Изборите во САД како гласање во неразвиените демократии

90

Долгогодишен набљудувач на избори во проблематични земји прави паралели со актуелниот изборен циклус во САД

Кога актуелен претседател го напаѓа изборниот процес како наместен и одбива да потврди дека ќе ги прифати резултатите, изборите во САД на 3 ноември сè повеќе наликуваат на гласањата во неразвиените демократии и во автократските земји. Зборувам од искуство, бидејќи водев набљудувачки мисии на избори во 22 земји во текот на повеќе од 30 години.
Како коосновач и претседател на Демокраси интернешнел, гледам дека САД денес покажуваат многу исти проблеми со изборите што ние во меѓународната заедница за набљудување на изборите долго време ги критикувавме во земјите каде што демократијата е неразвиена. Во развиените демократии, политичките конкуренти обично не ги напаѓаат правилата или правичноста на процесот, не ги обвинуваат противкандидатот или изборните органи за измама, не ги заплашуваат гласачите и не се закануваат со насилство. Од друга страна, во неразвиените демократски земји, поплаките за измама се рутински, а насилствата или заканите од нив се чести. Ова има тенденција да ја поткопа довербата на јавноста во изборите и во самата демократија.

Во неразвиените демократии и автократии каде што набљудував избори, голем дел од аргументите се однесуваа на интегритетот на правилата и процесите. Поразените кандидати рутински ја напаѓаа правичноста на изборниот процес, без разлика дали имаа основа за нападите. Всушност, можете да кажете дека една земја не е успешна демократија кога губитниците на изборите обвинуваат за измама како причина за поразот и ја напаѓаат легитимноста на процесот.
САД сега можат да се споредат со Бангладеш. Оваа земја има многу од обележјата на демократијата, како што се повеќепартиски избори и функционален парламент, но на сите изминати шест изборни циклуси, партијата што губеше обвинуваше за изборен фалсификат. Друг пример е Египет, кој ја пропушти можноста да се движи кон вистинска демократија по револуцијата во 2011 година, и оттогаш е оспорен интегритетот на секој од изборите. На претседателските избори во Авганистан во 2014 и во 2019 година, кандидатот Абдула Абдулах одби да ја признае победата на претседателот Ашраф Гани, поради што земјата падна во уште подлабока криза. Во најлош случај, обвинувањата за лажирани избори може да доведат до насилство, како во Кенија во 2007 година, каде што беа убиени околу 1.400 луѓе. Иако на последните избори во Кенија се забележува помалку насилство, партиите што губат постојано се жалат на изборна измама.

Слично како и политичките ривали во недемократските земји, американскиот претседател Доналд Трамп го доведува во прашање кредибилитетот на изборниот процес. За време на претседателската дебата на 29 септември, на пример, тој тврдеше, без докази, дека „ќе има невидена изборна измама“. И покрај тоа што гласањето по пошта е воспоставено низ целата земја, Трамп постојано го омаловажува, нарекувајќи го „ужасно“ и „корумпирано“. Тој објави на Твитер дека „гласачките ливчиња по пошта се многу опасни“ и дека е можна „огромна измама и незаконитост“. Трамп исто така ги нападна и изборните институции. Доколку Трамп ги загуби изборите и обвини за измама, тој ќе се приклучи на долгата традиција на автократи кои одбиваат да ги признаат резултатите.
Заплашувањето на гласачите на местата за гласање од неофицијални безбедносни сили или од набљудувачи поврзани со политички партии е друга практика, што често се забележува во помалку развиените демократски земји и е критикувана од меѓународните набљудувачи на изборите. Ние силно се залагаме легитимни набљудувачи од непартиски граѓански групи и политички партии да добијат пристап до избирачките места. Меѓународните стандарди налагаат набљудувачите да бидат акредитирани и обучени и никогаш да не им се дозволи да ги попречуваат гласачките места или да ги малтретираат гласачите.

