Зошто државите печатат пари во странство

415

Многу држави печатат пари дома, но многу решаваат да го прават тоа во специјализирани печатници во странство. Некои експерти сметаат дека со тоа се загрозува националната безбедност, а други велат дека нема место за паника

Либериската влада неодамна објави дека загубила 104 милиони долари. Не станува збор за лоша инвестициска одлука или за некакви финансиски малверзации, туку едноставно готовината исчезнала. Либериската централна банка дала наредба да се испечатат банкнотите во странски печатници и тие исчезнале откако поминале низ главното пристаниште и аеродромот во државата. Владата сега го истражува случајот.

Во меѓувреме, Индијците изразија револт на социјалните медиуми за печатењето пари во странство. „Саут чајна морнинг пост“ тврдеше дека државната кинеска печатница на банкноти и монети склучила договор да ги печати индиските рупии, што предизвика загриженост за националната безбедност. Индиската влада го демантира ова, велејќи дека било „неосновано“, а таа всушност ги печати сите свои валути во четири силно обезбедени печатници. Двата случаи го поттикнаа прашањето дали треба да внимаваме каде се печатат нашите пари.

Некои држави, како Индија, ја печатат целата своја готовина дома. На пример, САД законски се обврзани да ги печатат своите банкноти само на своја територија. Но повеќето земји всушност практикуваат да ги печатат парите во странство, а другите, како Либерија, не ни имаат своја печатница дома.

Голем број високоспецијализирани компании печатат готовина за повеќето светски валути. Печатницата за банкноти „Де ла ру“ проценува дека пазарот за комерцијалното печатење сочинува 11 отсто од сите печатени банкноти. Најголемите печатници на банкноти се во Европа и во Северна Америка.

Бизнисот со печатење пари е вреден, но и таинствен. Повеќето печатници одбиваат да откријат за кого работат, а ни владите не сакаат да зборуваат за тоа

Британската компанија „Де ла ру“, која го загуби тендерот да ги печати новите сини британски пасоши годинава, е најголемата печатница за банкноти во светот. Таа печати готовина за околу 140 централни банки. Секоја недела таа произведува толку банкноти што ако се наредат на куп ќе бидат двојно повисоки од Еверест. Нејзиниот ривал, германската компанија „Гисеке и Девриент“, печати банкноти за околу 100 централни банки, додека Канадската печатница за банкноти, како и американски и шведски „Крејн“ се исто така големи играчи. Иако станува збор за голем бизнис, од друга страна, пак, е доста таинствен.

Би-би-си контактира со повеќе печатници на пари, но сите одбија да дадат одговор точно за која централна банка работат. Исто така, многу влади не сакаат да зборуваат за тоа. Можеби е разбирлив гневот во Индија што ја покажува чувствителноста на некои луѓе за тоа каде се печатат нивните пари. Данкан Конорс, експертот по историја на пари на Универзитетот во Дурам, вели дека ова е прашање на национализмот.

Државите не печатат пари дома зашто тоа е скапо и тешко. Компаниите што се занимаваат со овој бизнис постојат неколку стотици години. Тие располагаат со специјална технологија и развиена доверба во безбедноста. „Де ла ру“ почна да работи во 1869 година, прво за Маврициус, а потоа за сите. Таа ги произведува новите полимерни банкноти од пет и десет фунти на Банката на Англија.

За помалите држави пологично е да ги печатат парите во странство. Можеби не вреди да вложуваат во скапи печатници ако им се потребни малку банкноти. Исто така би било потребно да бидат во чекор со најновите технолошки напредоци за да се спречи фалсификувањето. Една печатница на банкноти годишно печати до 1,4 милијарда банкноти. Ако една централна банка печати помалку од оваа бројка, навистина не ѝ се исплати финансиски да има своја. Американските печатници годишно печатат просечно по седум милијарди банкноти.

Малата пацифичка нација Соломонови Острови, која има 600.000 жители, ја ангажира „Де ла ру“ да ја дизајнира и печати нејзината валута. Другите јавно достапни информации покажуваат дека Македонија и Боцвана исто така соработуваат со британската компанија.

Генерално, загриженоста во Индија беше поради прашањата за националната безбедност, особено затоа што државата актуелно води граничен спор со Кина. Но дали се основани стравовите за печатење во странство?

Истакнат пример е случајот со Либија од 2011 година. Британската влада задржа околу 1,86 милијарда динари, односно околу 929 милиони фунти, од кои околу 140 милиони фунти беа испечатени од „Де ла ру“, што предизвика недостиг од готовина за време на последните денови од владеењето на Моамер Гадафи.

Во некои случаи странска влада може да задржи готовина, но тоа ретко се случува.

Инцидентот со Либија ги шокира експертите во индустријата, но немаше големо влијание врз печатењето пари во странство. Теоретски, една држава може да биде под закана од надворешното производство ако странската компанија испечатила повеќе од договореното без дозвола на централната банка, па на тој начин прекумерно може да ја снабди економијата со пари. Ова може да има непосакуван ефект врз економијата, како што е појавата на инфлација. Исто така постои ризик дека странската печатница ќе ги знае безбедносните карактеристики на одредена банкнота, со тоа што може да се појават фалсификати. Сепак, не постојат видливи докази што би укажале на тоа дека се случиле вакви примери.

Сепак се поставува прашањето колкава е довербата во државите со високо ниво на корупција што самите ги печатат своите валути.

– Дали им се верува на луѓето од сопствената држава дека можат самите да ги печатат своите пари – прашува Конорс.

Со оглед на тоа што повеќето валути сè уште се печатат во самите држави, можеби и не постои толку голема закана.

Повеќето држави сами ги печатат своите банкноти, а мал дел се печатат преку комерцијалната индустрија – вели Гијом Лепек, директор на Меѓународната асоцијација за валути.

Не постои меѓународно тело за регулирање на печатењето пари.

Македонија е една од земјите што соработуваат со британската печатница „Де ла ру“

Дали во иднина ќе ни треба готовина?

Многу луѓе не користат готовина. Апликациите и бесконтактното плаќање го олеснија плаќањето, што дури не се ни потребни банкноти.
Народната банка на Кина вели дека само 10 отсто од плаќањата биле во готовина во 2016 година поради подемот на плаќање преку мобилен телефон. Покрај ова, според индустриските експерти од „Смитерс пира“, потребата за банкноти во светот продолжува да расте. Се проценува дека годишниот пораст ќе биде 3,2 отсто за светскиот пазар, кој во моментов вреди нешто помалку од 10 милијарди долари. Азија и Африка се најбрзорастечки региони за печатење банкноти. Па, така, готовината уште долго ќе се бара на пазарот.