НАТО не значи американска заштита на Европа

674
Трамп е подготвен да стори речиси сѐ само за да биде реизбран, според Болтон

Џон Болтон (71) беше советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп од 2018 до 2019 година. Во интервјуто тој зборува за односот на Трамп со Германија, остатокот од Европа, НАТО и за шансите за негов реизбор

Интервју со Џон Болтон

Доналд Трамп почна да ја напаѓа германската канцеларка Ангела Меркел уште како републикански кандидат за претседател. Политиките за бегалци на Меркел, според него, беа „катастрофа за Германија“. Дали е Трамп опседнат со Меркел?
– Односите на Трамп со Меркел и бившата британска премиерка Тереза Меј беа меѓу најтешките на кои бев сведок. Мислам дека постои елемент на зголемена тешкотија со жените лидери. Но со Меркел тоа е особено комплицирано. Таткото на Трамп е Германец, па може да има врска со тоа. Но постојат и политички причини. Трговските односи меѓу САД и ЕУ се главен извор на контроверзии меѓу САД и Германија. Потоа, тука се прашањето за поддршка за НАТО и договорот според кој секоја членка треба да потроши два отсто од БДП на одбрана, што Германија не го прави.

Трамп, сепак, има слични конфликти со голем број други светски лидери. Дали можеби тој едноставно има проблем со жените?
– Мислам дека тоа е фактор. Но тој има проблем со многу демократски избрани лидери, мажи или жени. Тој се чини дека има подобри односи со авторитарните лидери отколку со многумина што се избрани во демократски земји.

Како би го објасниле тоа?
– Дел од тешкотиите на Трамп со меѓународните работи е неговиот недостиг од филозофска основа. Тој нема филозофија. Тоа беше фактор што усложнуваше сѐ. Јас сум конзервативен републиканец. Тој не е. Но тој не е ниту либерален демократ. Тој има тенденција да ги измеша личните односи со странските лидери со основните билатерални односи меѓу САД и таа земја.

Во своите посети на САД, Меркел намерно се претстави себеси како да е против Трамп. Во еден говор, на пример, го фалеше мултилатерализмот. Дали Трамп се вознемири од тоа?
– Не, затоа што мислам дека тој не знае што е мултилатерализам.

Зошто Трамп нема интерес за соработка со долгогодишните партнери на САД?
– Постои постојан напор од политичките коментатори во САД и во Европа да го разберат Трамп или да дефинираат доктрина на Трамп. Престанете да губите време. Не постои никаква доктрина на Трамп. Тој првенствено е заинтересиран за својот реизбор.

Во Европа значително се разгледуваше како најдобро да се пристапи кон Трамп. Францускиот претседател Емануел Макрон, на пример, ги покани Трамп и првата дама Меланија во ресторан во Ајфеловата кула. Сепак, Меркел не направи ништо слично. Кој пристап е подобар?
– Сите треба да изберат со што се чувствуваат најудобно. Мислам дека Макрон мислеше дека ако може да воспостави добар личен однос со Трамп, тој може да го преточи тоа во предност за Франција. Мислам дека не успеа во тоа.
Откако Трамп се пресели во Белата куќа, германската влада се загрижи дека може да воведе казнени тарифи за германските автомобили. Сепак, досега, тој не ги следи своите закани.

Дали тоа е мината работа?
– Не е. На Трамп му се допаѓаат тарифите, а тоа е нешто што може да го направи без одобрение од Конгресот. Му се допаѓа тој пристап кон меѓународните преговори. Вистинскиот фокус треба да биде на справување со заедничката закана од Кина, која ја краде европската интелектуална сопственост во иста мера како што ја краде американската интелектуална сопственост, се ангажира во присилен трансфер на технологија и ги дискриминира сите странски компании.

Друг спор меѓу САД и Германија е за проектот за гасоводот Северен тек 2. Дали е ова навистина е поради загриженоста дека Германија и Европа би можеле претерано да зависат од Русија или, пак, станува збор за бизнис и американска надеж дека ќе продава американски природен гас во Европа?
– Тоа е комбинација од двете. Тој зборуваше за воведување санкции цело време, но никогаш не го стори тоа. Мислам дека тоа ќе го стопираше гасоводот. Сè уште не е завршено. Сè уште може да биде запрен. Тој е стратегиски штетен за Европа и за САД.

Дали Трамп ќе го повлече членството на САД од НАТО ако биде реизбран?
– Тоа е многу тешко да се предвиди. Во моментот, тој има цврст став кон Кина. Но ако биде реизбран, мислам дека е сосема можно тој да се сврти кон неговиот другар Си Џинпинг и да се обиде повторно да почне преговори за трговски договор.

