Како до енергетска самостојност за 10 години

213
Климатските проблеми не се решаваат со намалување од 20 отсто, туку со целосно намалување на штетните емисии

Откако вложи 100 милиони долари во истражувања за ковид-19, милијардерот Бил Гејтс работи на наоѓање решенија за климатската криза, посочува Ема Броукс за „Гардијан“

Климатските промени се главна тема во новата книга на филантропот Бил Гејтс

За разлика од Илон Маск и Лари Елисон, Бил Гејтс важи за разумен, неуморен скромен човек, кој вети дека нема да ги расипе своите деца со наследството или да троши време и енергија за ја истражува планетата Марс. Тој ужива во репутацијата на „добриот милијардер“, кој го дели своето богатство преку неговата фондација и ги засенува неговите критичари, кои сметаат дека неговиот најголем недостиг е неговото силно верување во напредокот во функција на капиталистичкиот раст.
Сите овие аспекти се сведуваат во неговата најнова книга „Како да се избегне климатска катастрофа“, која е базирана на неговиот интерес за науките и ѓаволски тешкиот проблем како да се продлабочи светскиот развој додека паралелно се намалуваат штетните емисии. Во изминатите неколку децении, Гејтс генерално се фокусира да го прошири пристапот до струја во најдалечните делови на светот. Но постои една огромна пречка во целосното намалување на штетните емисии, а тоа е политичкиот предизвик во кој делумно се опфатени и климатските активисти, кои честопати обвинуваат за хипокризија.
Гејтс во својата книга се повикува на научни извори од истакнати климатски експерти, како Вацлав Смил, Кен Калдеира и Џон Д. Кокс. Неговата цел беше на јавноста да ѝ понуди еден вид „учебник“ во кој би се разјасниле фактите и да се издигне свеста. Најалармантен дел од книгата се предизвиците со кои се соочува човештвото, за кои Гејтс смета дека мора итно да се решат. Тој предупредува дека количеството на стакленички гасови што се емитуваат годишно во светски рамки мора да се намали целосно до 2050 година, а првиот чекор кон таа цел е издигање на свеста кај луѓето со каков сериозен проблем се соочува планетата.

Автомобилите минимални загадувачи во светот

Гејтс истакнува дека автомобилите се само мал дел од проблемот во споредба со огромното количество емисии што ги создаваат светските индустрии на бетон и челик. Затоа тој предлага навидум научнофантастични иновации, а повеќето од нив се поврзани со технологии за директно заробување на воздухот што би ги извлекле штетните стакленички гасови од атмосферата, одвлажнувачи на воздух на соларна енергија што може да произведат вода за пиење од воздух, како и технологија за складирање топлина во таканаречена „стопена сол“. Потоа интересен е и геоинженерингот, со чија помош еден ден човештвото ќе може да ја намали сончевата енергија што паѓа на Земјата и „еднакво да се дисперзираат нејзините најситни честички“ во горната атмосфера или облаците би се растерувале со помош на солен спреј.
Но овие иновации се неверојатно скапи и непрецизни, затоа што ако се расчисти небото над САД, тоа не значи дека ќе се намали температурата во Кина. Најголемиот гест што властите можат да го направат е да не инвестираат повеќе во индустриите што се најголеми загадувачи. Богатите држави може да ги намалат употребата на автомобили и градењето големи куќи, а значителен придонес ќе даде и намалувањето на консумацијата на месо за 20 отсто. Климатските проблеми не се решаваат со намалување од 20 отсто, туку со целосно намалување на штетните емисии. Единствениот начин за да се неутрализира влијанието на јавниот превоз врз климата е ако секое возило не произведува штетни емисии.

Водородот гориво на иднината?

Гејтс предлага дека решението за градовите е водородот. Иако тој сега не постои во форма за масовна потрошувачка, сепак може да се работи на технологии што ќе произведуваат „евтин и целосно чист водород“ и ќе бидат од огромна помош во индустриските процеси. На овој начин штетните емисии би се намалиле за 30 отсто, а на еден еколошки начин би се произведувал челик или ѓубриво.
Несомнено, Гејтс е свесен за големата нееднаквост во светот. Тој тврди дека богатите држави практично се највиновни за штетните емисии, но сиромашните земји страдаат најмногу. Поради тоа честопати влегува во конфликт со левичарските активисти, затоа што смета дека не треба да се негираат научните факти и дека јаглеродна неутралност не може да се постигне за 10 години, според целта пропишана во Новиот зелен договор.
Гејтс почна да размислува за филантропијата откако 20 години посветено работеше на градење на својата фирма „Мајкрософт“ и стана најбогатиот човек во светот, со заработка од 100 милијарди долари, сè додека Џеф Безос не го замени на таа позиција во 2018 година. Според „Форбс“, богатството на Гејтс сега тежи 120 милијарди долари. Во последните 20 години, тој силно се интересира за полето на заразните болести и пандемиите. Неговата фондација уште во 1999 година првично донира 750 милиони долари во алијансата за вакцини „Гави“, а во 2014 година тој го одржа веќе нашироко прочуениот говор за ТЕД, за тоа како меѓународната заедница воопшто не е подготвена за следната пандемија. Гејтс донира 100 милиони долари во истражувања за ковид-19, а за Си-ен-ен пред Божиќ изјави дека „наредните четири-шест месеци ќе бидат најкритични во борбата со пандемијата“.

Затоа визијата на Гејтс за опстанок е да се стимулира иновацијата. Неговата фондација вложува во заробување на јаглеродот, во развој на нуклеарната фисија, подобрување на семињата за да можат да успеат во суша и поплави и на места погодени од климатски промени, како и во развој на батерии што може да напојуваат еден велеград неколку дена со струја при елементарна непогода. Бидејќи човештвото се соочува со мноштво закани, потребно е да се воведат радикални промени во транспортот, градежништвото, индустријата, обработката на земјата, што може да се постигне само со политичка волја.