Момент на одлука за САД и Иран

759

Американскиот претседател Доналд Трамп прво одобрил, па во последен момент
се откажал од воена интервенција против Иран по соборувањето на американското
беспилотно летало, откриваат претставници од Белата куќа за весникот „Њујорк тајмс“

Мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп како врховен командант на вооружените сили на САД дошол до драматична пресвртна точка во четвртокот вечер, кога се нашол растргнат меѓу неговите спротивставени советници и сопствените противречни инстинкти, стоејќи на работ на воена операција што би можела да предизвика токму таков конфликт каков што тој ветуваше дека нема да води пред да влезе во Белата куќа.

Во тензичен ден на дебати и спротивставени позиции за напади врз Иран, Трамп се соочил со суштинскиот судир во неговиот пристап кон националната безбедност. Веќе две и пол години тој осцилира меѓу закани за војна против американските непријатели и ветувањата дека ќе ги извлече САД од неразбирливите војни на Блискиот Исток. Дојде моментот на вистината кога морал да избере.

Иако воената машинерија се придвижила по негова наредба за напад на Иран како одговор на собореното американско беспилотно шпионско летало, Трамп на крајот го отповикал нападот, избирајќи воздржаност наместо одмазда, барем засега. Дебатата „за“ и „против“ не е завршена. Официјалните претставници од администрацијата не откриваат многу детали од дискусијата. Но никој не се сомнева дека ова би можело да биде дефинирачкиот момент во претседателскиот мандат на Трамп.
Овој момент на вистината веројатно беше неизбежен уште од 2018 година, кога Трамп ги повлече САД од меѓународниот нуклеарен договор со Иран, кој го договори неговиот претходник Барак Обама, и реши да воведе еднострани тешки санкции. Со економски маки, Иран беше предизвикан да реагира, принудувајќи го Трамп да избира меѓу војната и мирот.

– На некој начин, претседателот Трамп е во судир со самиот себе. Тој вели дека е за максимален притисок и дека е против воената конфронтација кога станува збор за Иран, но двете работи не можат да бидат вистинити, бидејќи една од тие работи може да доведе до другата – изјави Роберт Мали, претседател на Меѓународната кризна група и поранешен советник на Обама за Иран.
Дури и ако Трамп на крајот не одлучи да примени сила како одговор на нападот врз беспилотното летало, туку одлуката за тоа колку е подготвен да оди докрај во однос на Иран можеби не е далечна. Ова беше само најнова епизода од серијата релативно скромни провокации, но Техеран изјави дека ќе ја обнови нуклеарната програма на начин што ќе ги надмине ограничувањата од договорот што го напушти Трамп.
– Иранците ќе продолжат да го тестираат неговото трпение и наскоро ќе дојдеме до моментот на вистината. Ќе научиме многу повеќе за Трамп. Исто така, ќе научиме многу повеќе за американскиот народ. Ќе видиме каде сме сите во однос на ова прашање. Дали и понатаму сакаме да играме политика на моќ на Блискиот Исток? Одговорот може да биде дека не сакаме. Но мислам дека времето на одлука ќе дојде доста брзо – вели Реуел Марк Герехт, поранешен експерт на ЦИА за Иран во Фондацијата за одбрана на демократиите, кој смета дека воениот одговор во одреден момент можеби ќе биде неопходен.
Трамп отсекогаш бил врховен командант со противречности. Тој усвои модифицирана верзија на Рузвелтовата максима кога станува збор за странските воени закани – зборувај гласно и носи мал стап или носи голем стап, но мавтај наоколу без многу да го користиш.
Тој зборува како воинствен претседател, но дејствува како изолационистички мировник. Тој ги предупредува непријателите дека ќе ги уништи со „оган и бес“ додека се обидува да избегне странски војни за кои ги обвинува претходниците.

Трамп можеби калкулира дека жестоките зборови и подобро финансираната армија ќе ги обесхрабрат потенцијалните ривали да преземат нешто против САД. Но критичарите тврдат дека самите жестоки зборови можат да бидат опасни и, дури и ненамерно, да ескалираат во војна.
Трамп ги повторува своите апокалиптични закани за „целосно уништување“ на Северна Кореја, притискајќи го нејзиниот лидер, Ким Јонг-ун, да седне на преговарачка маса, но ситуацијата на Блискиот Исток има друга динамика. Во Азија, соседите на Северна Кореја, Кина, Јапонија, Русија и Јужна Кореја воопшто не сакаат воени судири. Но на Блискиот Исток противниците на Иран, како Израел, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, имаат поагресивен став.
Исто така, Трамп во својот тим има воинствени членови, како државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност Џон Болтон, кои се залагаат за силен одговор на Иран, дури и кога претседателот се противи. Контрастот во нивните наводни позиции создаде длабока конфузија и во САД и во регионот околу политиката на администрацијата на Трамп.

