Како живееше Асанж во еквадорската амбасада во Лондон

668
Асанж разговара со новинарка во својата соба во амбасадата во 2012 г.

Основачот на  беше уапсен од британската полиција на 11 април во Амбасадата на Еквадор во Лондон, во која живееше од јуни 2012 година. Тој седум години се криеше во дипломатското претставништво на Еквадор од страв дека Британија ќе го екстрадира во САД под обвиненија за шпионажа и за други тешки дела. Шведска, пак, го гонеше за силување, но подоцна ги повлече обвиненијата, а сега се најавува нова истрага.

Еквадорскиот претседател Ленин Морено за Би-би-си изјави дека неговата држава решила да му го укине политичкиот азил на Асанж поради повреда на меѓународните конвенции, навреди кон државата и непочитување на правилата на амбасадата. Морено тврди дека Асанж ги мачкал ѕидовите на амбасадата со измет, ги шпионирал, навредувал и напаѓал вработените, како и дека ги шпионирал него и неговото семејство. Тој го обвини основачот на Викиликс дека не е никаков новинар туку дека е „информациски терорист“. Морено негираше дека бил под притисок од Британија и од САД да го предаде Асанж.

Пред да се скара со домаќините, Еквадорците трошеа милиони долари за да го заштитат Асанж, ама и за да го надгледуваат. Како што пишува „Гардијан“, разузнавачките служби на Еквадор најмиле меѓународна безбедносна компанија со месечни трошоци од 55.000 долари за надзор на основачот на Викиликс. Агентите спиеле на 100 метри од амбасадата и од контролна соба ги надгледувале активностите на Асанж и луѓето со кои се среќава, меѓу кои имало и познати личности како Памела Андерсон. Податоците тајно им биле испраќани на еквадорските власти. Компанијата инсталирала безбедносни камери во лобито, на балконот и во собата за состаноци на амбасадата. Викиликс и неговите компјутери не биле покриени од камерите и вработените во амбасадата немале пристап до нив, бидејќи во просториите се влегувало со посебна шифра. Според документите во кои увид имал „Гардијан“, Еквадор потрошил најмалку пет милиони долари за операцијата, која во март 2018 година ја прекинал претседателот Морено. Тој тогаш изјави дека присуството на Асанж во лондонската амбасада е „наследен проблем“. Истиот месец на основачот на Викиликс му беше исклучен интернетот.

Според разни извори на британските медиуми, Асанж првично спиел во мала соба, а потоа наводно користел и една третина од амбасадата. Малата соба имала душек на подот, библиотека, маса за состаноци, биро со компјутери, ормар за облека и лента за трчање, донирана од режисерот Кен Лоуч. На неа Асанж вежбал со поранешен офицер на Специјални воздухопловни сили (САС), и свиркач во британската армија. На полиците пред масата за состаноци имало печатач, празни цедиња и книги, меѓу кои и четиво за Гвантанамо и шпански речник за да се разбере со домаќините. Асанж вели дека работел по 17 часа дневно, но дека сепак наоѓал време за да гледа филмови и ТВ-серии како „Западно крило“ и „Зона на самракот“.