Рускиот „с-400“ наспроти американскиот „б-21“?

139

САД развиваат нова генерација стелт-технологија како одговор на брзата модернизација на руските и кинеските технологии за противвоздушна одбрана

Воздухопловните сили на САД се подготвуваат за клучно техничко испитување на дизајнот на новиот бомбардер „б-21“, за кој производителите велат дека претставува „нова генерација“ во стелт-технологијата, која може да ја избегне и најнапредната противвоздушна одбрана во светот. Во прегледот, опишан од воздухопловните сили како клучен чекор пред официјалното производство на авионот, се оценуваат дизајнерските спецификации, технолошките планови, компјутерските капацитети и интеграцијата на оружјето за новиот бомбардер.
– Програмата за развој на „б-21“ заврши со прелиминарните испитувања на дизајнот. Следниот чекор е критички преглед на дизајнот. Воздухопловните сили се уверени во напредокот на „б-21“ – вели Ана Стефанек, портпаролка на воздухопловните сили на САД.

Критичните испитувања на новиот дизајн на „б-21“ се од суштинско значење за производство на платформа што ќе може да ги смести најнапредните актуелни и очекувани капацитети на стелт-технологијата, кои вклучуваат стелт-обвивка и конфигурација на леталата, намалување на детекција од радари и технологии за намалување на топлинските траги на авионите.
САД брзо развиваат нова генерација стелт-технологија како одговор на брзата глобална модернизација на новите руски и кинески технологии за противвоздушна одбрана. Напредокот во компјутерската обработка на податоци, технологијата на дигитално вмрежување и системите за нишанење сега овозможува противвоздушната одбрана ефикасно да ги открие дури и „невидливите“ летала.

Руските системи „с-300“ и „с-400“, за кои многумина веруваат дека се меѓу најдобрите во светот, се во можност да ги користат дигиталната технологија и мрежните „јазли“ за да комуницираат едни со други и да си помогнат при следењето и нишанењето на целите на широк простор. Новата противвоздушна одбрана, исто така, користи напредна технологија за откривање авиони со многу поширок спектар фреквенции од претходно. Овој технички тренд ги разгоре глобалните дебати дали стелт-технологијата е застарена. Во извештај на институтот „Мичел“ се нудат низа аргументи зошто не треба да се отфрли стелт-технологијата. Главното тврдење, поткрепено со низа анализи, покажува дека воздухопловните сили сметаат оти „б-21“ ќе ја унапреди стелт-технологијата, која ќе претставува закана за кој било систем.

– САД сега развиваат четврта генерација стелт-авиони. Компјутерските капацитети што беа достапни за дизајнирање на „ф-117“ и „б-2“ сега се многу мали во однос на денешните капацитети, кои им се достапни на дизајнерските тимови – се вели во извештајот на институтот „Мичел“.
Стелт-технологијата функционира на тој начин што авионот е дизајниран со надворешни контури и термални траги, кои оневозможуваат детекција од непријателски радарски системи. Отсуството на јасно дефинирани рабови, забележливи емисии на топлина и оружје што виси од столбови, значи дека радарските системи тешко може да ги откријат авионите. Кај стелт-авионите, радарските системи детектираат само сигнали од птици или од инсекти.

Развивачите на стелт-технологија денес во неа гледаат нешто што вклучува многу други дополнителни параметри. Технологијата не вклучува само стелт-конфигурација, сузбивање топлински траги и материјали за избегнување радарска детекција, туку и други елементи, како блокатори на електронски сигнали, капацитети за маневрирање во неповолни временски услови за да се намалат звучните траги, како и можности да се извршуваат напади во тандем со помалку „невидливи“ авиони, кои ќе им го одвлечат вниманието на системите на непријателот. Развивачите исто така користат т.н. широкопојасна стелт-технологија, која може да избегне и набљудувачки радарски системи со ниска фреквенција, како и офанзивни радарски системи со висока фреквенција.
– Фотографиите од „б-21“ што ги објавија воздухопловните сили на САД покажуваат дизајн што не користи вертикални површини за контрола на летањето, како опашки – се наведува во извештајот на институтот „Мичел“ и се посочува дека тоа ги намалува шансите за радарска детекција.

Во документот се посочува и дека жешките издувни гасови може дополнително да се ладат преку користење различни техники на мешање во издувниот систем на леталата. Исто така, напредокот во сферата на компјутерските симулации им нуди на производителите голема предност при развојот и дизајнирањето на новиот бомбардер. Конечно, новиот бомбардер ќе биде дизајниран да има голем дострел, делумно и преку вклучувањето голем арсенал оружја со долг дострел. „Б-21“ се дизајнира за да може да носи актуелни оружја, нуклеарни бомби и идни оружја. Леталото има можност да фрла разни видови нуклеарни бомби и наведувани муниции, како и новата крстосувачка ракета со нуклеарно полнење. Воздухопловните сили на САД предвидуваат дека новиот бомбардер ќе може да се вооружи и со оружја што ќе се развиваат во иднина.