– Тоа е поделена куќа. Од една страна се Болтон и Помпео, а од друга се Трамп и генералите. И сега имаме проблем, бидејќи немаме стратегиска кохерентност – смета Рам Емануел, бивш шеф на кабинетот на Обама, а потоа и градоначалник на Чикаго.
Сепак, сојузниците на Трамп велат дека неговиот отпор кон странските интервенции нема да го спречи да употреби сила ако е потребно.
– Ова е претседател што беше избран да нѐ извлече од војни и да не нѐ заглави во нови војни. Но, за разлика од Обама, употребата на сила е на маса и тој ќе ја искористи ако е потребно – вели Фред Флиц, бивш шеф на кабинетот на Болтон во Белата куќа и актуелен шеф на Центарот за безбедносна политика.
Трамп во изминатите денови ја минимизира можноста за воен конфликт со Иран. По експлозиите на два танкера за нафта за кои беше обвинет Иран, тој го минимизира инцидентот, изјавувајќи дека „засега е многу мал“ и инсистирајќи дека нема да почне војна за такво нешто. Во средата вечер, пред да биде објавено дека е соборено беспилотно летало, претседателот рече дека не бил загрижен од странските предизвици, дека „сѐ е под контрола“ и дека „не се потребни грижи за нешто“.

Неговата првична реакција по инцидентот со дронот укажуваше дека ќе избегне интервенција, нагласувајќи дека не е загрозен американски живот и дека тоа можеби било неовластен потег и дека „некој направил голема грешка“. За сето тоа доби пофалби и од домашните поддржувачи, кои се противат на нови странски војни.
Трамп досега не бегаше од употребата на сила. Тој двапати нареди ракетни напади врз Сирија како одмазда за нападите со хемиско оружје врз цивили и овласти распоредување војници во разни земји за да ловат терористи. Тој ја продолжи битката против Исламската држава што ја наследи од Обама и им даде на командантите на терен повеќе слобода, бидејќи успешно ја освоија територијата во Ирак и Сирија. Но Трамп се обиде и да ги врати дома војниците од Блискиот Исток, дури и по цена на губење на неговиот оригинален секретар за одбрана, Џим Матис, кој поднесе оставка во знак на протест откако претседателот најави силно повлекување на силите од Сирија минатата зима, без претходно да се консултира со сојузниците. Тој постојано изразува презир кон војните во Авганистан и во Ирак, кои ги водеа Обама и Џорџ Буш.
– Трасираме пат кон стабилноста и мирот на Блискиот Исток, бидејќи големите нации не сакаат да се борат во бескрајни војни. Тие траеја вечно. Почнавме да повлекуваме многу сили. Ние конечно ја ставивме Америка на прво место – изјави Трамп неделава во говор во Флорида, со кој и официјално ја почна кампањата за реизбор за претседател на САД.

Од друга страна, тој испрати носач на авиони во регионот и уште 2.500 војници како одговор на иранските закани.
– За претседател што вели дека сака да ги повлече воените сили од регионот, испраќањето носачи на авиони и распоредувањето илјадници нови војници не е знак за политика што функционира. Бидејќи не постои процес на национална безбедност што се поврзува со Трамп, претседателот се чини не сфатил дека неговиот тим за национална безбедност со месеци го води до точка во која ќе биде принуден или да се повлече или да примени сила – вели Брет Мекгурк, бивш советник за борба против Исламската држава, кој исто како и Матис, лани поднесе оставка во знак на протест поради одлуката за повлекување од Сирија.

Но Флиц, бивш помошник на Трамп, вели дека Иран прави стратегиска грешка ако верува дека често изразената желба на претседателот на САД да се оддалечи од странските војни значи дека на крајот нема да ја употреби војската.
– Мислам дека не веруваат дека претседателот ќе одговори со сила. Но мислам дека грешат. Неговото трпение не е бесконечно – оценува тој.

Американците веќе го зголемија военото присуство во регионот поради наводните ирански закани

Трамп го предупредил Иран за нападот и побарал разговори

Претставници на иранските власти тврдат дека Техеран преку Оман добил порака од американскиот претседател Доналд Трамп за непосреден напад од американските вооружени сили.
– Во својата порака, Трамп изјави дека е против каква било војна со Иран и дека сака да разговара со Техеран за разни прашања. Даде краток временски период за да добие наш одговор, но Иран веднаш одговори дека врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи, треба да одлучи за ова прашање – изјавил за Ројтерс ирански претставник, со барање да остане анонимен.
Друг ирански претставник нагласил оти на Американците им било „јасно ставено до знаење дека иранскиот лидер е против какви било разговори, но дека ќе му биде пренесена пораката за да донесе одлука“.
– Меѓутоа, му рековме на официјалниот претставник на Оман дека секој напад против Иран ќе има регионални и меѓународни последици – посочил иранскиот претставник.


Каде е соборен американскиот дрон?

Техеран тврди дека беспилотното летало е соборено над ирански територијални води, а Вашингтон тврди над меѓународни територијални води