нови раздори во врска со улогата на ЕУ во светот.
Особено француските официјални лица се прашуваат до кој степен претседателството на Бајден ќе го попречи нивниот веќе тежок притисок за геополитички понезависна ЕУ, омилениот проект на претседателот Емануел Макрон во последниве години, кој се чинеше ја црпи моќта од едностраниот приод на Трамп кон Европа.
– Дали промената во американската администрација ќе ги натера Европејците да се откажат од обидот да се изгради поголема стратегиска автономија – праша Макрон во едно долго неодамнешно интервју.
Макрон ја промовира својата визија за Европа, која би можела да се одржи во светот во кој доминираат гиганти како САД и Кина. Иако Макрон ги нарекуваше САД „историски сојузници“, тој исто така ги нагласи културните и геополитичките разлики меѓу двете страни на Атлантикот и јасно стави до знаење дека Европа треба да ја следи стратегиската важност „за себе“ и „да го спречи кинеско-американскиот дуопол .“

Конкретно, според него, ова значи понатамошни напори за зајакнување на европската одбрана, истовремено справување со технолошката зависност од двете суперсили кога станува збор за 5Г-мрежи. Тој исто така повика на акција против финансиската моќ на Вашингтон, која стана очигледна кога американските финансиски санкции им се заканија на компаниите од ЕУ што имаа бизнис-зделки со Иран, откако САД се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор во 2018 година.
Посилна Франција преку посилна Европа е мантра на Макрон со години и е дел од француската политичка ДНК со децении. Ставот на Елисејската палата кон НАТО, на пример, беше амбивалентен уште од времето на претседателот Шарл де Гол, кој во 1966 година ги повлече француските сили од командата на Алијансата, одлука што ќе биде целосно променета само 40 години подоцна.
– Ако погледнете како се позиционира Франција на Западот од Де Гол па натаму, нејзината порака е дека е сојузник на САД, со кои има заеднички вредности, но дека истовремено не е вазал за да мора да се потчинува – вели Кристијан Лекесн, професор по геополитика и меѓународни односи.

Клучното прашање за Париз е дали, во отсуство на Трамп, неговите европски партнери ќе го прифатат истиот став. Во последниве години, благодарение на трговските војни на Трамп, спорот со НАТО и политичките и економските борби за сè и сешто, од Иран до климатските промени, Европа се чинеше подготвена да издвои поголема независна улога за себе. Француските и германските официјални лица, разгневени од економскиот притисок на САД, отворено зборуваа за враќање на „економскиот суверенитет“. Во 2018 година, тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, порача дека е дојдено времето за „европски суверенитет“. Германската канцеларка Ангела Меркел лани побара „поголем стратегиски суверенитет за ЕУ“.
Но повиците беа празни и е најјасно кога станува збор за одбраната. На пример, беше основан Европски фонд за одбрана за развој на воена технологија и подобрување на соработката, но изворите издвоени од последниот седумгодишен буџет на ЕУ се 40 проценти пониски од бројката првично предложена од комисијата. Европската агенција за одбрана вели дека вкупните трошоци во оваа област дури лани се вратија на нивоата пред финансиската криза, при што учеството на истражувањата на технологијата во одбранбените буџети е сè уште значително пониско отколку во 2007 година. И покрај потпишаниот договор за воена соработка во 2018 година, интегрираната европска армија останува практично фантазија во оваа фаза.

Тие грешки станаа очигледни во последните неколку недели поради невообичаената јавна расправија помеѓу Макрон и германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер. Во колумна за „Политико“ таа тврди дека „илузиите за европска стратегиска автономија треба да завршат“ и дека „Европејците нема да можат да ја заменат клучната улога на Америка како гарантор на безбедност“. Макрон подоцна нагласи дека тој воопшто не се согласува со тој став.
Во последниве години, Европа се чинеше подготвена да издвои поголема независна улога за себе. На некој начин, поделбите изгледаат подлабоко отколку што навистина се. Минатата недела министрите за надворешни работи на Франција и на Германија потпишаа заедничка колумна, со која признаваат дека трансатлантското партнерство мора да стане „побалансирано“. Особено по одлуката на Трамп да повлече илјадници американски војници од Германија, Берлин знае дека Европа ќе мора да прифати поголемо делење на товарот, бидејќи американските ресурси сѐ повеќе ѝ се посветуваат на конфронтацијата со Кина.
Зголемените разлики се нагласени. Крамп-Каренбауер инсистира на тоа дека Европа треба да ги зајакне своите воени трошоци и да преземе некои безбедносни задачи на САД во своето соседство, но како начин за тоа да се сфати посериозно од Вашингтон и да се зајакнат врските на НАТО и трансатлантските односи, а не тие да се заменат.
Проблемот на Макрон е што дури и ако тој се согласи на германскиот пристап, не е јасно дека тоа ќе се оствари. Ставот на еден министер не е нужно став на целата влада, особено за голема коалиција, каква што раководи со Германија.

Тоа го посочува и Ханс Маул од германскиот институт за меѓународни и безбедносни работи. Секој континуитет во сегашниот пристап на Германија е дополнително заматен со планираното заминување на Меркел од функцијата канцелар идната година.
Во таа смисла, според Маул, овој месец француско-германски судири може да бидат обид на Макрон да го одржи притисокот, со оглед на генералниот недостиг од доверба во Берлин да ги исполни своите обврски за трошење на одбраната. Додека германскиот буџет за одбрана се зголемуваше во последните неколку години, тој останува под номиналниот праг од два проценти од БДП што земјите од НАТО треба да го потрошат за одбрана. Сега се проценува дека Германија троши околу 1,6 процент од БДП за одбрана, во споредба со 2,1 проценти на Франција. Кога станува збор за трошоците за голема опрема и сродни истражувања и развој како дел од вкупниот износ, германските износи се едни од најниските меѓу членките на НАТО. Командата на германските вооружени сили долго време алармираше за лошата состојба во армијата, ситуација што Маул ја опиша како „хаотична“.

Токму тоа, заедно со победата на Бајден, е она што ги намалува шансите Макрон да забележи некој поголем чекор напред во својата визија за посилна Европа. Исто така, другите членки на ЕУ и на НАТО, како Полска, Унгарија или балтичките земји, се дури и помалку подготвени од Германија да прифатат стратегиска независност од САД.
– Францускиот претседател е доста изолиран. Многу држави на ЕУ сè уште ја прифаќаат американската хегемонија и тука се распаѓа проектот на Макрон – вели Лекесн.