Иранско сценарио за Северна Кореја?

158
Екстремно ризично би било убиство на функционер на држава со нуклеарен арсенал

Ако тензиите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг го достигнат нивото од 2017 година, дали Трамп би ја разгледал опцијата за ликвидирање висок член на воено-политичкото раководство на Северна Кореја, како што се одлучи за атентатот на иранскиот генерал Сулејмани? Може ли крајна цел да биде Ким?

Ракетниот напад беше извршен во текот на ноќта, кога поголем дел Ирачани или спиеја или се подготвуваа за спиење. Авионот со кој патуваше командантот на силите Кудс, Касем Сулејмани, слета на меѓународниот аеродром во Багдад веднаш по полноќ. Озлогласениот ирански генерал се симна по скалите и застана пред автомобилот, каде што беше пречекан од Абу Махди ал Мухандис, заменик-командантот на Ирачките сили за народна мобилизација и клучен ирански сојузник за ирачки прашања. Девет минути подоцна, американски дрон „ем-кју-9 рипер“, кој ги следеше двете возила, истрела проектили и конвојот беше проголтан од пламени јазици. Сулејмани и Мухандис беа убиени, а американскиот претседател Доналд Трамп оттогаш ја посочува операцијата како славно достигнување на сите предизборни собири.

Атентатот на Сулејмани не беше само шокантен развој на американската политика. Претходниците на Трамп, Џорџ Буш Помладиот и Барак Обама, ја разгледуваа истата опција, но на крајот ја отфрлија како премногу ризична. Операцијата наведе многу набљудувачи во и надвор од Вашингтон да ги преиспитаат претходните верувања за претседателот на САД. Жерар Аруд, поранешен француски амбасадор во САД, изјави за „Блумберг њуз“: „Американците сега се тотално непредвидливи“. Натали Точи, советничка на Фредерика Могерини, поранешната шефица за надворешна политика на ЕУ, ја означи американската политика како уште „понепромислена“ од таа за време на американската инвазија на Ирак речиси пред 17 години.
Сето ова води до една интересна хипотетичка ситуација. Ако тензиите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг го достигнат нивото од 2017 година, дали Трамп би ја разгледал опцијата за ликвидирање висок член на воено-политичкото раководство на Северна Кореја, како што се одлучи за убиство на иранскиот генерал Сулејмани? Може ли крајна цел да биде лидерот Ким Јонг-ун?

Во кој било нормален ден, ова би биле глупави прашања. Според законот и политиката, Вашингтон не убива политички функционери, освен ако тие не работат за влада што врши непријателски дејства против САД (ова е еден од аргументите што Белата куќа ги користеше во деновите по убиството на Сулејмани, заедно со тврдењето дека тој бил меѓународен терорист). САД излегоа од играта на атентати, откако комисија на Сенатот откри низа злоупотреби и незаконитости во плановите и политиките на разузнавачките служби во 1970-тите, по што претседателот Џералд Форд со извршна наредба ги забрани таквите тактики.

Надвор од законот, убивањето лидери на некоја нуклеарна сила би било лудо. Самото сценарио најверојатно би го натерало кабинетот да се повика на 25-от амандман на Уставот на САД. Никогаш во историјата на САД ниту еден американски претседател не верувал дека таквата опција е добра идеја. Причините се очигледни. Нападот врз функционер на нуклеарна сила би резултирал со екстремна одмазда што брзо би ескалирала во евентуален нуклеарен конфликт. Меѓусебното уништување ги обесхрабри САД и Советскиот Сојуз, двете суперсили што во еден момент имаа десетици илјади боеви глави, да се воздржат од напади што би довеле до ескалација од која нема враќање назад.

Северна Кореја нема ни оддалеку толку нуклеарно оружје колку што имаше Советскиот Сојуз, ниту, пак, може да се приближи до други нуклеарни сили како Франција (300 боеви глави), Велика Британија (215) или Пакистан (150). Актуелните процени на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја се движат меѓу 30 и 60, што е ситно во однос на арсеналот на САД од над 6.000 боеви глави.

Меѓутоа, нуклеарното оружје си е нуклеарно оружје. Дури и една единствена нуклеарна експлозија би направила огромна штета, убивајќи стотици илјади луѓе, предизвикувајќи политичка парализа, економски шокови и широкораспространета паника кај јавноста. Тоа не е пат по кој би тргнал кој било одговорен лидер, имајќи го предвид апокалиптичниот крај на патувањето.

Апокалипса е вистинскиот опис за евентуален нуклеарен конфликт на Корејскиот Полуостров, густо населен полуостров во срцето на геополитички најважниот регион во светот денес. Сеул, метропола со население од околу десет милиони жители, е блиску до илјадната артилерија на Северна Кореја и би бил прв цел на напади од Пјонгјанг ако се обезглави раководството на Северна Кореја. Тоа, пак, сигурно ќе предизвика неизбежен воен одговор на САД и Јужна Кореја, кој во зависност од степенот на нападот, би можел да го убеди раководството во Пјонгјанг дека употребата на нуклеарниот арсенал е неопходна за да се спречи тотална конвенционална инвазија на земјата.

Во таков случај, претседателот би требало да се запраша дали убиството на еден севернокорејски министер, генерал или член на политбирото, или, пак, на самиот врховен лидер, е побитно од смртта, уништувањето и од штетата на угледот што би произлегле од таквата ужасна одлука. Убиството на моќен генерал на држава што сѐ уште не е нуклеарна сила е доволно ризично. Но екстремно поризично е убиството на функционер на држава што го поседува најсмртоносното оружје на светот.

Атентатот на Сулејмани ги зголеми шансите за војна меѓу САД и Иран