Ковид-19 само ќе ја зацврсти тврдината Европа

95

Пандемијата на коронавирусот привремено ја запре практиката на приведување и депортирање на барателите на азил во многу земји, но засилените гранични контроли може уште повеќе да го отежнат влегувањето во Европа

Начо Ернандез Морено, адвокат во Аликанте, Шпанија, ги помина изминатите две години вршејќи притисок врз Шпанија да му стави крај на притворот на мигрантите и барателите на азил. Кога изби пандемијата на коронавирусот, тој се плашеше дека пренатрупаноста и лошите санитарни услови ќе го засилат ширењето на ковид-19 во просториите. Таков беше случајот во центрите за притвор во САД, Франција, Малезија, Британија и на други места што се појавија како жаришта на ковид-19.

До 14 март Шпанија прогласи вонредна состојба и ги затвори своите граници, со што е незаконски да се задржат луѓето во притвор. Според националните закони, мигрантите може да бидат задржани најмногу до 60 дена додека чекаат депортација. Но со замрзнатите депортации, притворот стана нелегален. На 18 март, судиите почнаа да наредуваат земјата да ги испразни центрите за притвор.

Мигрантите без документи беа поврзани со непрофитни организации, како таа во која работи Морено, а жителите беа ослободени за да се вратат во своите семејства.
Пандемијата предизвикува два паралелни тренда кога станува збор за глобалната миграција. Од една страна се засилуваат правните аргументи против притворот, а од друга страна значително се намалуваат имиграцијата и азилот.

Иако конкретните одредби од шпанските закони (чиј максимум од 60 дена е помал од многу други земји на ЕУ, а според легислативата на ЕУ притворот не може да надмине 18 месеци) играа улога во застојот, Шпанија не е единствената земја во која имиграцискиот притвор се намали од почетокот на пандемијата. Судови во Португалија, Франција, Британија, Јапонија, Индонезија и во Холандија наредија ослободување на имигрантите.

Како што велат адвокатите, ослободувањата предизвикани од пандемии сега може да предизвикаат судир со поширокиот систем на притвор за имигрантите, кој стана клучен за имиграциската политика во поголем дел од светот, без разлика дали станува збор за богатите европски држави или за големите транзитни центри, како Мароко и Малезија.

Засега нема изгледи дека ширењето на коронавирусот ќе запре, па тие се надеваат дека привремените откажувања од притворот може да влијаат врз идната политика и да создадат простор за похумани и помалку скапи алтернативи, како што е џипиес-следење, надгледувано ослободување или условно пуштање на слобода. Но други стравуваат дека владите може да ги искористат истите услови за привремено ослободување по наредба од судовите (како затворање на границите, загриженост од инфекција и пад на барањата за азил) за целосно да ја ограничат имиграцијата.
Пандемијата го привлече вниманието кон лошите услови и пренатрупаноста, што се правило во имиграциските капацитети низ светот. Дури и во нормални периоди, центрите за притвор забележаа појава на инаку ретки болести.

Пред речиси една деценија, истражување за објектите на грчко-турската граница покажа високи стапки на респираторни заболувања и инфекции. Во 2018 година, Светската здравствена организација (СЗО) нагласи дека преполните бегалски објекти го зголемиле ризикот од болести отпорни на антибиотици, претставувајќи сериозна закана за јавното здравство.

– Пандемијата ја става во прашање целата стратегија на систематска употреба на притворот како форма на контрола на миграцијата – вели Магдалена Мајковска-Томкин, директорка на одделот за миграција во Отворено општество Европа, додавајќи дека „притворот ја поткопува целта на јавното здравство“.

Шпанија, според неа, покажа дека „за неколку недели речиси целиот притворен систем на нацијата може да биде затворен поради здравствени ризици, проблеми поврзани со човековите права и правната неизвесност“.

Алтернативите за притворот вклучуваат џипиес -следење или следење преку мобилни телефони и програми за поддршка на заедницата, за кои истражувањата покажале оти се успешни во поттикнувањето на мигрантите да се придржуваат кон постапките за имиграција и судските рокови. Во некои случаи, пандемијата дури и ги натера државите да ги регулираат целосно документите на мигрантите, избегнувајќи притвор и депортација.

Дури и Италија, која во изминатите години стана озлогласена поради своите антиимиграциски политики (иако ставот на земјата малку омекна откако ултрадесничарската партија Лига лани го загуби своето место во владејачката коалиција), во мај го регулира престојот на над 500.000 земјоделци и негуватели, признавајќи ја нивната централна улога во обновувањето на заостанатата економија на земјата.

