Северна Кореја сака да стане како Пакистан

426

Американски функционери заговараат либиски модел за Северна Кореја, но таа веројатно повеќе сака да биде како Пакистан. Двете држави веќе соработуваа на нуклеарниот развој

Доналд Трамп го откажа планираниот самит со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, па потоа најави дека сепак ќе се случи, а во меѓувреме Јужнокорејците се подготвуваа за контрола на штетата со импровизиран самит што самите го свикаа. Сето ова се случи само неколку дена по дискусијата за историската паралела со Либија. Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон изјави дека основата за договорот со Северна Кореја бил „либискиот модел“ од 2003 до 2004 година, кога Моамер Гадафи мораше да ја предаде целата нуклеарна програма на САД. Сепак за Северна Кореја, ваквата алузија за Либија изгледаше „крајно застрашувачка“, затоа што во 2011 година, помалку од една деценија откако Либија попушти пред Западот, САД и нивните сојузници се здружија заедно со локалните бунтовници да го соборат режимот на Гадафи.

За Пјонгјанг, Либија не е единственото историско предупредување за опасноста од разоружувањето. Во 2003 година, Ирак тврдеше дека се откажал од трката за создавање оружја за масовно уништување и дури им дозволи на инспекторите да се вратат во државата, но сепак се соочи со американска инвазија и промена на режимот. Во 2005 година, Иран се согласи да ја ограничи нуклеарната програма за возврат за олеснување на санкциите, но во 2018 година Трамп се повлече од договорот.
Дали постојат некакви модели за „непредвидливите“ режими со нуклеарни програми што можат да бидат привлечни за Северна Кореја? Одговорот е потврден. Но, за жал, станува збор за држава што располага со нуклеарна одбрана, но не ја користи, а тоа е Пакистан. Ако Пјонгјанг размислува за две можни иднини, поточно Либија или Пакистан, тогаш и не станува збор за некој голем избор.

Пакистан почна сериозно да работи на создавањето нуклеарни оружја во 1970-тите, поттикнат од желбата да се одбрани од моќната ривалска Индија, но и да ги достигне своите нуклеарни капацитети. Пакистанскиот политичар Зулфикер Алу Буто, кој подоцна стана премиер, тврдеше дека „ако Индија произведе атомска бомба, тие ќе јадат само трева и ако треба ќе гладуваат, но ќе произведат нивна“. Во 1998 година, на еден убав и сончев ден во округот Чагај, Пакистан изврши низа нуклеарни тестови. Главниот научник му се помоли на Алах и го притисна копчето, а веднаш потоа се стресе планината од огромната експлозија.
Во 2016 година, американскиот журнал за атомски научници процени дека Пакистан располага со 130 до 140 боеви глави и предвиде дека речиси ќе го удвои арсеналот до 2025 година. Исламабад би можел да испорача нуклеарни оружја со балистички ракети од среден дострел, крстосувачки ракети, борбени авиони „ф-16“ и тактички системи за краток дострел на бојното поле.

Можеме да бидеме уверени дека Северна Кореја внимателно го следи искуството на Исламабад. Сепак, двете држави делат важни сличности. Двете се соочуваат со дамнешно ривалство со далеку помоќна демократска држава со која порано биле дел од една поголема заедничка држава (Индија и Јужна Кореја). Исто така, Северна Кореја и Пакистан понекогаш ги прекршуваа меѓународните закони. Во 2003 година, Северна Кореја се повлече од Договорот за нуклеарно неширење, а Пакистан никогаш не го потпиша. Со децении, Северна Кореја и Пакистан беа неформални сојузници, со тоа што тргуваа со конвенционални оружја и го поддржуваа Иран во Иранско-ирачката војна.

