Како општествата крадат идеи

131
Преку социјалната криптомнезија продолжува дискриминацијата на малцинствата

Човековите права што ги уживаме денес се резултат на долгогодишните битки на малцинствата, кои одбиваа да прифатат статус кво. Сепак, имаме чуден облик на психолошка амнезија кога станува збор за оваа тема

Социјална криптомнезија

Додека истражував за оваа статија, имав понизен разговор со сопругата. Кога ме праша таа на што работам, јас ѝ одговорив дека пишувам за „криптомнезија“, додавајќи дека тоа е „технички израз од психологијата“. Таа се намурти, а јас почнав да објаснувам. Реков дека криптомнезија, во суштина, е термин за тоа кога заборавеното сеќавање се препакува како сопствена идеја. Некогаш не успевате да се сетите кој ви кажал нешто, или каде сте го прочитале, па мислите дека е ваше. Реков дека пишувам за оваа појава на општествено ниво, а таа само ме праша дали се шегувам. Се двоумев што да одговорам, а таа ми посочи дека токму таа ми зборувала за криптомнезија. Беше во право. Значи, ова е статија за идеја што ја научив од сопругата, но ја заборавив. Поточно, станува збор за поврзана, уште попроблематична форма на присвојување идеи, наречена социјална криптомнезија, која го опишува нашиот неуспех да им дадеме признание на малцинствата за нивната улога во предизвикување на социјалните промени.
Почнувам со еден случај за кој би сакал да верувам дека мене ми текна, но најверојатно некаде сум го прочитал. Во 1990-тите, еден екоактивист познат како Свомпи, а со вистинско име Даниел Марк Хупер, го привлече вниманието на британските медиуми. Со суканици и со кал во ноктите, Свомпи брзо стана познат по својот чуден начин на протестирање. Тој живееше под земја во низа тунели наречени „Биг Мама“ што ја блокираа предложената обиколница во Девон. Британските весници го нарекоа човечки крт. Некои го поддржуваа, а други го напаѓаа.

На многу начини, Свомпи одговара на општиот стереотип за тоа како би требало да изгледа еден „ековоин“ – како бездомник, како што своевремено напиша една новинарка на „Ројтерс“. Но најбитно е дека тоа што Свомпи го кажуваше тогаш воопшто не е незамисливо според денешни стандарди.
– Ние сме обични луѓе што се обидуваат да ја заштитат животната средина. Не сме нужно сиромашни или богати. Сите различни луѓе се собираат за да кажат дека е доста и дека нема повеќе да ги трпиме еколошките штети. Нема да дозволиме планетата да биде уништена – рече тој.
Тврдењата на Свомпи дека инфраструктурата е штетна за природата или дека аеродромите ги влошуваат климатските промени, денес не се маргинален став. Со текот на времето, тие беа асимилирани од пошироката јавност, иако можеби не беа прифатени неговите постапки. Многу луѓе денес се противат на нова писта на лондонски „Хитроу“, но сигурно не се споредуваат со Свомпи. Дури и весниците што во 1990-тите го критикуваа Свомпи, во 2019 година пишуваа за климатските промени.
Свомпи не беше првиот што водеше кампања за одржливост и животната средина, но тој и илјадници други како него пуштија корени за социјални промени. Тоа што е интересно е како се заборава заслугата за тие напори. Кога некое гледиште на едно малцинство ќе биде општоприфатено, тоа што најчесто следува потоа е заборав во општеството во однос на неговите основачи. Тоа е социјална криптомнезија.
– На индивидуално ниво, тоа се случува несвесно. Но на ниво на општество, тоа може да биде намерно – вели Фабрицио Бутера од Универзитетот во Лозана, Швајцарија, кој го проучува ширењето на малцинските ставови.

Социјалната криптомнезија првпат беше демонстрирана кон крајот на 1980-тите во една студија каде што луѓето беа прашани за нивниот став за прашања како што се еднакви права, почитување на животната средина или мирот. Ставовите за овие прашања беа позитивни, што не изненадуваше. Но откако луѓето беа потсетени дека токму малцинствата првично водеа кампањи за еднакви права или за заштита на животната средина, позитивниот став кон овие прашања се намали.
Во наредните децении, истражувањата за „малцинското влијание“ открија докази дека привилегиите што се уживаат денес, како бесплатното образование, правото на глас на жените, демократијата, пензиите, човековите права и многу други работи, се резултат на борбите на непопуларните малцинства против мнозинствата. Преку директна акција или протест мала група луѓе може да направи голема промена ако е подготвена да промовира спротивни ставови и да биде доследна во тоа, вели Бутера. Но науката исто така сугерира дека нивниот придонес ќе биде заборавен.
Неодамна, Бутера и колегите ги разгледаа ефектите од социјалната криптомнезија врз ставовите кон правата на жените. Во една студија што регрутирала само жени, тој ги замоли учесниците да го изразат согласност со изјави за родова еднаквост. Без изненадување, жените во големо мнозинство поддржуваа прашања како што се еднаквост на плати, право на глас и слобода на развод. Сепак, нивниот ентузијазам се намали, кога кон изјавите беше додадена фразата „како што беше предложено од феминистичките движења“, навестувајќи предрасуди.

Темната страна на социјалната криптомнезија е тоа што овозможува воспоставената моќ да се одржи, а дискриминацијата врз малцинските групи да продолжи. Тоа е „инструмент на доминација“, погоден за продолжување на непроменетите состојби.
Малцинствата честопати се заглавени во стапица каде што мораат да се оддалечат од воспоставените културни норми за да обезбедат поддршка и да го засилат својот глас, но со тоа може и да бидат отфрлени од мнозинството.
– Самиот механизам што ги направи видливи ја тера пошироката јавност да не сака да се идентификува со нив. Нивните идеи се земаат предвид, но се маргинализираат – вели Бутера.
Исто како што медиумите претходно го исмеваа Свомпи дека личи на бездомник, а подоцна ги присвоија неговите идеи, денес тоа се случува, на пример, со движењата против полициското насилство и расната дискриминација. Критичарите на малцинствата се фокусираат на нивните методи, а не на пораките, па демонстрантите ги нарекуваат „криминалци и насилници“.

Од истражувањето има и позитивни сознанија, кога Бутера и неговите колеги на испитаниците им објасниле за криптомнезијата и за тоа дека заборавиле дека малцинските движења го овозможиле уживањето на овие права.
– Во тој момент, откако луѓето станаа свесни за криптомнезијата, нивниот став кон малцинските групи се подобри – вели Бутера.
Значи, со читање на оваа статија во иднина ќе може да ја препознаете социјалната криптомнезија. Јас лично многу повеќе сега размислувам од каде потекнуваат моите идеи и сознанија. Исто така, имам намера подобро да ги следам сопствените влијанија во секојдневниот живот. Сепак, тоа не беше моја идеја туку на сопругата.