Можат ли САД и Кина да бидат партнери во војната против коронавирусот?

526

САД и Кина се немилосрдни ривали, но можат ли истовремено да бидат и блиски партнери? Остварувањето на овие две навидум
контрадикторни идеи изгледа тешко, но успехот во победата на крунестиот демон го бара токму тоа

За да го победи коронавирусот и да се врати на начинот на живот пред почетокот на овој кошмар, треба ли Америка да ја идентификува Кина како противник против кого треба да се мобилизира? Од друга страна, дали САД мора да ја признаат Кина како партнер, чија соработка е од суштинска потреба за победа на вирусот? Повеќето во Вашингтон до вчера ја дефинираа Кина како дел од проблемот, но сега е јасно дека таа мора да стане дел од решението.
Вирусите немаат пасоши, немаат идеологија и не ги почитуваат границите. Кога здраво лице ќе вдише капки од заразен пациент што кива, биолошкото влијание е исто, без разлика дали лицето е Американец, Италијанец или Кинез. Кога епидемијата станува пандемија, која ги инфицира граѓаните во целиот свет, бидејќи ниту една нација не може херметички да ги запечати своите граници, секоја земја е во опасност.

Неизбежен факт е дека сите 7,7 милијарди луѓе денес живеат на една мала планета Земја. Бившиот претседател Кенеди, објаснувајќи ја неопходноста за соживот со Советскиот Сојуз за соочување со меѓусебната егзистенцијална нуклеарна опасност, своевремено порача: „Сите дишеме ист воздух. Сите ја негуваме иднината на нашите деца. Сите сме смртници“.
Кога се појави кризата, првото прашање беше кој е виновен за неа? Кина беше погоден актер за улогата на главен негативец. Каде се појави прво вирусот? Во Кина. Кинескиот авторитаризам ги покажа сите свои грди карактеристики во потиснувањето на првите извештаи и во одложувањето на пренесувањето на лошите вести за ширењето на вирусот до лидерите. Покрај сите напори на кинеската влада да го смени наративот, не може да се прикрие фактот дека има многу заразени за кои Кина заслужува да се обвини.

Но многумина во Вашингтон се обидоа да ја искористат оваа приказна за да ја избегнат одговорноста за сопствените неуспеси. Претседателот на САД Доналд Трамп инсистираше патогенот да го нарече „кинески вирус“. Водечки сенатор на републиканците на социјалните мрежи ширеше теории на заговор, тврдејќи дека вирусот избегал од кинеска лабораторија за биолошко оружје.
Но Кина не е најголемиот предизвик со кој треба да се соочи Америка за да го победи коронавирусот. Неуспехот лежи во задоцнетиот одговор на заканата. Колку недели поминаа откако земји како Сингапур и Јужна Кореја почнаа да спроведуваат вонредни мерки, а американската влада молчеше? Кој не успеа да се подготви за следниот патоген, откако видовме претходни верзии на овој филм со МЕРС во 2012 година, свинскиот грип во 2009 година и САРС во 2003 година? Во свет во кој Јужна Кореја прво почна да тестира по 10.000 граѓани на ден, а потоа и по 20.000 луѓе на ден, кој уште се обидува да бара изговори?

По едномесечно скапоцено одложување, кинеската влада на 20 јануари ја призна заканата, информирајќи ја јавноста дека вирусот може да се пренесува од човек на човек. Две недели претходно, кинеската влада го извести СЗО за болеста, го секвенцира геномот и го објави на интернет, па научниците во светот можеа да почнат со потрагата по вакцина.
По сите заплети меѓу Кина и Америка, императив за САД е да сторат сѐ за да престане коронавирусот да инфицира милиони граѓани, да убива стотици илјади меѓу нив и да го уништува општеството. Ако медицинските научници во Кина развијат антивирусни лекови, кои го ублажуваат влијанието врз заразените, треба ли Американците да не ги увезуваат? Замислете наредниот месец двајца кинески научници да измислат вакцина, а американските власти да инсистираат дека нема да има таква вакцина уште една година. Ако оваа вакцина во меѓувреме се покаже како ефикасна во Сингапур или во Јужна Кореја, дали Американците ќе чекаат нивните здравствени власти да ја одобрат?