Португалија ги забрза дозволите за престој на мигрантите што чекаат регулација и им даде целосни права на државјанството на мигранти и баратели на азил до 30 јуни.
Ослободувањата наредени од судовите, велат експертите, веројатно ќе забележат континуиран подем сè додека вирусот се шири, што би можело да биде со години, бидејќи судиите сѐ повеќе ќе ги принудуваат центрите за притвор да ги ослободат притворените лица или барем да го намалат нивниот број. Адвокатите признаваат дека притворот во некаква форма ќе продолжи да постои, но дека ќе биде тешко да се вратиме на состојбите со преполни објекти, што стана норма.

Сепак, дури и Шпанија, која беше пофалена за значајниот број ослободувања, продолжува да приведува стотици мигранти во пренатрупани транзитни центри на своите островски енклави Сеута и Мелила. Франција, која во март почна со затворањето на центрите за притвор или со драстично намалување на притворените популации во март, во јуни сепак реши да отвори некои од нив, како дел од пошироко олеснување на граничните бариери, што предизвика незадоволство кај организациите за правно застапување на имигрантите.

Земјите ќе бидат принудени да одлучат што да прават со луѓето што беа ослободени за време на пандемијата. Во минатото, огромните трошоци не ги спречија владите да спроведуваат скапи операции за притворање на имигрантите, главно, за да им се додворат на гласачите што се против имиграција.

Имајќи го предвид ова, оддалечувањето од мерките на притвор може едноставно да биде само дел од намалувањето на миграцијата во целост, во контекст на натамошните ограничувања на системите за имиграција и азил. Со други зборови, ако државите едноставно одбијат да прифатат нови мигранти или баратели на азил на своите граници, на крајот ќе има помалку луѓе за приведување.

– Ако ЕУ се оддалечи од притворот, таа ќе се фокусира на контрола на границите – вели шпанскиот адвокат Морено, додавајќи дека тоа би можело да значи засилување на итните депортации, удвојување на објектите како оние на Сеута и Мелила или затегнување на граничните премини, што би го намалило бројот на мигранти во Европа.

Овој став се чини дека го објаснува и новиот пакт за миграција на ЕУ од април, кој, според анализата на Центарот за европска политика, се фокусира на јакнење на надворешните граници и интензивирање на враќањето на мигрантите во родните земји.

Ваквите политики веќе се чувствуваат на терен. Во мај, Унгарија ослободи 300 баратели на азил од т.н. имигрантски транзитни зони на нејзините граници со Србија, кои се стекнаа со озлогласеност или со нивните услови во затвор. Во исто време, таа донесе законски измени со кои речиси е невозможно стекнувањето азил.
Франција, која постепено ги заоструваше имиграциските политики од моментот кога Емануел Макрон дојде на власт во 2017 година, месецов воведе чартер-летови за депортирање на имигрантите. Илјадници мигранти и баратели на азил спијат во кампови низ целата земја, дури и со зголемувањето на стапката на инфекција на коронавирусот. Во почетокот на јули, Европскиот суд за човекови права донесе пресуда дека властите „не успеале во рамките на своите должности“ да ги заштитат барателите на азил, што е четврта таква пресуда за еден месец.

Загриженоста за јавното здравство веројатно ќе ги охрабри лидерите што веќе бараат секаков изговор за спречување на имиграцијата и азилантите. Владите во Полска, Унгарија и во САД ја злоупотребуваат пандемијата, националистичките партии во Франција и во Италија го пофалија затворањето на границите, тврдејќи дека „странците ќе донесат болест“.

Во САД, на пример, администрацијата на Трамп ги забрза депортирањата и престана да обработува нови барања за азил, политика што организациите ја оценуваат како незаконска, но не успеаја успешно да ја оспорат на суд. Изминатиот месец Малта постојано користеше приватни бродови за да ги натера мигрантите да се вратат во Либија, повикувајќи се на загриженоста за јавното здравство, додека Грција во целост го суспендира својот систем за азил. Франција кратко ги продолжи дозволите за престој, но ги отежна барањата за азил.
– Во многу случи гледаме како владите што отворено изразуваа намера дека ќе ги обесхрабруваат луѓето да бараат азил сега си најдоа изговор да го сторат тоа – вели Бил Фрелик од „Хјуман рајтс воч“.

Ослободувањата по наредба на судовите може да им бидат од корист на мигрантите и на барателите на азил што веќе биле во притвор, но за сите други тоа може уште повеќе да ги намали шансите да стигнат до европските брегови, да поднесат барање за азил или да видат судија.