Повик до ЕУ да интервенира во случајот со убиената новинарка од Малта

17
Премиерот Мускат мора да гарантира објективна истрага, велат медиумските групи

Група медиумски организации побараа од лидерите на ЕУ да извршат притисок врз премиерот на Малта веднаш да поднесе оставка бидејќи, наводно, ја попречувал истрагата за атентатот на новинарката Галиција во 2017 година

Повеќе медиумски организации бараат од ЕУ да изврши притисок врз премиерот на Малта, Џозеф Мускат, веднаш да поднесе оставка зашто, наводно, ја попречувал истрагата за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција. Мускат вети дека ќе се повлече во јануари откако Лабуристичката партија ќе избере негов наследник, наспроти повиците од повеќе европратеници, како и од активисти од Малта, да се повлече веднаш.

Коалиција на медиумски групи и организации за транспарентност велат дека лидерите на ЕУ треба да заземат цврст став во однос на ова прашање.
– Нашите организации ги повикуваат лидерите на ЕУ да го повикаат премиерот Мускат да гарантира дека сите истраги и правни постапки ќе бидат спроведени непристрасно, навремено и ефикасно, и без никаква вмешаност или влијание од која било индивидуа што е потенцијално вмешана во случајот – се вели во писмото потпишано од 12 групи, меѓу кои и Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите, „Репортери без граници“ и „Транспаренси интернешнл“.

Одделно, невладини организации во Малта побараа од ЕУ „да заземе цврст кон очајната состојба на Малта“ во отвореното писмо Европскиот совет.
– Ако ЕУ не успее да им помогне на своите членки кога демократијата е под закана, тогаш навистина ќе почнеме да се прашуваме која е поентата на ЕУ доколку не го практикува она што го проповеда – се вели во писмото на „Окупирај правично“, мала женска група што се формираше веднаш по убиството на новинарката во октомври 2017 година.

Реално, мали се шансите за интервенција од лидерите на ЕУ, бидејќи тие главно се откажуваат од сѐ што го сметаат за внатрешна политика на другите земји-членки. Тие во моментот се преокупирани со други прашања, како што се поделбите околу климатските политики, наредниот буџет на ЕУ и реформирањето на еврозоната.
Новиот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, вети дека „ЕУ, нејзините институции и агенции ќе сторат сѐ што е во нивна моќ за да обезбедат задоволување на правдата“. Тој го даде ова ветување во писмо до Метју Каруана Галиција, еден од трите сина на убиената новинарка. Мишел рече дека е „длабоко шокиран“ од атентатот и изрази желба да се сретне со синот на новинарката. Мишел неделава телефонски разговараше со премиерот на Малта, но нема информации дали го спомнал и случајот со новинарката.

Лидерите на ЕУ претходно изјавија дека се шокирани од случајот со Галиција, која беше убиена во експлозија на автомобил-бомба во октомври 2017 година.
Германскиот европратеник Свен Гиголд, кој беше дел од вонредна мисија на Европскиот парламент за Малта, во пресрет на вчерашниот самит на ЕУ во Брисел, рече дека „одлуката на Мускат да остане уште четири недели на функцијата ги става и Малта и Европа во тешка позиција.

– Кој би сакал да се ракува со премиерот на Малта на самитот на ЕУ – праша тој.
Мускат, кој двапати беше избран за премиер на Малта, е под голем политички притисок откако истрагата за убиството на новинарката се интензивираше во ноември и отвори прашања за наводно прикривање. Неговиот близок сојузник и шеф на кабинетот, Кит Шембри, поднесе оставка откако се појавија информации дека бизнисменот, кој е обвинет за соучесништво во убиството, требало да открие контроверзни информации за него. Шембри, кој негира каква било вмешаност, беше уапсен, па ослободен без обвинение во врска со убиството. Бизнисменот, малтешкиот моќник Јорген Фенеч, е обвинет за соучесништво во атентатот на Галиција. Тој се изјасни како невин по тоа обвинение и за четири други, вклучувајќи и членување во криминална банда. Фенеч пред судот изјави дека Шембри редовно го информирал за истрагата, како и дека му давал совети што да каже за време на сослушувањата.

Мускат тврди дека не може да ја попречува полициската истрага, но сепак не успеаја да ги увери во тоа европратениците што неодамна ја посетија Малта. Групата предупреди дека интегритетот на истрагата е „изложен на ризик“ додека Мускат ја извршува премиерската функција.

Новинарката Галиција беше убиена во експлозија на автомобил-бомба