Односите меѓу НАТО и Турција мора да се променат

361
Американски и турски сили на заедничка патрола во септември во Сирија

Инвазијата во северна Сирија е најновиот пример во кој Турција не ги почитува вредностите на НАТО. Време е да се стори нешто околу тоа

Макс Бут

Претседателот на САД, Доналд Трамп, можеби помислил дека му прави услуга на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кога се согласил да ги повлече американските сили од северна Сирија, со што им овозможи на турската војска и на сојузничките арапски паравојски да ги нападнат областите под контрола на Курдите. Но Трамп со тоа ги турна односите меѓу САД и Турција во најголема криза досега и отвори нови прашања за тоа дали Турција сè уште припаѓа во НАТО.
Односите меѓу Турција и другите членки на НАТО, изградени во 1950-тите години, кога Турција имаше секуларен режим со кој доминираше армијата, со години се сѐ потензични, додека Ердоган ги консолидираше својата моќ и таа на неговата исламистичка Партија за правда и развој (АКП). Тој ги уништи последните остатоци од турската демократија, отстранувајќи ги секуларните, прозападни воени офицери и интелектуалци. Ердоган стана водечки поддржувач на Муслиманското братство и воспостави заедничка кауза со џихадистите во Сирија. Тој одби да ги почитува американските санкции за Иран и се приближи кон Русија. Одлуката на Турција да купува руски систем за противвоздушна одбрана „с-400“ го натера Пентагон во јули да ја отстрани Турција од својата програма за авиони „ф-35“. Медиумите наклонети кон Ердоган ширеа жестока вирална антиамериканска пропаганда, обвинувајќи ги САД за обид за воен удар во 2016 година и за обезбедување азил на турскиот верски лидер Фетулах Ѓулен.

Сега турската инвазија на северна Сирија вжештените односи ги доведе до точка на топење. Турскиот артилериски оган заврши блиску до позициите на американските војници, а турските сојузнички паравојски наводно извршиле злосторства против курдските сојузници на САД.

– Ако Турција направи нешто што јас, со својата голема и неспоредлива мудрост, сметам дека е надвор од границите, јас тотално ќе ја уништам и збришам економијата на Турција – се закани Трамп.

Тој подоцна објави дека САД ќе ги зголемат царините за турскиот челик, ќе ги запрат тековните трговски преговори и ќе воведат санкции против највисоките турски функционери. Нејасно е дали американските санкции би можеле да имаат уништувачки ефект – Турција е триесет и втор најголем трговски партнер на САД. Но заканата од Трамп дека ќе ја „уништи“ економијата на сојузникот во НАТО покажува колку стана несоодветно турското членство во Алијансата.

Ако Турција аплицираше за членство во НАТО денес, немаше да влезе низ влезната врата. Акцискиот план за членство на НАТО „бара кандидатите да имаат стабилен демократски систем, да следат мирно решавање на територијалните и етничките спорови, да имаат добри односи со соседите, да покажат посветеност кон владеењето на правото и човековите права, да воспостават демократска и цивилна контрола врз нивните вооружени сили и да имаат пазарна економија“. Турција има пазарна економија, но не исполнува ниту еден друг критериуми. Сепак, НАТО нема механизам за да исфрли актуелна членка.

 

Дури и ако Турција остане во НАТО, САД и другите членки во сојузот треба да се откажат од илузијата дека Турција е сигурен партнер. Тие треба да ја третираат Турција како „(не)пријател“, односно да го усвојат терминот што се употребува за Пакистан, другиот непредвидлив сојузник на САД. Сè уште ќе има прашања за кои Анкара и Вашингтон ќе можат да соработуваат, но турските интереси радикално се оддалечија од тие на САД. Претседателот на Советот за надворешни работи на САД, Ричард Хаас, тврди дека САД поради тоа „треба да го повлечат сето нуклеарно оружје, да го намалат потпирањето врз базите на Турција и да ја ограничат размената на разузнавачки информации и продажбата на оружје“.

Сите овие се добри идеи, а местото од каде што треба да се почне е воздухопловната база Инџирлик во Турција. Таа е изградена од инженери на американскиот воен корпус во раните 1950-ти, а американски авиони и летала на други сојузници во НАТО оттогаш ја користат како клучна регионална база за набљудување, помош при катастрофи, транспортни и за борбени операции. Но, време е да продолжиме понатаму. Американските воздухопловни сили треба да ги преместат своите авиони во воздухопловната база „Мувафак Салти“ во Јордан и во другите бази во земјите од Персискиот Залив. Тактичкото нуклеарно оружје складирано во Инџирлик треба да се врати во САД или да се премести во посигурни земји на НАТО. Време е да бидеме реални во однос на Турција наместо да претпоставуваме дека односите може да останат блиски како што беа за време на Студената војна, која заврши пред дваесет и осум години.

Сириски борци поддржани од Турција во пограничниот град Тал Абјад

Турција и НАТО

1952 е годината кога Турција стана членка на НАТО
355.000 е бројот на активни припадници на турската армија (втор најголем во НАТО, по САД)
19 милијарди долари е воениот буџет на Турција во 2018 г. (седми најголем во НАТО)
2.500 војници има САД во турската воздухопловна база Инџирлик
50 е претпоставениот број на нуклеарни оружја на САД во Турција
Извори: СИПРИ, „Гаридијан“

Авторот е американски воен историчар