Како коронавирусот ја смени геополитиката во 2020-та

125
Во очајна потрага по национални решенија, дури и демократските држави се однесуваа како предатори, пирати или шверцери

Лидерите и јавноста сфатија колку скапите војски се бескорисни во глобална пандемија слична на напад со биолошко оружје. Овој факт најмногу ги вознемири токму светските сили

Војната и геополитиката се комплементарни поими. Пандемиите може да се споредат со светска војна, поради нивната бруталност и последици во смисла на загуба на човечки животи, но исто така и поради некоја поконкретна причина.
Вирусот, кој најверојатно е од природно потекло, личи на биолошко оружје (оружје за масовно уништување) што го развиле светските сили низ историјата и кое, и покрај нивната забрана, најверојатно продолжува да се развива во тајни лаборатории.
Големите земји ги сметаат за стратегиски средства нивните воени сили специјализирани за спротивставување на заканата од биолошка и бактериолошка војна.
Но во сегашната криза стана очигледно дека ниту една земја, дури ниту САД или Русија, двете светски сили со најголем арсенал за масовно уништување, не е опремена да се соочи со предизвикот. Во неуспешен трик Русија ги испрати своите специјализирани трупи во Италија, за да открие колку е несоодветна, речиси комична, нејзината подготвеност.
Политичарите и јавноста сфатија дека колку и да се големи и скапи армиите, тие се доста бескорисни во пандемија слична на напад со биолошко оружје. Овој заклучок е уште повознемирувачки за најголемите светски сили. Психолошкиот механизам на негирање може да објасни зошто и Русија и САД ја потценија пандемијата.

Ковид-19 не ги погоди сите делови на Европа истовремено. Во раниот период, Русија се однесуваше како нејзиното население да има некаква мистериозна природна предност пред разгалениот Запад. Но и Русија плати висока човечка цена.
Откако ќе заврши сегашната криза, предупредуваат експертите, нашата цивилизација ќе треба подобро да се подготви не само за следната пандемија што се појавува природно туку и за можноста за создавање биолошки агенси, дизајнирани да предизвикаат огромни штети.
Несомнено, сегашната криза ќе ги инспирира терористите, државни или недржавни. Една позната фраза вели дека биолошката војна е „нуклеарна бомба на сиромавиот“. Една мала непријателска земја (Северна Кореја?) би можела да создаде поголеми штети од најголемите сили.
Паралелно со ова, стана очигледно дека здравствената заштита не е ниту социјална услуга ниту деловна активност. Лидерите што беа навикнати да се консултираат со своите генерали во претходните кризи, овој пат минаа непроспиени ноќи, барајќи совети од медицинските експерти. Да се надеваме дека сега знаат дека доволно финансирано здравство е барем исто толку важно колку и воената одбрана.
Во очајна потрага по решенија на национално ниво, демократските држави понекогаш се однесуваат како предатори, пирати или шверцери. Администрацијата на Доналд Трамп се обиде да ја зграпчи европската компанија за вакцини „Кјурвак“, Чешка пренасочи маски наменети за Италија, а во Полска, сомнителен дилер на оружје беше задолжен да обезбеди вентилатори.

Од позитивен аспект, Комисијата на ЕУ спроведе заедничко купување маски и вакцини, што помогна да се зачува единството на блокот, покрај економскиот стимул по ковид-19. Од негативен аспект, ЕУ го „заборави“ своето најблиско семејство, Западен Балкан, отворајќи ги одново портите за Русија и за Кина.
Веројатно, ковид-19 потекнува од пазар во Вухан, во Кина, најнаселената земја во светот, со висока стапка на економски пораст и комунистички режим ,кој има вознемирувачки амбиции да го потчини западниот свет. Совршен непријател?
Од другата страна на Атлантикот е Трамп, познат по своите недокажани обвинувања, заострени билатерални прашања, трговски војни, тензии во Кинеско Море или ѕвечкање со оружје во Тајван. Тврдењата на Трамп за „кинескиот грип“ во најмала рака само додадоа масло на огнот во целата ситуација. Веројатно една од (големите) последици од кризата со ковид-19 е што Трамп не беше реизбран. Ова не се должеше само на неговиот надворешнополитички план туку и на лошото справување со санитарната криза дома. Сега, откако ги загуби изборите, Трамп можеби жали што не бил построг во обвинувањата на Кина, поттикнувајќи омраза, туркајќи го конфликтот докрај, барајќи одмазда таму или на друго место. Успехот на Кина во спречувањето на пандемијата можеше да послужи како доказ за заговор. Да имаше Кина помала моќ, ризикот од војна ќе беше многу поголем. САД го нападнаа Виетнам во 1964 година за многу помало дело (всушност, лажна вест).

За Трамп, кој и онака не ги сака меѓународните институции, ковид-19 обезбеди можност да ја нападне Светската здравствена организација, обвинувајќи ја дека е изманипулирана од Кина. Ова го поттикна генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да предупреди дека светот „се движи во многу опасен правец“, со тензии меѓу САД и Кина, и повика на напори да се избегне нова студена војна.
Овие изјави означија кулминација на тензиите. Уште во март, Гутереш повика на глобален прекин на огнот во време на пандемии. Првично, тој не спомна никаков конфликт по име, но еден месец подоцна тој конкретно обележи четири жаришта, Сирија, Либија, Јемен и Авганистан.
Во меѓувреме, еден замрзнат конфликт се разгоре во војна (Нагорно Карабах), додека во Етиопија, лидерот на земјата, кој минатата година ја доби Нобеловата награда за мир, одлучи да ја испрати армијата да го задуши етничкиот конфликт.
Генерално, додека вниманието на јавноста беше насочено кон пандемијата, националистите се чувствуваа охрабрено да ги водат своите валкани мали војни, претпоставувајќи дека никој нема да ги гледа. Никогаш новинарите не патувале толку малку. Никогаш меѓународните вести не биле толку отсутни од ТВ-екраните.
Оваа состојба доведе до ерозија на јавниот и меѓународниот надзор. Шефот на надворешната политика на ЕУ, Јосеп Борел, го употреби терминот „астанизација“, алудирајќи на процесот од Астана за Сирија.
Сирија, исто како и конфликтот во Нагорно-Карабах, бега од воспоставените формати на надзор на Западот (Обединетите нации, ОБСЕ), за сметка на билатералните договори Русија – Турција.

Во контекст на кризата со ковид-19, Борел го осуди подемот на авторитарните режими, именувајќи ги трите земји Русија, Кина и Турција, при што последната е сојузник на повеќето земји на ЕУ и НАТО и сè уште официјално е кандидатка за членство во ЕУ. Под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, и покрај нејзините внатрешни проблеми, вклучувајќи го и тешкиот развој со ковид-19, Турција стана опасно агресивна, особено во однос на Франција, до степен да предводи цивилизациска војна во муслиманскиот свет против воено најмоќната членка на ЕУ и преку сатанизирање на нејзината претседател, Емануел Макрон.
Бидејќи 2020-та беше посебна година, за секој поединец и за целиот свет, новата година е далеку од крај на геополитичката приказна.