Друга причина поради која Пјонгјанг сигурно ќе го разгледа пакистанскиот модел е што двете држави соработуваа на нуклеарниот развој. Во 2006 година, Конгресната истражувачка служба објави дека Пјонгјанг му предал ракетна технологија на Исламабад, а Пакистан ја предал нуклеарната технологија на Северна Кореја преку мрежата на пакистанскиот нуклеарен инженер Абдул Кадир Хан. Во текот на 1990-тите, кога Северна Кореја се соочи со глад поради кој умреа околу 500.000 лица, Севернокорејците навистина јадеа само трева, а за Пјонгјанг и натаму приоритет беше воениот развој и да добие клучни податоци од Пакистан за збогатувањето на ураниумот. За Пакистан дури и постојат сомнежи дека извршил нуклеарни тестови за Северна Кореја.

Од аспект на Северна Кореја, пакистанскиот модел мора да изгледа привлечно. Пред сè, пакистанските нуклеарни оружја успешно ја спречија Индија. Во периодот на 1960-тите и 1970-тите Пакистан претрпе понижувачки воени порази, вклучувајќи ја Индо-пакистанската војна од 1971 година, кога Пакистан загуби 56.000 квадратни километри територија, која стана новата држава Бангладеш. Нуклеарните оружја всушност ја елиминираа можноста за масовна инвазија од страна на Индија. Во 1987 година, претседателот Мухамед Зија ул Хак му порача на својот индиски колега дека „ако неговите сили се обидат да ја преминат границата, тогаш тие ќе ги збришат нивните градови“. Во 1999 година, пакистанските сили преминаа во индиски контролираниот Кашмир, со што ги поттикнаа каргилската криза и военото непријателство. Од клучна важност беше што Индија ја избегна ескалацијата, ја ограничи војната и одби да навлезе на пакистанска територија. Една студија донесе заклучок дека „главниот извор на индиската воздржаност беа директните сознанија дека Пакистан поседува нуклеарен арсенал“.

Покрај тоа, нуклеарните капацитети на Пакистан го натераа Западот внимателно да се справат со државата. САД учествуваа со милиони долари материјална помош за да ги контролираат резервите на Пакистан, вклучувајќи хеликоптери и опрема за нуклеарно детектирање. Пакистанските нуклеарни капацитети исто така беа уште една причина зошто Вашингтон продолжи да испраќа милијарди долари во воена и економска помош, иако Исламабад ги поддржуваше талибанските бунтовници, кои се бореа против американските војници во Авганистан.
Во меѓувреме, Пакистан се стекна со престиж како единствената држава со претежно муслиманско население што има нуклеарно оружје. Пакистанскиот министер за надворешни работи ја опиша нуклеарната програма како „најголемото постигнување на Пакистан“. Нуклеарната програма исто така има голема домашна поддршка. Нуклеарните тестови во 1998 година што ги стресоа планините ги натераа граѓаните да излезат на улиците и да прославуваат.
Секако сето ова имаше цена. Парите што беа вложени во пакистанската нуклеарна програма можеа да се пренаменат во здравството и во образованието. Нуклеарните тестови во 1998 година наидоа на осуда насекаде во светот. Откако одби да го потпише Договорот за нуклеарно неширење, Пакистан се соочи со рестрикции во увозот на цивилната нуклеарна технологија. Нуклеарните оружја можеби ја спречија Индија, но тие исто така ризикуваа да се случат несреќи и дури ескалација на нуклеарна војна.

Но Северна Кореја, сепак, го претпочита пакистанскиот модел, поточно сиромашната држава, која буквално јадеше трева за да создаде нуклеарно оружје и сака да биде прифатена како докажана нуклеарна сила, го поддржува нуклеарното разоружување во принцип, но само како дел од пошироките меѓународните напори за разоружување (кои најверојатно нема никогаш да се остварат), успешно се справи со помоќниот ривал и се стекна со домашен престиж и меѓународен статус.
Садам и Гадафи сами донесоа одлука и двајцата повеќе не се живи. Северна Кореја сака да оди по друг пат. Зошто да не стане Пакистан од Источна Азија?