САД веќе ја прифатија Северна Кореја како нуклеарна сила

237

Целта на првиот самит меѓу Трамп и Ким беше Северна Кореја да се обврзе дека ќе се откаже од нуклеарното оружје. Вториот самит требаше да го утврди начинот на кој ќе се спроведе денуклеаризацијата. Сепак, на третата средба нуклеарното оружје воопшто не беше ни на агендата

Ури Фридман

Неговите советници ќе негираат, но кога претседателот на САД Доналд Трамп зачекори во Северна Кореја, тој практично се повлече од целта на неговата администрација за целосно елиминирање на нуклеарките на Ким Јонг-ун.
Има многу неверојатни моменти од последната средба на американскиот претседател со севернокорејскиот лидер, но можеби најзначајно е отсуството на првичното прашање што ги натера Трамп и Ким да се сретнат пред една година. Тоа прашање е развојот на нуклеарната програма на Пјонгјанг, арсеналот што директно им се заканува на САД и на нивните сојузници, а советниците на Трамп еднаш ветуваа дека ќе го отстранат до 2021 година.

Од моментот кога Трамп го поздрави Ким со испружена рака („Пријателе мој… Чест ми е“), преку нивните први коментари за новинарите, до забелешките до медиумите додека се среќаваа лице в лице, претседателот на САД ниту еднаш јавно не ја спомна севернокорејската нуклеарна програма, а ниту Ким не прозборе за неа. Трамп двапати ја спомна оваа тема при претходната прес-конференција со претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-ин, но во двата случаја тоа го стори накратко, за да забележи дека Ким не тестирал нуклеарно оружје додека разговарал со САД. (Мун беше тој што мораше да забележи дека Трамп и тој се заложија за постигнување денуклеаризација како крајна цел).

Како што посочи Адам Маунт од Федерацијата на американските научници, Трамп постојано ја опишува личната врска со диктаторот на Северна Кореја, не како средство за постигнување на крајната цел, денуклеаризацијата, туку како цел сама за себе.
– Односот што го развивме значи толку многу за толку луѓе – вели Трамп во видеата од патувањето до демилитаризираната зона (ДМЗ), во кои не се споменува нуклеарната програма на Ким.
Сојузниците на претседателот на САД само ја засилуваат пораката.
– Овој претседател дејствува. Ние сме поблиску до мир од кога било досега – напиша на Твитер Рона Мекданиел, претседавачка со Републиканскиот национален комитет, објавувајќи ги снимките од Трамп. Сепак, таа не кажа дали Северна Кореја е поблиску до денуклеаризација (Пјонгјанг не презел чекори кон намалување на нуклеарното оружје).

Настрана од целиот театар, третиот состанок меѓу Трамп и Ким беше производ на намалени амбиции. Трамп и Ким првично се согласија за нешто општо, потоа не се согласуваа околу спецификите, а сега во суштина се согласија дека не се согласуваат. Првиот самит во Сингапур резултира со нејасна севернокорејска обврска во писмена форма дека Пјонгјанг „ќе работи на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, вториот самит во Виетнам заврши без договор поради непомирливоста меѓу барањата на САД за денуклеаризација и барањата на Северна Кореја за олеснување на санкциите, додека на третиот самит се чини воопшто немаше суштинска дискусија.

По Виетнам, некои претставници од администрацијата на Трамп сугерираа дека новата средба со Ким зависи од тоа дали Северна Кореја е подготвена да постигне вистински напредок за денуклеаризацијата. Таа не беше подготвена, но Трамп сепак договори состанок. Всушност, најзначајниот резултат од средбата во ДМЗ беше благословот на Трамп и Ким за преговори меѓу функционерите од понизок ранг, што помалку или повеќе го враќа процесот до каде што беше пред шест месеци, пред самитот во Виетнам.
– САД ја прифатија Северна Кореја како нуклеарна сила. Ова е вистинскиот наслов. Погледнете ја фотографијата и кажете ми дека грешам – вели нуклеарниот експерт Дејвид Санторо, во врска со фотографијата од Трамп и Ким, како стојат еден до друг на границата меѓу двете Кореи.
Поентата на Санторо не е дека САД одеднаш се релаксирани околу фактот дека Северна Кореја поседува нуклеарно оружје, туку дека ја признаваат реалноста дека е многу мала веројатноста Ким да го предаде оружјето и дека затоа решаваат да најдат начин како да ја намалат заканата.

Администрацијата на Трамп најверојатно нема никогаш јавно да се повлече од својата политика на „конечна денуклеаризација“ и досега не покажа голема флексибилност кон олеснувањето на санкциите додека Северна Кореја не се согласи на такво нешто. Но нагласувајќи дека не се брза и дека санкциите остануваат, додека тој се стреми да постигне „сеопфатен“ договор, Трамп се чини дека се обложува дека, во најлош случај, Ким ќе се воздржи од нови нуклеарни и ракетни тестови или, во најдобар случај, тој направи големи нуклеарни отстапки поради тешките последици од санкциите.

Советникот за национална безбедност, Џон Болтон, ги негираше наводите на „Њујорк тајмс“ дека администрацијата на Трамп сега има цел да го замрзне производството на нуклеарно оружје на Северна Кореја и на тој начин да го спречи арсеналот на Ким да биде уште поопасен. Болтон рече дека Советот за национална безбедност не работи на таков план, што ја остава отворена можноста таков план да се креира на друго место во администрацијата.

Сепак, како што истакна научниот експерт за Северна Кореја, Ван Џексон, токму тоа е исходот за кој се залага Вашингтон ако премолчено ја признава Северна Кореја како нуклеарна сила, заедно со дополнителните чекори за ограничување на програмата или за добивање ветување од Ким дека нема да создава нови типови оружје. Чеун Сион-ун, бивш советник за национална безбедност од Јужна Кореја, лани прогнозираше дека ќе дојде овој ден. Тој беше против драматичната дипломатија, која би требало да послужи како основа за евентуална денуклеаризација на Северна Кореја. Наместо тоа, тврди тој, во моментот сме сведоци на последните напори, со секакви очајни експерименти, да се спречи Северна Кореја да стане држава со целосно развиено нуклеарно оружје. Чеун вели дека сегашниот период го потсетува на времето од крајот на 1940-тите, кога САД ја формулираа својата политика да ја ограничат Русија откако ќе развие атомска бомба. Според него, САД тогаш сфатија дека немаат друг избор освен да го прифатат СССР како нова нуклеарна сила и да се обидат да ги уредат односите со него. Кога Трамп или наредниот претседател ќе сфатат дека ниту преговори ниту притисоци нема да го разубедат Ким да се откаже од нуклеарното оружје, тогаш САД ќе донесат сличен заклучок како со СССР.