За време на изборите во Египет во 2014 и 2015 година, го критикувавме присуството на неидентификувани вооружени лица во цивилна облека на избирачките места. Во Мјанмар во 2015 година, набљудувачите изразија загриженост за регрутирање цивили за помошни полициски сили кои ќе бидат распоредени на гласачките места. Во Венецуела во 2018 година, активисти на владејачката партија поставија црвени шатори пред гласачките места во обид да извршат притисок врз гласачите. Присуството на вакви групи се чини дека оди рака под рака со зголемениот ризик од насилство: Во Бангладеш и Пакистан, на пример, вооружени банди поврзани со политички партии често се појавуваат на избирачките места за да ги обесхрабрат приврзаниците на нивните противници да гласаат, а неретки се и судирите меѓу приврзаниците на спротивставените партии. На изборите во Авганистан во изминатите 15 години, групите што се противат на владата или на демократијата воопшто им се закануваа на гласачите со насилство.
Споредете ги овие практики со тоа што сега се случува во САД: Трамп ги повика своите приврзаници „да влезат на гласачките места и да набљудуваат многу внимателно“. Идејата е т.н. армија од приврзаници да се појави на избирачките места за да го одбранат својот глас од наводна измама од приврзаниците на демократскиот кандидат Џо Бајден. Оваа реторика се чини дека поттикнува конфронтација за време на изборите и го зголемува ризикот од насилство.

Зачудувачки е американски претседател и блиските соработници да повикуваат на активности или да користат јазик што може да поттикне насилство или да подразбира негово одобрување. Таквиот јазик е застрашувачки, па и опасен. Како и на изборите во недемократските земји во светот, постојат причини за загриженост од ескалација на конфронтациите на денот на гласањето и од можноста поразената страна да ги повика своите приврзаници на улиците.
Други проблеми што се заеднички за контроверзните избори во земјите во развој, исто така, сега преовладуваат во САД. Меѓународните набљудувачи, на пример, ги критикуваа властите во многу земји за пречки во регистрацијата на гласачите и гласањето, што може да доведе до ограничување на одредени групи да гласаат. Таков е случајот со малцинските Рохинги во Мјанмар или со жените во Авганистан.

Исто така, властите во повеќе сојузни држави на САД преземаа мерки со кои им го ограничуваат правото на глас на одредени групи, пред сѐ припадници на малцинските заедници. Многу критичари тврдат и дека неодамнешното намалување на услугите на американската поштенска служба е пресметано за да се забави испораката на гласачките ливчиња по пошта.
Дополнително, меѓународните набљудувачи често повикуваат на воспоставување на независни изборни органи за да се надгледува толкувањето и спроведувањето на изборните закони и администрацијата на самите избори, бидејќи официјалните тела за управување со изборите често ги фаворизираат владејачките партии. Во многу аспекти, овој проблем е всушност полош во САД, каде што нема национален изборен орган како во повеќето демократии и каде што партиските државни и локални политички функционери генерално водат избори. Тие понекогаш дури и водат избори на кои и самите се кандидати.

За време на самите избори, меѓународните набљудувачи ги повикуваат кандидатите, партиите и гласачите стрпливо да чекаат да бидат пребројани гласовите и да избегнат предвремено прогласување победа или доведување во прашање на пребројувањето, како што се случи во десетици земји, како Авганистан или Кенија. Во САД, Асошиејтед прес објави оти „некои сојузници на Трамп велат дека најдобро е да се надеваат дека резултатите ќе изгледаат изедначени пред да се пребројат гласачките ливчиња испратени по пошта, што би му овозможило на Трамп да прогласи победа и да ги префрли резултатите пред судовите“. Трамп очигледно сака Врховниот суд на САД да интервенира во негово име во секој постизборен спор околу пребројувањето на гласачките ливчиња. За време на првата претседателска дебата, тој призна дека сака Врховниот суд „да ги погледне гласачките ливчиња“. Тој сакаше по секоја цена да има навремена потврда на кандидатката за Врховниот суд, Ејми Кони Барет, за да таа учествува во одлуките по ова прашање.
– Мислам дека изборите ќе завршат во Врховниот суд и мислам дека е многу важно да имаме девет судии – нагласи тој.

Од искуството од следење избори низ светот, знаеме дека она што ја разликува вистинската демократија од лажната е тоа што сите главни кандидати и партии ги прифаќаат правилата, а оние што губат го прифаќаат поразот и ги почитуваат резултатите. Легитимноста не произлегува само од законите и правилата што го регулираат системот, туку и од широкото прифаќање на правилата на игра и легитимноста на процесот.
Затоа, изборниот циклус во САД сега повеќе личи на гласањата што ги набљудуваме во неразвиените демократски земји. Овие проблеми предизвикуваат меѓународна загриженост. Тие ја уриваат довербата на јавноста во изборниот процес во САД и се закануваат да го нарушат самиот легитимитет на американската демократија.