Дали претседателот е исто толку непредвидлив за неговите соработници колку што е и за остатокот од светот?
– Може да се каже така. По самитот на НАТО во јули 2018 година, летавме за Лондон за да се сретнеме со Тереза Меј, а потоа и во Хелсинки за познатата средба со Владимир Путин. На излезот кон аеродромот, Трамп им рече на новинарите: „Знаете, од сите овие состаноци, најлесниот можеби е тој со Владимир Путин.“ Кој би го помислил тоа? Одговорот е дека никој друг не би го помислил тоа освен Доналд Трамп.

Дали Германија и остатокот од Европа треба да бидат одговорни за својата национална безбедност и одбрана во иднина?
– Европа треба да го гледа Трамп како аномалија во американската политика. Она што го прави Трамп не е политика и затоа што не одразува филозофија, нема да биде толку тешко да се вратиме во нормала. Републиканската партија смета дека Европа не треба да биде оставена сама кога станува збор за одбраната. Проблемот со ЕУ е во тоа што има многу реторика за силните безбедносни политики, но нема многу дела. Слушате европски лидери што одново велат: „Сами ќе се браниме. Ако луѓето не се внимателни, ќе има и други лидери во Америка, кои како Трамп ќе речат: „Добро, бранете се сами“.

Колку е сигурен сојузот на НАТО?
– Мислам дека Алијансата останува силна. Но голема грешка е Европа да ја гледа како американска заштита на Европа. Тоа само го потхранува погледот на Трамп за светот, дека ние, Американците, ве браниме и затоа треба да ни платите повеќе. Факт е, тоа е заемна одбранбена алијанса. Долгорочната иднина на Алијансата зависи делумно од разгледувањето предлози, како оние дека НАТО треба да биде глобална алијанса, во која би се зачлениле и Јапонија, Австралија, Сингапур, Израел.

Дали претседателството со Трамп го оштети угледот на САД?
– Има штета. Ако Трамп изгуби во ноември, тоа ќе биде главна задача за администрацијата на Џо Бајден. Но Републиканската партија треба да се осигури дека нема да завршиме со друг кандидат како Трамп во иднина.
Некои демократи се загрижени дека Трамп едноставно би го игнорирал поразот на изборите и би останал во Белата куќа.
– Не гледам докази за тоа. Да имаше, ќе ги ставев во книгата. Тој е подготвен речиси на сѐ. Но ова е аспект на оној синдром дека сета политичка анализа е дефинирана од Трамп, според тоа што тој го прави или не го прави. Анализата запира во тој момент.

Кој е вашиот најголем страв ако Трамп остане уште четири години на власт?
– Се плашам дека влијанието на авторитарните лидери може да расте во втор мандат.
Вие ја објавивте вашата книга делумно и за да спречите Трамп да добие втор мандат. Многу Американци велат дека ако тоа беше вистинската намера, тогаш ќе сведочевте на судењето за импичмент.
– Мислам дека немаше да направам разлика. Демократите сакаа партиска војна и ја добија. За да осудите во Сенатот по импичментот, потребно ви е двотретинско мнозинство, што би значело многу гласови на републиканците. Но тие добија само еден. Мислам дека што и да кажев во Сенатот, ќе се загубеше во мешаницата.

По објавувањето на вашата книга, Трамп рече дека ако било по ваше, САД досега би биле вклучени во неколку војни.
– Нема да одговорам на тоа.

Како треба да ве гледаат луѓето? Дали сте херој што ја напушти функцијата поради своите убедувања или сте предавник што сака да се одмазди зашто бил отпуштен, како што тврди Трамп?
– Фактот што претседателот дава таков аргумент само го докажува моето мислење. Јас сум вклучен во американската политика и влада уште од мојата 15-та година. Оттогаш мојата филозофија е конзистентна. Служев во четири републикански администрации на високи функции. Со сета почит, медиумската контроверзија ќе спласне за 50 години. Играчите ќе ги нема, но книгата ќе остане.

Има ли шанси Трамп да победи на изборите во ноември?
– Апсолутно. Тој сега губи, во голем дел поради пандемијата на коронавирусот и економските последици. Но анкетите во 2016 година го покажаа истото тоа. Имаше универзален консензус на денот на изборите, вклучувајќи и во изборниот штаб на Трамп, дека тој ќе загуби. Според мене, никогаш не треба да ја потценуваме способноста на Демократската партија да потфрли на избори.