Пандемијата ќе го промени глобалниот пазар на трудот

242

4Иако сè уште не може целосно да се предвиди економскиот пад од пандемијата на коронавирусот и мерките што во моментот се преземаат за нејзино сузбивање, сѐ повеќе станува јасно дека ефектите за светската економија ќе бидат тешки, веројатно и многу потешки од оние што ги видовме за време на финансиската криза од 2007 до 2009 година.
Според првичните процени на Меѓународната организација на трудот (МОТ), пандемијата на ковид-19 ќе има значително влијание врз пазарите на труд во светот, со тоа што невработеноста ќе се искачи речиси до 25 милиони невработени, во однос на основното сценарио, што зависи од тоа колку силно ќе биде погодена економската активност.

Со прогнозираниот пад од два отсто во светскиот БДП за 2020 година, организацијата очекува глобалната невработеност да се зголеми за над пет милиони лица, додека пад од четири отсто во БДП би резултирал со загубени 13 милиони работни места. Во најлошото сценарио, сериозно би се нарушила светската економска активност, светскиот БДП би паднал за осум отсто, а во светски рамки без работа би останале речиси 25 милиони лица.

Иако овие бројки сами по себе се алармантни, важно е да се разгледаат и последиците од драматичното зголемување на невработеноста во светот. Кога луѓето ја губат работата, го губат и примарниот приход, што потоа се одразува со пониска потрошувачка на стоки и услуги, што води до влошување на економската слабост. Според процените на организацијата, работниците би можеле да загубат меѓу 860 милијарди и над 3.440 милијарди долари во приходи само оваа година, што најверојатно ќе ги продолжи негативните ефекти од актуелните мерки на карантинот и дополнително ќе го отежне економското закрепнување од кризата.