Спас за контролата на нуклеарното оружје

138

Целта на контролата на нуклеарното оружје е очигледна, но средствата за нејзино постигнување се многу сложени. Тоа што успеваше во минатото, сега не функционира и тактиките од минатото денес може да бидат катастрофални

Бенет Рамберг

Дали се распаѓа контролата на нуклеарното оружје? Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел од 1987 година (ИНФ) пропадна, нуклеарниот договор со Иран од 2015 година е на работ на колапс, а Северна Кореја продолжи да го проширува својот нуклеарен и балистичко-ракетен арсенал. Уште полошо, не е јасно дали САД ќе се придржуваат до новиот договор СТАРТ, кога ќе истече во 2021 година. Со овој договор бројот на стратегиско оружје што САД и Русија го имаат насочено еден кон друг се ограничува на 3.000.

За среќа, историјата нуди малку утеха. За време и по Студената војна, по периодите на прекин на контролата на оружјето, обично следуваа фази на реконструкција. Но курсот на пресврт никогаш не е лесен. Кога станува збор за приближување со Русија, Иран и со Северна Кореја, досегашното искуство покажува дека има ограничувања на она што може да се постигне со проширување сојузи или спроведување воена акција. Другите опции се економски санкции – кои се ефективни само до одреден момент – и понатамошно трупање оружје, за да се поттикне обновување на преговорите.

Секако, алијансите историски играле важна улога во нуклеарното проширување. Во Европа, нуклеарниот чадор САД – НАТО спречи други земји, освен Британија и Франција, да стекнат такво оружје. Кога американските разузнавачки агенции дознаа во 1970-тите и во 1980-тите дека Јужна Кореја и Тајван имаат тајни програми за нуклеарно оружје, Америка се закани дека ќе ја повлече својата воена и економска поддршка, а програмите на крајот беа затворени. Но притисокот во рамките на алијансата нема никаква улога во однос на самотниците како Северна Кореја, Русија и Иран. И покрај воениот сојуз на Кина и повремените самити со Северна Кореја, сето тоа има мало влијание врз нуклеарните амбиции на Ким Јонг-ун. И додека Британија, Кина, Франција, Германија и Русија сѐ уште можат да извршат притисок врз САД за обнова на дијалогот со Иран, нивните напори досега не дадоа никакви резултати.
Употребата на сила во контролата на нуклеарното оружје е разгледувана одамна, но ретко се спроведува, поради ризиците од одмазда или радиолошки последици. Кога овие ризици се отсутни, воената акција станува привлечна.

Во 1981 и 2007 година, Израел бомбардира наводни ирачки и сириски нуклеарни постројки во изградба, без повратни информации. Во Заливската војна во 1991 година, американските воздухопловни сили уништија постројки за збогатување ураниум во Ирак без одмазднички реакции.
Но ова не е опција против Русија и Северна Кореја денес. Нападот врз тајниот руски арсенал со среден дострел или нуклеарната програма на Северна Кореја може да предизвика сценарио што треба да ја спречи контролата на оружјето: нуклеарна војна. Ситуацијата со Иран е различна. Стравувајќи од понатамошни активности на Иран за збогатување ураниум, САД теоретски би можеле да извршат ограничен напад врз нуклеарните објекти во Иран, под претпоставка дека заканата од понатамошно дејствување на САД ќе обесхрабри ирански одговор. Но Иран не е Ирак или Сирија. Директно или преку своите регионални сојузници, Иран би можел да изврши низа напади против американските интереси, како што се случи при неодамнешниот напад врз нафтената инфраструктура на Саудиска Арабија. Американските власти сериозно треба да го оценат овој ризик.

Историски гледано, друга опција е да се изгради сопствен арсенал. Во раните 1960-ти, Америка продолжи со тестовите за нуклеарно оружје како одговор на нарушувањето на Советскиот Сојуз на мораториумот за тестирање во 1958 година, а тоа го отвори патот за Договорот за делумна забрана за нуклеарно тестирање во 1963 година. Слично на тоа, ИНФ беше договорен откако САД распоредија ракети со среден дострел во Европа како одговор на воведувањето вакво оружје од страна на Москва. Во секој случај, двете страни заклучија дека ваквите потези само ја зголемуваат несигурноста.
Но во денешната клима, употребата на нуклеарна ескалација за да се предизвика нова рунда преговори за контрола на оружјето ќе даде мешани резултати. САД би можеле да се обидат да ги заплашат Севернокорејците со враќање на нуклеарното оружје во Јужна Кореја, кое беше отстрането во 1991 година. Но со оглед на тоа што Ким ја поврзува бомбата со својот опстанок, таквиот потег најверојатно ќе ги зголеми тензиите на Корејскиот Полуостров и ќе ја разгневи Кина. Затоа подобар начин да се спречи нуклеарна војна на Корејскиот Полуостров е класичното обесхрабрување со нуклеарното оружје на далечно растојание и со конвенционалното оружје во близина. Истовремено, дијалогот меѓу Северна Кореја и САД би го намалил ризикот од конфликт што би произлегол од некаква погрешна пресметка или недоразбирање.

Спротивно на тоа, неодамнешниот тест на САД за крстосувачка ракета со среден дострел и плановите за развој на балистичка ракета со среден дострел е дел од историскиот модел на користењето на развојот на оружје за да се привлече вниманието на Кремљ кон контролата на оружјето. Слично, САД можеби сметаат дека е соодветно да испратат ракети со среден дострел и со нуклеарни боеви главо во Источна Азија за да ја смират нуклеарната експанзија на Кина. Иран, за разлика од тоа, нема нуклеарен арсенал што би го засилил. Наместо тоа, Иран има капацитет за збогатување ураниум што САД сакаат да го укинат. Оттука, САД ги заоструваат санкциите, го јакнат военото присуство во Персискиот Залив и извршуваат хакерски напади против Иран. Како одговор на тоа, Техеран го засили збогатувањето ураниум, ги попречува испораките на нафта во Персискиот Залив, ги нападна саудиските нафтени инфраструктури и ги загрози американските интереси и сојузници на Блискиот Исток. Прашањето е дали сето ова ќе доведе до судир што потоа би резултирал со обнова на разговорите за контрола на оружјето, како во минатото. Во овие бурни времиња, со право се поставува прашањето дали контролата на оружјето се распадна. Иако повеќето нуклеарни договори се во сила, глобалниот систем за контрола на оружјето е во ќор-сокак. Но со сите свои недостатоци, овој систем покажа извонредна еластичност и таа повторно ќе се тестира во наредните месеци и години.

Авторот е бивш политички аналитичар на Стејт департментот