САД и Кина постигнаа трговски договор?

121

Американските медиуми објавија дека двете сили успеале да се договорат, додека Пекинг одби да коментира

Пекинг вчера одби да ги коментира американските медиумски извештаи дека Кина и САД постигнале договор за да ѝ стават крај на повеќемесечната трговска војна. На прашање за статусот на трговските разговори, портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи само потврди дека Пекинг е посветен на решавање на отворените прашања, но дека договорот треба да биде од корист за двете страни. Таа не коментираше дали двете страни постигнале договор или услови за каков било договор.

Американските медиуми во четвртокот објавија дека е постигнат начелен договор со кој САД ќе укинат дел од царините за кинеските стоки во вредност од 360 милијарди долари, во замена за заложбите на Кина да купат американски земјоделски производи и други отстапки. Веста за договорот доаѓа пред можноста Белата куќа на 15 декември да воведе нови царини за кинески производи од 160 милијарди долари. Според извештаите, Кина се согласила да купи американски земјоделски производи во вредност од 50 милијарди американски долари, додека САД понудиле да ги намалат постојните тарифи на кинеските производи дури за 50 отсто.

Но одбивањето на Пекинг да даде потврда ги зголеми сомнежите дали двете страни навистина постигнале договор. Говорејќи на симпозиум во Пекинг, кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, не ги спомна преговорите. Наместо тоа, тој ги критикуваше САД дека сериозно ја оштетиле тешко стекнатата доверба меѓу двете земји.

– Никогаш нема да прифатиме таканаречени еднострани санкции и какви било акти на малтретирање – порача тој.
Се очекуваше американскиот претседател Доналд Трамп да даде изјава во петокот, а новинската агенција Ројтерс претходно објави дека двете страни сѐ уште го формулираат писмениот договор.

САД и Кина со месеци водат трговска војна, што им нанесе штети на двете економии, предизвика неизвесност на светските пазари и го забави глобалниот раст. Во октомври, Белата куќа соопшти дека е постигнат договор за „прва фаза“ од спогодбата и дека се преговара за деталите. Трговската војна е клучен дел од општото влошување на односите меѓу Пекинг и Вашингтон, кои се на најниска точка во изминатите децении. Аналитичарите сметаат оти трговскиот договор ќе помогне во смирување на тензиите меѓу двете сили.