Најголем ризик е луѓето да не се вакцинираат

85
Езекиел Мартин верува дека испитувањето ќе биде успешно

Езекиел Мартин зборува за тоа зошто решил да учествува во тестирањето вакцина против новиот коронавирус на универзитетот „Оксфорд“ и како се чувствува во врска со фактот дека еден од учесниците во испитувањето се разболел

ИНТЕРВЈУ СО ДОБРОВОЛЕЦ ЗА ТЕСТИРАЊЕ ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19

Езекиел Мартин е роден во шпанската провинција Малага, но живее во Лондон повеќе од десет години. Овој 46-годишник работи како програмер во Дојче банк. Кога изби пандемијата на новиот коронавирус, тој, како и многу други луѓе, се обиде да прочита што е можно повеќе информации за тоа што се случува. Токму за време на ова истражување, тој открил дека се потребни доброволци за испитување вакцина против новиот коронавирус што ја развиваат универзитетот „Оксфорд“ и британско-шведската фармацевтска компанија „Астра зенека“. Мартин веднаш решил да се пријави, бодрејќи се со зборовите дека тоа е важно испитување и дека затоа сака да учествува во него.
Шпанската влада е подготвена да купи 31 милион дози од потенцијалната вакцина за ковид-19, како дел од заедничкиот договор склучен со Европската комисија.

– Се надеваме дека ќе започнеме со вакцинирање на дел од населението во Шпанија во декември – изјави по објавувањето на веста шпанскиот премиер Педро Санчез.
Министерот за здравство Салвадор Ила, исто така, потврди дека Шпанија до декември треба да има три милиони дози од потенцијалната вакцина на универзитетот „Оксфорд“.
Но на 8 септември, портпарол на „Астра зенека“ објави дека тестирањето од третата фаза е ставено во мирување откако на еден од учесниците му се влошила здравствената состојба. И покрај лошите вести, Мартин сè уште сака да учествува во тестирањето. Деновиве, универзитетот „Оксфорд“ објави дека смета оти е безбедно да продолжи тестирањето на потенцијалната вакцина.

Што помисливте кога откривте дека доброволец е хоспитализиран и дека тестирањата се суспендирани?
– Мислам дека тоа е едно лице меѓу речиси 100.000 учесници, кои веќе ја примија вакцината. Не изгледа многу лошо и тоа е прифатлив ризик. Ние зборуваме сега за повторно отворање на светот, како што велат властите. За мене, реалниот ризик е луѓето да не се вакцинираат и дека сите излегуваме на улица.
Дали сте сè уште посветени на учеството во испитувањето?
– Да, секако. Веднаш штом ќе го продолжат испитувањето, рекоа дека ќе ме повикаат повторно за да утврдат датум за втората вакцина (првата доза ја примил во јуни). Јас ќе отидам да ја примам и втората доза.

Што рече вашата сопруга кога решивте да се пријавите?
– Дека ова е типично за мене, дека се пријавувам за сè, па дури и за бомбашки напад ако е потребно. Вистина е дека никогаш не помислив на тоа како на нешто ризично. Тоа беше веќе трета фаза. Тие веќе направија студии за безбедност и им ги дадоа на многу луѓе. Но кога им го кажав тоа на сопругата и на другите пријатели нивната реакција беше веднаш да ме прашаат дали мислам дека е опасно. Она што е смешно е што побрзав да се пријавам затоа што мислев дека сигурно сите би сакале да го сторат тоа.

Дали ве предупредија на ризиците?
– Да, на почетокот ми испратија многу документи и многу информации за можните несакани ефекти. Некои беа многу нормални, како на пример дека може да имам треска и дека раката ќе ме боли неколку дена. Но на крајот ништо не ми се случи, иако тие сакаа да бидат сигурни. Исто така ми зборуваа и за други посериозни ефекти, можни ретки болести, но јасно ставија до знаење дека веројатноста е мала, еден на 10.000 случаи. Тие ме уверија дека ќе бидам во тек со сите случувања и навистина беа прекрасни со своите објаснувања.

Како дознавте за ситуацијата со доброволецот?
– Ме побараа лично, пред да биде објавена веста. Тоа се случи додека го чекав повикот за втор состанок. Ми рекоа дека има случај на лице што имало нешто и дека процесот бил прекинат додека истражувале што се случило. Тоа сигурно беше нешто зашто ми објаснија пред да ме известат за протоколот.

Дали им верувате?
– Да, многу. Првите тестови беа направени во болницата во Лондон, каде што се роди ќерка ми. Тие се многу сериозни и тоа ми даде голема сигурност. Знам дека долго истражуваа.

Дали мислите дека испитувањето ќе биде успешно?
– Да, бидејќи она што се случува во моментов е она што тие рекоа дека ќе се случи, според предвидувањата. Никој во ниту еден момент не рече дека ова ќе биде чудотворен лек што ќе направи да ја снема болеста. Но се чини дека тие се движат многу брзо. Нема да биде совршена или целосна бариера за да можете да излезете надвор и да правите што сакате.

Колку долго се обврзавте да учествувате?
– Една година. Ако сè оди како што прогнозираат, сепак ќе има време да ги израдуваме сите. Но тие ми рекоа дека ако бројките се добри, ќе завршат порано. И во меѓувреме, тие ќе ни кажат дали сме во контролната група или во самата студијата (која ја прима потенцијалната вакцина, а не плацебо). Ако сум во контролната група, тие ќе ми понудат можност веднаш да ја примам вакцината.