Кои Американци протестираат за расна еднаквост

129
Повеќето демонстранти се од помладите генерации

Голем број Американци во изминатите недели излегоа на улиците во земјата, повикувајќи на прекин на систематскиот расизам и на радикални реформи во полициските служби. Ново испитување на јавното мислење на центарот за истражување „Пју“ открива кои се Американците што протестираат за расна еднаквост во земјата.
Според резултатите од истражувањето, од вкупно 9.654 анкетирани полнолетни Американци, шест отсто изјавиле дека присуствувале на протести за расна еднаквост во изминатиот месец, што претставува значителен удел, со оглед на тоа дека САД, како и другите земји во светот, се справуваат со смртоносна пандемија на коронавирус.

Вкупно 615 испитаници на „Пју“ присуствувале на таков протест или собир, при што 46 отсто од нив се белци, 22 отсто се Латиноамериканци, 17 отсто се Афроамериканци, а осум отсто се Американци со азиско потекло. Од „Пју“ посочуваат дека повеќето демонстранти не се белци, со оглед на тоа што од вкупниот број анкетирани возрасни лица, 64 отсто се белци, 15 отсто се Латиноамериканци, 11 отсто се Афроамериканци, а пет отсто се Американци со азиско потекло.

Истражувањето покажува дека околу 40 отсто од демонстрантите се помлади од 30 години, додека постарите Американци не се доволно застапени на протестите.
Во однос на политичката определба, повеќето учесници на протестите, односно 79 отсто, се наклонети или се идентификуваат како демократи.