Расте бројот на заболени од дијабетес на глобално ниво

111
Се проценува дека има над 231 милион лица со недијагностициран дијабетес

Според Меѓународната федерација за дијабетес, 463 милиони луѓе на возраст меѓу 20 и 79 години страдале од дијабетес низ светот во 2019 година. Ова претставува 9,3 отсто од светската популација во оваа возрасна група. Вкупниот број на возрасни лица со оваа болест се предвидува да се зголеми на над 700 милиони лица (10,9 отсто од глобалното население) до 2045 година.
Региони со најголем процент на возрасни лица што страдаат од оваа болест се Северна Америка и Блискиот Исток. Јужна Азија, каде што случаите на дијабетес растат со една од најбрзите стапки, се очекува речиси да ги достигне Западна Азија и Јужна Америка до 2045 година.

Меѓународната федерација за дијабетес се сомнева дека бројот на новодијагностицирани случаи на дијабетес всушност се намалува во некои развиени земји и дека зголемувањето на уделот на луѓето со дијабетес во минатото и во иднина може да му се припише на фактот што лицата со оваа состојба живеат подолг живот. Во земјите во развој, сепак, повеќе луѓе би можеле да заболат од оваа болест, поради промените во животниот стил, обично поврзани со економскиот напредок, како исхрана богата со шеќер и маснотии, како и повеќе време поминато во седечка положба. Бидејќи дијабетесот тип 2 е многу повеќе застапен во целиот свет отколку дијабетесот тип 1, промените во бројот на случаи на дијабетес може да му бидат речиси целосно припишани на вториот тип.

Федерацијата, исто така, смета дека недостигот од дијагноза на дијабетес е постојан проблем. Во 2019 година, бројот на луѓе на возраст од 20 до 79 години со недијагностициран дијабетес се проценува на 231,9 милион на глобално ниво, што е речиси половина од сите случаи.