Во војните, се бројат мртвите тела. Во економијата, реалниот пораст значи зголемено производство. Во односите со другите држави, пак, пристигнувањето на очајно потребната медицинска опрема едноставно ги задушува сите лоши зборови за довчерашните негативци. Оттаму, науката бара знаења за истражување болести, откривање лекови и развој на протоколи за превенција и заздравување, кои меѓу другото претставуваат отворени меѓународни потфати. Биомедицината напредува преку откритија во лабораториите низ целиот свет. Истражувањето е колаборативно. Повеќе од една третина од научните статии објавени од Американците денес имаат најмалку еден странски коавтор. Една третина од сите американски докторски звања од областите на технологијата, математиката и инженерството се стекнати од кинески студенти.

Каде треба да бидат партнери САД и Кина во кампањата против коронавирусот и за да се изгради темел за идна превенција на пандемија предизвикана од нови вируси? Постојат три клучни области, кои се неопходни за соработка.
Првата област се разните податоци, од геномски до епидемиолошки. Сега клучен фактор е неизвесноста, бидејќи станува збор за нов вирус и секојдневно учиме повеќе за него додека се собираат и се анализираат повеќе податоци. Но втор клучен фактор е недостигот од квалитетни податоци од она што се случува во лабораториите низ светот затекнати од епидемијата на вирусот. Потребата да се добијат доверливи податоци од секоја земја е потсетник за важноста околу процесите и транспарентноста во меѓународните организации како Светската здравствена организација (СЗО).

Кога кинеските научници брзо го секвенцираа геномот на коронавирусот и го објавија на светот, тие овозможија да има глобално истражување за него. Две недели подоцна, научниците во Институтот за национално здравје на САД ја искористија секвенцата за да го потврдат механизмот со кој вирусот навлегува во клетките на заразените, откритие што го повтори кинеска лабораторија. Дури и потрагата по вакцина сега се потпира на рано објавениот геном на вирусот. Со податоците за геномот, научниците можат да ги споредат инфекциите и да го мапираат широко распространетиот вирус прецизно на начин како што се гради едно семејно стебло. За време на епидемија, брзото споделување на податоците им овозможи на земјите подобро да го разберат однесувањето на вирусот.

Втората област на соработка вклучува дијагностика и мерки за јавното здравје. Доколку Кина развиеше ефикасен процес за скрининг на луѓе или детекција на вирусот, можеше ли таквиот метод да се примени и во САД во училиштата и кај бизнисите? Спротивно на тоа, ако истражувачите развијат софистицирана алатка за дијагностика на вирусот, која ќе брзо и ефикасно ќе го детектира вирусот, а во исто време ќе биде евтина, дали тоа не би се споделило? Пред трговската војна, од вкупната медицинската опрема во висина од 22 милијарди долари што Америка годишно ја увезува, а сега е неопходна за справување со ковид-19, околу една четвртина беше со потекло од Кина.

Третата област на соработка е биомедицинското истражување. Медицинскиот факултет на Харвард неодамна објави нова соработка со кинески партнер за сузбивање на ковид-19. Водач на кинескиот партнер е Зонг Наншан, лекарот што ја предводи и работната група за справување со коронавирусот на кинеската влада. Во 2003 година, тој беше првиот човек што го идентификува САРС. Иницијативата на Харвард и Гуангжу е да се обидат да ја разберат основната биологија на новиот коронавирус и начините на интеракција со оние што се инфицирани за да се подобрат дијагностиката и третманите.

Накратко, наместо меѓусебна демонизација, Американците и Кинезите треба да признаат дека двете сили се потреби една на друга за да се порази овој вирус. Партнерството, дури и ако е ограничено, претставува стратегиска неопходност. Може ли САД и Кина истовремено да бидат и немилосрдни ривали и блиски партнери? Остварувањето на овие две навидум контрадикторни идеи изгледа тешко, но успехот во победата на крунестиот демон го бара токму тоа.