Пет последици од договорите на Израел со ОАЕ и со Бахреин

121
Новите договори се очекува да отворат нов вид соработка меѓу трите земји

Израел, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин неделава во Белата куќа потпишаа „историски договори“ со посредство на САД, кои се очекува да имаат различни ефекти врз главните играчи на Блискиот Исток

Делегации на Израел, на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и на Бахреин неделава во Белата куќа потпишаа „историски договор“ со посредство на САД, кој се очекува да има различни ефекти врз главните играчи на Блискиот Исток. Министерот за надворешни работи на Бахреин исто така присуствуваше на настанот и потпиша свој договор за нормализирање на односите со Израел, објавен од претседателот Доналд Трамп минатата недела. Најмалку пет последици може да се наведат од договорите што ги потпишаа трите земји.

1. Заливските земји гледаат можности за трговска и за друг вид соработка. Договорот им помага на амбициозните ОАЕ, кои израснаа и како воена сила и како место за деловно работење или за одење на одмор. Се верува дека Американците помогнале да се склучи зделката со ветување за напредно оружје што во минатото ОАЕ едвај беа во можност да го купуваат. Во нив спаѓаат „невидливиот“ ловец „Ф-35“ и авионот за електронско војување „ЕА-18Г гроулер“.
ОАЕ ги искористи своите веќе добро опремени вооружени сили во Либија и во Јемен. Но неговиот најсериозен потенцијален непријател е Иран, токму од другата страна на Заливот. Израел и САД ги делат сомнежите на Емиратите кон Иранците. Истото важи и за Бахреин. До 1969 година, Иран тврдеше дека Бахреин е дел од неговата територија. Сунитските владетели на Бахреин, исто така, сметаат делови од неговото немирно шиитско мнозинство како потенцијална петта колона за Иран. Двете заливски држави веќе не мора да ги кријат врските со Израел. Тие со нетрпение очекуваат отворено тргување бидејќи Израел има еден од најнапредните светски високотехнолошки сектори.
Во времиња кога нема пандемија, Израелците се страсни туристи, кои ќе сакаат да ги истражуваат пустините, плажите и трговските центри на Заливот. Тоа е добар траен бизнис.

2. Израел ја намалува својата регионална изолација. Нормализирање на односите со ОАЕ и со Бахреин е вистинско достигнување за Израелците. Премиерот Бенјамин Нетанјаху е верник во стратегијата на „железен ѕид“ меѓу еврејската држава и Арапите првпат опишана во 1920-тите. Идејата е дека израелската моќ на крајот ќе ги натера Арапите да сфатат дека нивниот единствен избор е да го признаат неговото постоење.
Израелците не сакаат да бидат изолирани на Блискиот Исток. Мирот со Египет и со Јордан никогаш не бил топол. Тие може повеќе да се надеваат на идните односи со земјите од Персискиот Залив, далеку од седиштето во Ерусалим и од окупираните територии.
Зајакнувањето на алијансата против Иран е уште еден голем плус за земјата. Нетанјаху го гледа Иран како најголем непријател на Израел, на моменти споредувајќи ги неговите водачи со нацистите. Тој ги повлече своите првични поплаки за можниот договор за оружје на ОАЕ.
На домашен план, Нетанјаху се соочува со судски процес за корупција што може да го одведе во затвор. Неговото справување со пандемијата на коронавирус почна добро, но потоа отиде во лош правец. Противниците организираат неделни протести пред неговата резиденција во Ерусалим. Затоа, церемонијата во Белата куќа не можеше да дојде во подобро време.

3. Доналд Трамп слави надворешнополитичка зделка. Договорот има значајни придобивки за американскиот претседател на повеќе места. Тоа е голем поттик за неговата стратегија на „максимален притисок“ врз Иран. Исто така е корисна муниција, особено во изборна година, да се пофали дека тој ја знае „уметноста на склучување договори“.
Што и да стори, а што е од корист за Израел, или поточно за владата на Бенјамин Нетанјаху, добива поддршка од американските христијански евангелистички гласачи, кои се важен дел од неговата изборна база.
Алијансата „Пријатели на Америка“ против Иран може подобро да функционира ако Арапите од Заливот можат да бидат отворени, а не таинствени, во однос на нивните односи со Израел. Таканаречениот „Договор на векот“ на претседателот Трамп за воспоставување мир меѓу Израел и Палестинците не ги даде посакуваните резултати. Но договорот меѓу Израел и ОАЕ претставува значајна промена во рамнотежата на силите на Блискиот Исток и од Белата куќа на Трамп е претставена како голем надворешнополитички пресврт.

4. Палестинците се чувствуваат изневерено. Тие одново се маргинализирани. Палестинците го осудија договорот меѓу Израел и ОАЕ како предавство. Новиот договор го крши долгогодишниот арапски консензус дека цената на нормалните односи со Израел е независноста на Палестинците. Но сега Израел ги зацврстува новите односи со арапските држави, додека Палестинците сè уште се мачат поради окупацијата на Источен Ерусалим и на Западниот Брег, чувствувајќи се како да се во затвор во областа Газа.
Престолонаследникот на Абу Даби, Мохамед бин Зајед ал Нахјан, кој е де факто владетел на ОАЕ, вели дека неговиот услов за договорот била израелската согласност да запре со анексијата на големи делови на Западниот Брег. Но премиерот Нетанјаху се чини дека отстапува од идејата, барем засега, поради огромниот меѓународен притисок. Емиратите му понудија излез од она што стана незгодно политичко дело.
Палестинската нервоза уште повеќе се зголемува и поради фактот што и Бахреин се приклучува кон договорот. Тоа никогаш не би се случило без одобрение од Саудиска Арабија. Саудијците беа автори на арапскиот мировен план што бараше независност на Палестина. Статусот на кралот Салман како чувар на двата најсвети храмови на исламот му дава огромна моќ. Малку е веројатно дека тој одеднаш ќе го признае Израел. Сепак, неговиот син и престолонаследник, Мохамед бин Салман, можеби ќе биде помалку воздржан.

5. Иран има нова стратегиска главоболка, договорот беше осуден од иранското раководство. Тоа е повеќе од реторика бидејќи договорот го става Техеран под дополнителен притисок. Санкциите на претседателот Трамп веќе предизвикуваат вистинска економска болка. Сега Иранците имаат и стратегиска главоболка.
Воздухопловните бази на Израел се на големо растојание од Иран. Но тие на ОАЕ се веднаш преку Заливот. Тоа би било многу значајно доколку се вратат заканите за воздушни напади против иранските нуклеарни капацитети. Израел, САД, Бахреин и ОАЕ сега имаат низа нови опции, додека Иранците сметаат дека нивниот простор за маневар е намален.