САД се изолирани во студената војна со Кина

137
Британија е еден од клучните американски партнери, кој реши да не ги следи САД во нивната политика кон кинеската компанија „Хуавеи“

Американските сојузници главно не сакаат светски поредок предводен од Кина, но исто така не сакаат да ја игнорираат оваа суперсила, која претставува огромна економска можност. Поради таа причина, обидите на САД да изградат експлицитно антикинеска алијанса нема да успеат, велат американски експерти

Во натпреварот меѓу САД и Кина за тоа кој треба да го обликува светот во наредниот век, Америка игра за да победи. Но се чини и дека се соочува со голем проблем. Наспроти глобалната мрежа на сојузи што ја изгради досега, Вашингтон не може да ги убеди сојузниците да ја остават Кина зад себе.
Американските функционери се мачат да ги убедат партнерите дека САД се сигурен партнер, што може да им обезбеди одржливи алтернативи на она што го нуди Кина, како и дека придобивките од приближување кон Вашингтон ги надминуваат ризиците од отуѓување на Пекинг. Една причина за тоа се и противречните пораки од самиот американски претседател Доналд Трамп, кој еднаш е строг со сојузниците, а другпат има само убави зборови за кинескиот претседател, наспроти актуелната трговска војна меѓу САД и Кина.

Последиците од ваквите сомнежи особено беа забележливи изминатите неколку недели, бидејќи најблискиот сојузник на САД во светот (Британија) и една од најпознатите проамерикански држави во светот (Филипини) во суштина се изјаснија против САД. Не следејќи го водството на Америка, овие сојузници поставија преседани за тоа како би можеле да се однесуваат во иднина државите заглавени меѓу двете суперсили. Тие сигнализираа и дека меѓународните односи денес се премногу испреплетени, а кинеската моќ е премногу привлечна, за тие да се вклучат во коалиција предводена од САД и да учествуваат во еден поделен свет како за време на Студената војна. Ако САД сакаат да го обноват тој свет, тогаш во голема мера ќе бидат изолирани. Ако САД не сакаат да бидат изолирани, тогаш ќе мора да развијат привлечни алтернативи за сојузниците да останат на нивна страна наместо да соработуваат со Кина.

Контрадвижењето против новата студена војна меѓу САД и Кина се засили минатиот месец, кога британскиот премиер Борис Џонсон објави дека Британија ќе ѝ дозволи на кинеската компанија „Хуавеи“ да учествува во изградбата на британската 5Г-мрежа. Ова беше шлаканица за американските функционери, кои со месеци се обидуваа да ги убедат британските колеги да ја забранат „Хуавеи“ поради наводни безбедносни ризици поврзани со нејзините врски со кинеската влада. Администрацијата на Трамп наводно дури и споделила тајни разузнавачи податоци со Британија, тврдејќи оти „Хуавеи“ може да шпионира и да ги наруши странските мрежи, обвинување што компанијата го негира.
На крајот, Британија се позиционира помеѓу Кина и САД. Британската влада соопшти дека ќе ја држи технологијата на „Хуавеи“ надвор од најранливите делови на новата 5Г-мрежа на земјата, но дека нема да го следи примерот на САД, Австралија и Јапонија и целосно да ја забрани кинеската компанија.

Но фактот дека Британија, која го нагласува специјалниот однос со САД, споделува разузнавачки податоци со Американците и допрва треба да склучи трговски договор со САД по брегзит, се реши на таков чекор, само ги охрабри и другите сојузници. ЕУ, Франција и Германија брзо обелоденија слични планови. Други сојузници, како Индија и Јужна Кореја, будно ја следат ситуацијата. За овие земји, придобивките од партнерството со „Хуавеи“ (доминантен играч на глобалниот 5Г-пазар, а и најевтин поради државните субвенции,) се очигледни, додека заканите се позатскриени, ако не и нереални. Како што рече Џонсон: „Ако некој е против некој бренд, тогаш треба да понуди алтернатива“.
Министерот за правда на САД, Вилијам Бар, ја препозна оваа слабост во пораката на Америка до сојузниците, па предложи американската држава брзо да преземе контролен удел во сопственоста на европските конкуренти на „Хуавеи“, како „Нокиа“ или „Ериксон“. Но тој призна и дека проблемите на администрацијата на Трамп со „Хуавеи“ не се само околу безбедносните ризици. Многу поважно е која суперсила ќе доминира со столбот на идната дигитална економија, вредна илјадници милијарди долари. Ова е логично објаснување, но тоа сигурно само ќе ги зголеми сомнежите на сојузниците дека позицијата на САД се однесува на одржувањето на нивната технолошка доминација, а не на јакнење на безбедноста на партнерите.

Оттука доаѓа и трансатлантската поделба. Додека администрацијата на Трамп смета дека растечката моќ на Кина претставува егзистенцијална закана за американската доминација, Лондон веќе пресмета дека Кина е премногу привлечен пазар од кој Британија не може да бега. Многу земји во светот сега се поделени меѓу САД како главен безбедносен сојузник и Кина како главен трговски партнер.
Администрацијата на Трамп во моментот, пак, е растргната меѓу импулсот да ги намали инвестициите на Америка во странство и да надвладее над Кина, која ги зголемува своите инвестиции. Додека Кина инвестира илјадници милијарди долари во инфраструктурни проекти преку иницијативата за обнова на Патот на свилата, предлог-буџетот на администрацијата на Трамп за 2021 година бара да се издвојат релативно мали 800 милиони долари за да се обезбеди алтернатива на „предаторското кинеско меѓународно кредитирање“.
Но сојузниците денес не се решаваат толку да застанат на страната на САД, зашто беа сведоци на тоа како главните надворешнополитички иницијативи повеќе не се пренесуваат од една администрација на друга. Ова важи дури и за ставот околу кој успеваат да се согласат двете најголеми американски партии, а тоа е дека конкуренцијата меѓу досега доминантните САД и Кина, која е во постојан подем, ќе го дефинира 21 век. На пример, државниот секретар на САД Мајк Помпео при посетата на Лондон ја опиша кинеската комунистичка партија како „централна закана“. Мет Дас, советникот за надворешна политика на демократскиот кандидат за претседател, Берни Сандерс, пак, порача оти идната администрација на Сандерс ќе ги смета климатските промени како најголема безбедносна закана за САД, а тоа ќе ја направи Кина, која емитува најмногу стакленички гасови во светот, клучен партнер на САД. Но зошто тогаш државите во светот би избирале страна кога се доволни само едни избори за да се сменат работите?

Во еден нов извештај за политиката на САД кон Кина се нагласува дека американските партнери главно не сакаат да бидат дел од еден нов меѓународен систем, кој би бил предводен од авторитарна Кина, но дека тие исто така не можат да ја игнорираат Кина, како огромна „економска можност и географска реалност“. Во истиот документ се посочува дека секоја американска стратегија треба да го признае овој факт. Препораките од експертите се проследени и со предупредувањето дека обидите на САД да изградат експлицитно антикинеска алијанса нема да успеат. Иронично, дента кога беше објавен овој извештај, Британија ја обелодени позитивната одлука за кинеската компанија „Хуавеи“.